16 Мај, 2024
0.0265

Изгубени во маглата!

Објавено во: Колумни 25 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Во 80-те години од минатиот век, маглата беше присутна на овие наши простори. Со полно право, морам да истакнам. Се сеќавам дека тогаш на телевизија се емитуваше филмскиот хит „Магла“ на Џон Карпентер. Одличен филм со одлична порака: „Она што не можете да го видите, не може да ве повреди. Тоа може да ве убие!“

Во тоа време и Јосипа Лисац пееше за маглата околу нас. Стиховите од песната беа посветени на разделбата, на јазот помеѓу две некогаш блиски личности, на изгубените соништа и илузии.

Не можам да го заборавам ниту натпреварот помеѓу Црвена Ѕвезда и Милан од тој период. Оној натпревар кој требаше да се одигра во Белград и кој почна, но не заврши поради густата магла. А се сеќавам, играчите на Црвена Ѕвезда одлично играа во маглата, па дури и водеа со 1:0. Сепак, натпреварот беше прекинат, па се играше одново следниот ден. Црвена Ѕвезда изгуби. Колку ли само симболика имаше во тоа. Луѓето на овие простори научиле „подобро да играат во магла, отколку на ведро време.“

Да се вратиме во 2013 година. Сега е крај на декември, зимата и календарски започна, а за неколку дена и Новата година ќе дојде. Ова е одличен период да се направи ретроспектива на годината што е на заминување, да видиме по што ќе ја паметиме, што ќе им кажуваме на нашите деца и внуци за настаните од оваа година.

Хм, ретроспектива... Како да се направи ретроспектива кога „прст пред око не се гледа од проклетата магла.“ Не се гледа ниту напред, а за назад и да не зборуваме. Сосема е нормално дел од сеќавањата да потонат во маглата, но ова е неверојатно. Како некој со гума да ја избришал меморијата за настаните од 2013 година. И индивидуалната и колективната меморија.

Ова е период од годината кога се среќаваме со многу луѓе. Сеедно кој е поводот. Прослави, забави, предновогодишни коктели. Најголемиот дел од луѓето на прашањето по што ќе ја паметат оваа година одговараат: „А по што да ја паметам? Просечна година, просечни настани, нема што да се памети! Уште една година изминала, ние сме постари, а ништо зад нас не останало што е вредно за споменување“.

Од друга страна, оние меѓу нас кои што се непоправливи оптимисти и што ставаат розови очила кога гледаат на стварноста, тешко можат да ги прифатат горе наведените констатации. Тешко можат да прифатат дека изминале уште 365 дена од животот, а ништо не се изменило во однос на минатата година. Или во однос на периодот од пред 10 години. Тие ќе се свртат кон глобалните текови во економијата или кон другите сфери на општественото живеење.

И со што ќе се соочат? Со она што е веќе видено со години и децении наназад. Истите теми, истите дискусии, истите аргументи. Истите ветувања, истите надежи и илузии...

Кога се прави ретроспектива, може многу да се пишува на тема економија. Може, ама нема не вреди! Која е поентата повторно и повторно да се прават истите анализи и да се извлекуваат истите заклучоци?

Ако веќе не можеме да направиме ретроспектива на економските случувања во 2013 година, а притоа да не препишуваме од ретроспективите од претходните години, сосема е природно да се постави прашањето: По што ќе ја паметиме 2013 година? Сите ние заедно? Или секој од нас поединечно?

Ех, по што... Проклетата магла ни пречи јасно да гледаме и во минатото и во иднината. Сите ние се вклопуваме во сивилото на просечноста, а сонцето е скриено далеку зад маглата.

Кој се надеваше дека крајот на годината ќе го дочекаме со временска неприлика која има и симболично значење?

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка