ГАЛЕРИЈА: Како Македонка стана телевизиски новинар во најуникатниот ресторан во Доха
Објавено во: Економија 06 Септември, 2018
Секој може да биде телевизиски презентер во едно од најмодерните и најиновативни студија за вести кое се наоѓа во Доха, Катар. Македонката Ангела Николовска која веќе неколку години живее во Доха за Фактор го раскажува искуството од престојот во „Ал Џазеира Медиа кафе“.
Станува збор за уникатна кафетерија со ресторан во која менито е на екран на допир.
Сепак тоа можеби не е и најголемата причина за восхит. Во оваа кафетерија има интерактивно студио, а сите светла се вклучуваат кога некој ќе влезе и ќе ја има уникатната можност да биде презентер.
Обраќањето се снима, па може да се понесе и дома.
„Al Jazeera Media Cafe според мене е нај уникатната кафетерија/ресторан во Доха. Не само поради целата напредна технологија што ја користат, туку и заради тоа што навистина се чувстуваш како да си дел од еден светски познат медиум како што е Al Jazeera. Постојано нешто се случува. Често може да се сретнат врвни новинари што ги споделуваат своите приказни од целиот свет. Имам слушнато многу и навистина на голем дел од нив им се восхитувам на храброста да известуваат од земји каде што има војна или некоја елементарна непогода. Често се одржуваат трибини, се даваат документарци, филмови и разни снимени материјали од терен, вели Николовска.
Импресионирана е од студиото иако таа често оди таму и само на кафе или на ручек.
„Сепак, она што најмногу ми остави впечаток е студиото. Понекогаш од таму се емитуваат вестите, но кога студиото е слободно, може кој сака, да биде снимен во вид на презентер, и да си одбере позадина која ќе соодветствува со темата. Следната недела решив и јас да направам едно такво видео. Ќе го испратам во вашата редакција, да може и визуелно да видите за што станува збор, вети Николовска.