Има ли Коѕиас црвени линии и кои се?
Објавено во: Балкан 02 Јануари, 2018
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во интервјуто за грчкото радио Real fm, изјави дека сѐ уште не се започнати суштински преговори на претставниците на двете земји со медијаторот Метју Нимиц.
Тој избегна да ги открие грчките црвени линии, затоа што верува дека тие не треба да се соопштуваат јавно, додека за евентуалното решение изразува убеденост дека во Парламентот ќе биде изгласано од мнозинство пратеници.
Грчката Влада е решена да придонесе кон решение на проблемот, вели Коѕиас и бара од македонска страна да ги намали или во најдобар начин, да ги елиминира тоновите поврзани со иредентизмот.
„Нашата земја покажа и останува на тврдењето дека сакаме да постои оваа соседна држава и дека немаме никаква намера ниту да ја поделиме, ниту да ја распаднеме. Ни треба враќање на довербата“ - објаснува грчкиот министер.
Тој вели дека не постојат преговори без црвени линии, но не сакаше јавно да ги изнесе, со објаснување дека не е логично грчкиот преговарачки тим, уште пред да започнат преговорите да ја открие целата преговарачка тактика и стратегија.