15 Мај, 2024
0.0295

ИНТЕРВЈУ ЦАРОВСКА: Заврши времето ,,ти мене глас, јас тебе социјална помош“

Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Секое четиричлено семејство кое живее во сиромаштија и не остварува друг приход ќе добива 12.000 денари месечно. Граѓанинот мора да се врати во фокусот на унапредување на социјалните политики и услуги. Ќе обезбедиме функционирање на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита. Со поделба на материјалните права од стручната социјална работа и со воведување посебни институции кои ќе се грижат за материјалните услуги, ќе се овозможи подобро задоволување на социјалните потреби на граѓаните, но и поголема контрола на исплатата на социјалните бенефиции. Дополнително, ќе воведеме семеен социјален работник близок со граѓаните, кој работи на превенција и интервенција во семејниот систем. Ќе донесеме нов Закон за работни односи посветен на унапредување на заштитата на работничките права и со него дополнително ќе воспоставиме регистар за прекувремени работни часови во УЈП” - ова се дел од приоритетите во програмата на Министерството за труд и социјална работа кои во интервју за Фактор ги образложува министерката Мила Царовска. Вели, Министерството за труд и социјална политика и институциите под негова надлежност конечно ќе имаат шанса да се развијат во вистински сервис за граѓаните.

Фактор: Ресорот труд и социјала можеби е еден од најсуптилните, најтешките и пред се сензитивен дел во кој спаѓаат најголемите социјални проблеми кои ги засегаат граѓаните. Кои ќе бидат приоритетите на новата Влада во делот на социјалата?

ЦаровскаДобар живот за сите граѓани во Република Македонија е главниот приоритет на новата Влада. Точно е, ресорот за труд и социјална политика е еден од најсензитивните, бидејќи ќе работи на подобрување на животниот стандард на најранливите граѓани во државата. Токму затоа голем е предизвикот за мене и за мојот тим, кој се обврза дека посветено ќе работи на враќање на граѓанинот во фокусот на унапредување на социјалните политики и услуги. Министерството за труд и социјална политика и институциите под негова надлежност конечно ќе имаат шанса да се развијат во вистински сервис за граѓаните.

Програмата на новата реформска Влада се темели на овие принципи, и за да може да обезбедиме можности за подобар живот на сите граѓани во државата, ќе работиме на повеќе процеси истовремено. Од една страна подобар живот значи повисоки плати, и затоа се обврзавме дека итно ќе ја покачиме минималната плата за сите работници, но ќе работиме и на заштита на работничките права. Од друга страна, пак, ќе ги намалуваме трошоците за живот и ќе ги насочуваме парите назад кон граѓаните, помагајќи им прво на најсиромашните.

Ќе се посветиме и кон подобрување на системот на социјална заштита во две насоки: развивање на подобри критериуми за насочување на надоместоците кај најранливите граѓани и издвојување на материјалните права од стручната социјална работа. Ќе обезбедиме функционирање на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита. Со поделба на материјалните права од стручната социјална работа и со воведување посебни институции кои ќе се грижат за материјалните услуги, ќе се овозможи подобро задоволување на социјалните потреби на граѓаните, но и поголема контрола на исплатата на социјалните бенефиции. Дополнително, ќе воведеме семеен социјален работник близок со граѓаните, кој работи на превенција и интервенција во семејниот систем. Бројот на опфатени семејства од страна на секој социјален работник се предвидени со стандарди и нормативи кои ќе гарантираат квалитет на социјалната работа во Македонија, како за граѓаните, така и за стручните работници.

Фактор: Како ќе се враќа довербата во институциите бидејќи токму преку мерките за социјално ранливите категории се билдаше партиското влијание на претходната власт и се прибираа сигурни гласачи?

ЦаровскаДовербата во институциите мора да се врати! Ова е наш приоритет. Заврши времето на уцени за глас повеќе. Тие се луѓе со достоинство, кое уште од денеска им го враќаме, бидејќи им беше киднапирано и украдено. Повеќе нема да важи правилото ,,ти мене глас, јас тебе социјална помош’’. Секој што согласно Закон има некакво право, тоа и ќе го оствари, без да биде условуван или уценуван.

Фактор: Главна цел на социјалната политика е намалувањето на стапката на сиромаштија. Кои мерки ќе ги превземете и кој е реалниот процент кој може да се очекува на почетокот од мандатот на новата Влада?

ЦаровскаЕдна од главните цели на нашите социјални политики е да ги извлечеме од тешка состојба лицата кои живеат во сиромаштија. Затоа ќе воведеме програма преку која лицата кои живеат во сиромаштија ќе добијат паричен надомест како надополнување на нивниот приход. Секое четиричлено семејство кое живее во сиромаштија и не остварува друг приход ќе добива 12.000 денари месечно. На пример, ако едно семејството има приход од 4.000 денари, тогаш државата ќе помогне со паричен надомест од уште 8.000 денари.

Но, само зголемен паричен надомест не го решава проблемот на сиромашните. Затоа Министерството ќе работи и на помагање во процесот на наоѓање пристојни и одржливи работни места и социјална инклузија на маргинализираните групи во општеството.

Работејќи во таа насока, нашата цел е да се намали стапката на сиромаштија на 16% до 2020 година.

Фактор: Стечајците се посебна категорија на граѓани кои имаат одредена возрасна граница и имаат години од работен стаж, а сеуште немаат решен статус до пензионирање? Како ќе им се помага?

ЦаровскаПроблемот на стечајните работници се провлекува години наназад и сметаме дека ова прашање мора да се реши што поскоро. Затоа во првите 100 дена од мандатот, нашиот план е да донесеме Закон со кој ќе бидат финансиски обезбедени сите стечајни работници. Конечно, и тие заслужуваат да добијат надокнада затоа што се вложувале себе си во ова општество.

Пензионерите се користеа како најсигурни гласачи досега. Дали се планира комплетна ревизија за зависноста на пензискиот фонд од буџетот за да се утврди точниот одлив на пари одн централната каса и како ќе се имплементираат препораките на Светска банка?

Се разбира, и пензионерите се вклучени во нашата Програма. И без оглед чии најсигурни гласачи се тие, ние одговорно тврдиме дека сигурно ќе се грижиме за нив. Токму затоа, ќе субвенционираме сместување во старски домови за пензионерите со ниски примања, без поддршка од семејството и без сопствен имот. Исто така, доколку е потребно, ќе се изврши и ревизија на пензискиот фонд за да се утврди фактичката состојба и согласно тоа ќе се направат проекции. Покрај подобрување на условите за пензиски примања, крајната цел е целосно подобрување на квалитетот на живот на пензионерите.

Фактор: Родителите на лицата со попреченост бараа законски измени за заштита на децата. Поставија шатори пред Собранието и бараат помош и законска рамка која ќе гарантира дека нивните деца ќе бидат згрижени и заштитени. Што ќе превземете?

ЦаровскаНаша цел е социјалните услуги да бидат поблиски до граѓаните, со тоа што нивното програмирање и управување ќе се даде во надлежност на локалната самоуправа. Затоа ќе се развијат сервиси за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа, вклученост, учество и внимание на лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, центри за превенција и заштита од родово базирано насилство, и сервиси за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик.

Ние сме отворени и подготвени за блиска соработка со организациите на родителите на лица со попреченост и подготвени сме да ги разгледаме сите нивни барања, за кои ќе бараме и имплементираме законски одржливи решенија. Сакаме да се осигураме дека законските реформи кои ќе се донесат ќе бидат во склад со потребите на засегнатите лица, и затоа сметаме дека транспарентната и интензивна соработка е клучна во процесот.

Фактор: Каква треба да биде соработката со синдикатите за да се добие транспарентен и професионален социјален дијалог кој нема да се темели на партиски туку на работнички интереси?

ЦаровскаКако и сè друго во државава, и синдикатите беа заробени од партијата на власт, со или без нивна волја. Очекувам дека наскоро синдикатите, ослободени од партиски стеги, ќе станат вистински коректор на нашите политики.

Министерството за труд и социјална политика ќе се залага за слободно синдикално организирање на службениците и слобода на одлучување за членство во синдикатите. Нема да дозволиме злоупотреба на синдикалното организирање во цели кои не се во функција на заштита на правата и слободите на вработените.

Во таа насока, ќе донесеме нов Закон за работни односи посветен на унапредување на заштитата на работничките права. Со него дополнително ќе воспоставиме регистар за прекувремени работни часови во УЈП. Колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистар. И тука процесот не застанува, туку само почнува. Во соработка со сите засегнати страни ќе продолжиме да работиме на зајакнување на системот за заштита на работничките права и подобрување на стандардот за сите работници.

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Медицинскиот директор на Токсикологија е разрешен

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Медицинскиот директор на Токсикологија е разрешен

ТРАЈАНОВ: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе обезбеди 63 – 64 пратеници

ТРАЈАНОВ: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе обезбеди 63 – 64 пратеници

ФУНКЦИОНЕР НА НАТО: Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува

ФУНКЦИОНЕР НА НАТО: Северна Македонија во НАТО влезе под уставното име и тоа е името под кое се претставува

OСМАНИ СО АМБАСАДОРИТЕ: Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес

OСМАНИ СО АМБАСАДОРИТЕ: Изразив загриженост за компромитирање на изборниот процес

OJO ЗА УБИСТВОТО ВО СТАЈКОВЦИ: Eдно лице ги убило сопствениот брат и сопругата на другиот брат

OJO ЗА УБИСТВОТО ВО СТАЈКОВЦИ: Eдно лице ги убило сопствениот брат и сопругата на другиот брат

ПОСВОЕНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ РОДИТЕЛИ: Дали пресудата од Стразбур во корист на Митровска ќе го смени Законот за семејство?

ПОСВОЕНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КОИ ИМ СЕ РОДИТЕЛИ: Дали пресудата од Стразбур во корист на Митровска ќе го смени Законот за семејство?

ТРАГЕДИЈА: Двојно убиство го потресе Стајковци

ТРАГЕДИЈА: Двојно убиство го потресе Стајковци

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ПРЕСЕЧЕ - разрешен е директорот на Токсикологија, Данил Петровски

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ПРЕСЕЧЕ - разрешен е директорот на Токсикологија, Данил Петровски

ПОВЕЌЕ НАРЕДБИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА СМРТТА НА БЕБЕТО ОД ВЕВЧАНИ: ОЈО прибира докази, земени се документите од „Св Еразмо“

ПОВЕЌЕ НАРЕДБИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА СМРТТА НА БЕБЕТО ОД ВЕВЧАНИ: ОЈО прибира докази, земени се документите од „Св Еразмо“