Хојт Ји: Балканот се соочува со сериозни предизвици, внатрешни и надворешни закани
Објавено во: Балкан 15 Јуни, 2017
Хојт Брајан Ји, заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави вели дека Балканот се соочува со сериозни предизвици, внатрешни и надворешни закани, ако тие бидат занемарени може да има сериозни последици за Западен Балкан, Европа и САД.
„Внатрешните слабости го направија Западен Балкан подложен на надворешни влијанија. Слаби институции, недостаток на владеење на правото, лошо владеење, неслободни медиуми и корупција се присутни во регионот. Ова се закани за младите демократии и тоа отвора простор за дестабилизирачки фактори, вклучувајќи ги и насилните екстремисти, организираните криминални групи и земји кои сакаат негативно влијание, како што се Русија“- изјави Хојт Ји.
Тој ги пофали сите земји од регионот, кои се партнери на САД во борбата против тероризмот, но предупреди на институционалната слабост и корупцијата, а како пример ги спомна Македонија и Босна и Херцеговина.
Кога станува збор за влијанието на Русија, тој рече дека Москва се обидува преку тајни или полутајни операции да даде поддршка на одредени политички партии, групи или преку мали инвестиции да остварат политичко влијание.
Покрај тоа вели дека Москва има бенефит и од енергетската зависност на регионот од рускиот гас и се обидува да ја зајакне воената соработка. Тој посочи дека целиот регион се соочува со закана од насилен екстремизам и дека владите во регионот не се во состојба сами да се справат со овој проблем, поради голем број на причини.