Добивај вести на Viber
Италијанската „Монтанте груп“ ќе инвестира 10 милиони евра во Македонија, на својот Фејсбук профил објави премиерот Никола Груевски.
„Добра вест. Нова италијанска инвестиција, мултинационална компанија од машинскиот сектор, над 10 милиони евра инвестиција и нови вработувања“, објави Груевски.
Монтанте Груп Италија дизајнира и произведува амортизери за потреби на индустриски возила и во железничкиот сообраќај.
Според првичните проценки, во фабриката во Бунарџик ќе се вработат 100 лица. Објектот ќе почне да се гради во есен и треба да биде готов најдоцна за една година од почетокот на градбата.
„Не е тајна дека пред да дојдеме во Македонија бевме и во соседните држави, но Македонија ни понуди најдобри услови за инвестирање и затоа токму тука се одлучивме да ја отвориме нашата фабрика. Не станува збор за дислоцирање на постојна фабрика, туку во Македонија ќе градиме целосно нов капацитет“, вели сопственикот на Монтанте груп Антоанело Монтанте.
Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. Нејзиното седиште е во близина на Торино.