13 Август, 2020
0.0241

Интервју Зајкова: Имаме волја за функционален правен систем, големи промени се возможни со активни млади

Објавено во: Интервјуа 09 Јули, 2020

На претстојните избори прашањата за враќање на владеење на правото, справување со корупцијата, организираниот криминал, изградба на институциите и враќање на демократските норми ќе бидат клучни „фактори“, особено во состојба на зголемена апатичност на гласачите и изгубена надеж дека вистински промени се возможни. Со кандидатот за пратеник Моника Зајкова разговараме токму за потребите на младите луѓе во Македонија, како да се справиме со иселувањето, непотизмот, партизираноста, но и за прашањата за прогресивната агенда како спречување на дискриминацијата и подобрување на положбата на маргинализираните групи. Зајкова е една од најмладите кандидатки за пратеник и настапува во коалицијата „Можеме“ како дел од ЛДП. Зајкова вели дека има политичка волја за реформи иако во претходниот мандат тие биле бавни. Ако стане пратеник нејзината канцеларија во Собранието ќе биде отворена за младите кои според неа сакаат функционални институции и треба да бидат активно во процесот на носење на одлуки.

Фактор: Кои се клучните „фактори“ за кои се залагате како млад политичар во оваа кампања, кои се главните потреби на младите во Македонија и зошто тие треба да ви ја дадат довербата?

Зајкова: Сведоци сме дека сите големи промени се случиле со подигнување на гласот на младите. Затоа сакам да ги поттикнам младите луѓе да бидат активни чинители во процесот на креирање и носење на одлуки, бидејќи секоја одлука се однесува токму на нашата сегашност и иднина. Бидејќи голем дел од младите сме скептици дека можеме нешто да промениме, сакам да ги охрабрам дека можеби како индивидуи не можеме многу, но како група на млади луѓе сигурно можеме да промениме многу работи. Секогаш сум била поборник за тоа да се цени квалитетот на младиот човек и да се даде шанса да покажат и младите што знаат за да го подобрат системот. Она за што како млад човек се залагам најмногу во оваа кампања се токму младинските мерки и политики. Покрај младинските политики, како млад политичар сметам дека особено се важни човековите права и недискриминацијата. Младите бараат систем кој е функционален, ефикасни институции, систем каде постои одговорност. Систем кој им нуди еднакви можности и услови за образование, работа, користење на младински грантови за започнување на сопствен бизнис. Можеби сум преголем ентузијаст но, сметам дека сето тоа може и мора да го овозможиме. Системот треба да го градиме заедно. Довербата ја барам за ние заедно со сите млади да иницираме идеи, како и предлози за кои ќе се бориме да бидат имплементирани. Младите најдобро знаат што им треба и затоа мојата канцеларија во Собранието ќе биде канцеларија на младите, но и на секој граѓанин. За преку конструктивни предлози заедно да носиме решенија.

Фактор: Вие по професија сте правник, магистер по граѓанско право. Оваа власт ветуваше голема борба со организираниот криминал и корупцијата, но по четири години не видовме речиси никој да одговара, а се отворија и нови скандали. Како ќе го вратите владеењето на правото во државата и дали секој ќе одговара за своите постапки без оглед на партиската припадност и статусот на моќ?

Зајкова: Токму како правничка со положен правосуден испит која три години работеше и во Адвокатско друштво најмногу ме боли оваа тема. Точно е дека многу работи беа ветени и можеби не се реализирани стопроцентно, но се покажа дека има волја за подобрување на работите. Знаете судската власт е независна и било какво мешање од страна на извршната власт го руши концептот на независност. Ние бевме сведоци на монтирани процеси, на немање судски разрешници итн. Меѓутоа реформата во правосудниот систем треба да знаеме дека не е настан, туку процес. Процес кој за жал многу бавно се одвиваше во изминатите години. А, тоа беше така затоа што немаше консензус во Собранието да се донесат законски измени кои ќе бидат основата за отпочнување на реформите во оваа област. Знаеме низ колку долги преговори и опструкции поминуваше Законот за јавно обвинителство кој закон го сметам за светла точка во минатиот мандат, понатаму Законот за судски совет, Законот за судовите и низа други закони. Од она што следев знам дека беа иницирани и измени на Кривичниот закон со кој требаше да се подигне времето на апсолутната застареност, токму од причина што голем дел од судските предмети завршуваат како застарени, но и за тоа се немаше волја.

На виделина излезе зошто позицијата не сакаше да се донесе Законот за јавно обвинителство, сакаше да го заштити криминалот во сопствените редови. Проблем е и што некои судии, избрани од некои тефтерчиња, ги кочеа процесите, па дури дозволија и двајца од осомничените да побегнат и да се недостапни на органите. Се изигруваше законот и наместо примена на АКМИС системот, предметите незаконски, се делеа на „послушните“ судии. 

Позитивна работа беше и напуштањето на системот на електронско полагање на правосудниот, извршителскиот и нотарскиот испит. Се врати систем на писмено и усно полагање на испитот пред соодветни испитни комисии, заради враќање на квалитетот на правниците и подигнување на професионалните капацитети на лицата кои вршат јавни функции во нашата држава. Оттука сметам дека за вистинско враќање на владеењето на правото треба да имаме еден општествен договор, дека ќе ги почитуваме законите кои веќе постојат во оваа област, ќе ги менуваме во делот кој навистина претставува предмет на злоупотреба и недоречености и ќе ги оставиме правосудните органи да работат објективно и независно. Таа култура се создава уште за време на студиите, начинот на избор на судиите, нивните морални карактеристики, внимателно истакнување ставови во пресудите кои создаваат пракса при носење на одлуки, вклучување на експерти од областа, но и квалитетни млади правници во работните групи за подготовка на закони во доменот на правосудството. Ние генерализираме во поглед на тоа дека сите судии или обвинители се корумпирани или носат пресуди по нечија директива. Напротив има луѓе кои се професионалци во областа и треба да се стремиме тие луѓе да бидат на чело на правосудниот систем. Кога ќе видиме еден функционален систем почнувајќи од квалитет на Правниот факултет, квалитетна судска администрација, критериум за положен правосуден испит, немешање во селекцијата и изборот на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители и утврдени критериуми за избор на судии и обвинители, можност странките да ја оценат работата на судиите и систем на одговорност на сите чинители во правосудниот систем, дури тогаш ќе можеме да зборуваме за враќање на довербата во судската власт, неселективна правда и вистинско владеење на правото. Во оваа област не треба да ветуваме, туку да ги детектираме законските аномалии и злоупотреби и да креираме нови законски решенија кои ќе водат до подобрување на системот во оваа област. За жал ова е област каде голем дел од законите се носат со 2/3 мнозинство, па оттука се надевам дека она за што се залагаме ќе успееме да го имплементираме. Затоа напоменав дека мора да имаме општествен договор дека оваа област ни е важна и дека сите заедно ќе ги почитуваме законите со кои е регулирана истата и ќе обезбедиме независна судска власт.

Фактор: Реформите во образованието беа силно најавувани, но сега видлив е одреден застој, па дури имаше и критики внатре од луѓето во власта кои ги напуштија работните групи обвинувајќи дека нема услови за вистински напредок. Како да се подобри целокупното образование во Македонија, што е потребно да се преземе?

Зајкова: Како млад човек ме радува само што навистина се покажа волја за реформа во оваа област. Се донесоа низа закони, беа реконструирани и се вложуваше во изградбата на училишта, градинки, се укина екстерното тестирање. И она што мене најмногу ме радува е Законот за високо образование со којшто се гарантира автономијата на универзитетите, нивна департизација и професионализација, а студентите веќе на непосредни и демократски студентски избори ги избраа своите претставници во органите на универзитетите.

Можеби не можам да зборам многу за образованието од аспект на системски промени бидејќи не сум човек од фелата, но како млад човек кој до неодамна бил дел од образовниот процес можам да кажам дека иако започнавме со реформа и направивме многу, кога се работи за оваа клучна област секогаш можеме повеќе. Лично сметам дека може да се подобрат наставните програми, квалитетот и условите за наставата. Ќе говорам конкретно за високото образование каде е потребно вложување не само во подобрување на условите на објектите на Универзитетите, туку и пристапот до стручна литература, дигитализација на услугите, создавање услови за практична настава итн. Исто она што мене ми е особено значајно е да не постои дискриминација во средното и високото образование. Тоа значи еднаков третман на учениците и студентите од приватните и државните училишта и Универзитети. Да се фокусираме на градење квалитетни и не само теоретски подготвени кадри. Туку кадри кои ќе придонесуваат за развој на општеството и ќе бидат спремни да одговорат на потребите на пазарот на труд.

Фактор: Токму иселувањето на младите, бесперспективноста, потребата од партиска книшка за напредок во кариерата и бизнисот, сеприсутниот непотизам се проблеми кои ниту една власт не ги реши и продолжува со практиките од минатото. Како ќе гарантирате дека ќе се справите со овие предизвици?

Зајкова: Јас не можам да гарантирам било што, но можам да кажам дека преку иницирање на конкретни мерки ќе се залагам за подобрување на работите. Јас сум првиот поборник за тоа да се цени што знам, а не кого знам. На трибините на Либерално демократската партија насловени како „Размислувај различно“ говорев дека младите веќе се почесто си заминуваат не од финансиски причини, но поради нефункционалноста на системот, на институциите. Бев дел внатре во системот и знам колку истиот не функционира и каква бирократска поставеност нуди. Младите кои заминаа никој не може да ги врати дома, тоа го знам од аспект на лична приказна- мојот брат е во друга земја и својата перспектива ја гледа таму. Но, можеме да создадеме услови за оние млади луѓе кои останаа тука да имаат подобар животен стандард и да го спречиме нивното заминување. Борбата за надминување на овие практики треба сите ние, особено младите луѓе да ја водиме заедно. Да не се плашиме јавно да говориме за она што ни пречи. Минатиот период активно се боревме како партија и успеавме да го издејствуваме носењето на Законот за субвенциониран студентски оброк. Со таква упорност и нови идеи ќе продолжиме да се бориме и во периодот кој следи. Да градиме доверба кај младите. Довербата се создава кога секој млад човек кој исполнува критериуми ќе има еднаков пристап до стипендии, грантови за младинско претприемништво, слободно здружување на младите. Ние како Коалиција предвидовме создавање на Фонд за млади умови кој токму има за цел да обезбеди финансиска поддршка за развој на креативниот и критичкиот потенцијал на младите, Старт-ап село кое нуди можност за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка, отворање на младински центри. Оттука, јас сум свесна дека влегуваме во огромни предизвици, но нема предизвик, на кој доколку има силна волја не може да се одговори. Затоа сметам дека полека, но сигурно ќе градиме нов систем на позитивни вредности во кој непотизмот, партиската книшка, иселувањето ќе останат само практики од минатото. Ние ги креираме практиките. Затоа иако во минатото бев скептична за активно вклучување во процесот на креирање политики сметам дека секој млад човек треба да биде активен чинител, не да членува во политичка партија, но да биде дел од граѓанскиот сектор, гласно да говори, да дава предлози. Само на тој начин лошите практики од минатото ќе бидат заменети со еднакви можности, неселeктивност, достапност, функционалност.

Фактор: Доаѓаат ли до израз идеолошките заложби на ЛДП во оваа владејачка констелација. Законот за заштита од дискриминација беше поништен од Уставниот суд, маргинализираните групи и натаму се незаштитени, додека пак идеи како декриминализација на марихуаната се табу тема. „Можеме ли либерално кон Европа“ со вакви постапки?

Зајкова: Законот за заштита од дискриминација е закон кој беше на агендата на оваа коaлиција и во претходниот мандат, но за жал беше поништен поради недоволен број на гласови со кои е донесен. Затоа истиот ќе се залагам да биде на приоритетната листа на Закони кои уште на почетокот од мандатот ќе ги донесе новиот состав на Собранието. Се согласувам дека тој закон беше една светла точка во борбата со дискриминацијата и дека во моментот имаме вакуум простор односно нерегулација. Не смееме да дозволиме враќање назад. На оваа земја и треба уште попрогресивен закон за заштита од дискриминација. Многу е важно да почне непристрасно и објективно да работи Комисијата за заштита од дискриминација, а не да биде глува на случувањата како што беше во минатото. Овој закон е особено значаен бидејќи ја регулира и недискриминацијата базирана на родов идентитет. Мораме да престанеме да ги гледаме со омраза оние кои се различни. Унапредувањата на правата на една група не значи ускратување на истите на друга. Како што сме еднакви во поглед на обврските кои ги имаме кон државата, така мора да бидеме еднакви и во уживање на правата. По однос на прашањето за  легализацијата на канабисот од неодамна сум дел од работната група која ќе работи на носење на Закон за регулирање на оваа област, тоа е заложба за која сме се бореле и ќе се бориме додека не стане реалност. Оваа коалиција е отворена и демократска, па оттука сметам дека заложбите на секоја идеологија во неа можат да бидат предмет на дискусија и поддршка. Ние сме партија која се залага за унапредување на човековите права, развојна економија, децентрализација, легализација на канабис, недискриминација по било кој основ, затоа и слоганот е ставен „Либерално кон Европа“. Затоа што се стремиме да бидеме рамо до рамо со нашите врсници во Европа, патот кој го трасираме за членство во ЕУ мора да опфаќа и либерални политики.

Фактор: ЛДП останува во коалицијата предводена од СДСМ. Верувате ли дека можете повторно да победите на изборите и кои партии ќе бидат клучни за формирање на новата влада?

Зајкова: ЛДП е дел од тим кој покажа дека чекори напред кон прогрес и отвора подобри можности. Како партија која има либерална идеологија и се стреми кон носење на европските вредности дома. Стоиме на прагот на отворање на една голема врата, а секој од нас го има клучот со кој или ќе ја отвориме и ќе влеземе внатре или ќе се вратиме чекори назад. Прогресивните политики кои се водеа изминатиот период не треба тука да застанат. За да го продолжиме напредокот на земјата бараме поддршка од граѓаните да покажеме дека тоа го можеме. Бараме еден чист мандат во кој фокусот ќе биде поставен на решавање на се она што ни остана несредено како последица на претходниот систем. Верувам дека граѓаните ја препознаваат разликата, ја чувствуваат слободата. Дека младите можат да ја препознаат визијата која им отвора нови перспективи и можности. Затоа и верувам дека ќе ја добиеме поддршката и ќе докажеме дека можеме и повеќе и подобро. И дека можеме Либерално кон Европа. Во однос на партиите кои ќе бидат клучни за формирање на Влада ќе одлучат граѓаните и нивната мнозинска волја. 

Христијан Станоевиќ