Добивај вести на Viber
Македонија лани извезе 16.552.139 литри вино во шишиња во вредност од 16.877.350 евра и 98.608.953 литри наливно вино во вредност од 38.348.430 евра. Производството на вино минатата година изнесуваше 780.769 хектолитри вино на точење и 159.019 хектолитри вино во шишиња, покажуваат статистичките податоци.
Интересно е што во последниве години трендот на производство на вино во шишиња е во пораст и се движи од 149.372 хектолитри во 2010 година, до 159.019 хектолитри во 2012 година.
Според податоците од Статистичкиот деловен регистар, во Македонија работат 81 винарија, лоцирани претежно во Скопје, Кавадарци и Неготино. Статистиката покажува и дека во периодот 2009-2011 година, површините под винова лоза се во благ пораст.
Во 2009 година винова лоза била засадена на површина од 19.960 хектари, во 2010 година на површина од 20.033 хектари, а во 2011 година на површина од 20.164 хектари.
Државниот завод за статистика обелоденува и дека во 2011 година прометот на вино од свежо грозје во трговијата на мало учествува со 15.2 % во вкупниот промет на алкохолни пијалаци и изнесува 247 милиони денари, додека прометот на природна ракија во вкупниот промет на алкохолни пијалаци учествува со 12.4% и изнесува околу 200 милиони денари.
Пресметано е дека во 2011 година македонските граѓани на возраст над 18 години просечно испиле по 2,0 литри вино и 0,9 литри ракија.