Грчките фармери на блокади - со што ги налутија властите?
Објавено во: Балкан 23 Јануари, 2017
Грчките земјоделци почнуваат со нов бран протести и со блокада на патиштата низ земјата.
Ова е во знак на револт против владината политика кон нив и укинувањето на дел од бенефициите кои ги имаа.
Од денеска со блокади ќе почнат земјоделците од Крит и од Тесалија, а најдоцна до четврток кон блокадите се очекува да се приклучат и земјоделците од Лариса, Фарсала, Трикала и од други делови на Грција.
Дел од земјоделците од Серес размислуваат и за блокада на граничниот премин кон Бугарија, слично како и минатата година. Засега нема најави за блокирање на границата со Македонија, како што беше случај лани.
По заедничкиот состанок викендов, земјоделците одлучија од неделава повторно да се вратат на автопатиштата и делумно да ги блокираат, а се размислува и за протести и за демонстрации во Солун и во други градови во земјата.
Земјоделците сè уште се организираат и не се сигурни дали ќе има силен одѕив на протестите како минатата година, затоа што голем дел од реформите против кои реагираат веќе се усвоени од грчкото собрание.