Добивај вести на Viber
Рокот за пријавување интерес за раководни функции во Градот Скопје е продолжен за еден месец - до 25 август. Од Градот појаснуваат дека продолжувањето е од причина што во тек се летните одмори.
Огласот се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП.
Градот Скопје ги повикува сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, кои се подготвени за тимска работа и сакаат да се надградуваат да се пријават на овој оглас и да го искажат својот интерес. „Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверка. Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик“, тврдат од Градот.
Меѓутоа се нагласува дека овој оглас претставува Оглас за пројавување интерес, а не Оглас за вработување и истиот не е законска обврска на Град Скопје, но е распишан со цел да се даде можност на што поголем број искусни и мотивирани луѓе, да ги покажат своите квалификации.