02 Мај, 2024
0.0290

Извршители ја тероризираат пензионерката Надица: Казнета сум што не сакам да користам нешто уште од 2007

Објавено во: Економија 22 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Надица Спасовска е веќе две години во пензија, но не може во спокојство да ги минува пензионерските денови затоа што еднократно и пристигнале осум извршни решенија за неплатен паушал од БЕГ за периодот 2012/2013, иако таа е исклучена од системот на парно-греење уште од 2007 година.

Во моментов преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и се запира една третина од пензијата поради осум извршни налози што и биле доставени одеднаш оваа година за неплатени паушали и кои вкупно изнесуваат околу 140.000 денари плус очекуваните камати што би можеле дополнително да следуваат. Од извршните решенија што ни ги покажа Спасовска може да се види дека за надоместок од 420 денари треба да плати 18.852, ила за 596 треба да се раздолжува со 17.935 денари, итн. Сите осум извршни решенија се со слични суми во однос на сумата што треба да се исплати за извршителот, нотарот и адвокатот и плус за паушалот кој месечно се движел од најмалку 420 до најмногу 828 денари. Очекува овие решенија да ги исплаќа три години со добар дел од својата пензија и живее во постојан страв дека еден ден ќе дојде ситуација и станот да и го стават на продажба бидејќи не знае што може да очекува од извршителите за преостанатите години.

Една од членовите на „Но Пасаран“, која активно протестира поради неправдата која и е нанесена, живее во скопската населба Аеродором и уште пред дузина години се исклучила од системот на топловодна мрежа затоа што сметките и се чинеле скапо, а против извршителите се бори и по судски пат, иако засега безуспешно, затоа што судот ги одбива нејзините приговори.

До пред неколку години таа работела како правник во „Пелагонија Инженеринг“ по што заминува под бирото за вработување како технолошки вишок непосредно пред пензионирањето, а вели дека за загревање на својот стан и е доволно само една панелка. Има пресуда дека претпријатието и должи надомест од околу 20.000 евра, односно неисплатени 1,171 милиони денари и тоа го користи како доказ дека морала да се исклучи од системот на парно-греење, бидејќи немала други приходи за да ги плаќа сметките.

- Во таа смисла јас сум се исклучила од системот, а не од лукративни причини. Со оваа пресуда го докажувам тоа. Покрај тоа, се надевам и на една друга пресуда за поединец која е преседан во македонското судство дека од 2012, кога БЕГ ја добива лиценцата за работа,  нема право да наплатува паушал на некој кој нема, ниту имал постигнато договор со нив. Се чувствувам казнета за нешто што не сакам да го користам веќе 12 години, вели Спасовска.

Од април 2019 од кога Регулаторната комисија за енергетика ги усвои новите правила и тарифи за снабдување со топлинска енергија, паушалите повеќе не се наплатуваат, но таа веќе има три предупредувања од извршител за јануари, февруари и март, која ги добила еднократно доставени.

- Целата работа не е според законот за комунални дејности за склучен договор за топлинска енергија до мерниот инструмент на корисникот, туку според некои подзаконски интерни правила на игра на БЕГ, што е недозволиво за ДООЕЛ со основачки влог од 5.000 евра. Во 2012 примив известување дека морам да склучам договор со нив, а каков е тој договор што ме обврзува на нешто што не е регулирано со закон, тврди Спасовска.

Има дури 18 пресуди на кои е одбиена од судот, за што дополнително ќе плаќа судски трошоци преку наплата од Управата за јавни приходи од и онака скромната пензија.

- Тие имаат своја правна служба која очигледно ништо не работи, па ние треба дополнително да исплаќаме награди за адвокатски друшѕва, вели таа.

Една од армијата исклучени граѓани од градскиот парно-систем се повикува и на пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбуг во контекст на тоа дека своевремено нејзиното загревање го обезбедувало „Топлификација“.

- При промена на правен субјект, не може да бидат превземени податоците од стариот субјект. Очекувам правда преку еден мораториум на целата ситуација и извршување на една ревизија преку законски измени кои ќе ги обезбеди државата. Не може некојси ДООЕЛ да ни ја крои судбината на илјадници, додава Спасовска, која две години во континуитет учествува на сите собири на „Но Пасаран“.

До сега три пати била „блокирана“ преку ПИОМ, а последен пат со извршно решение од Благоја Каламатиев.

- Овој чај што го пијам може да ме фатат за гуша ако не го платам, но не можам да плаќам нешто за што не го користам. Се укажува на тоа дека станува збор за испреплетена мрежа на сомнителни интереси. Тргнете од директорот на БЕГ, Методи Стојчев. Сопругата му е нотарка која работи на платни налози. Антикорупциската комисија треба да ги испита овие ситуации, тврди таа.

Спасовска нема потомци, но има внуци кои и даваат поддршка во тешките моменти. Вели дека единствено што бара е спокојно да ги минува своите пензионерски денови и да проработат институциите и да ја сопрат, како што вели таа, масовната кражба. 

Александар Кузмановски


Можеби ќе ве интересира

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање