(ФОТО) ЗАСИЛЕНО СЕ РАБОТИ: Во Карпош ќе никне зелен парк со ботаничка градина
Објавено во: Македонија 09 Март, 2020
Теренот забрзано се рамни, ќе се гради нов парк. Конкретно, во скопската населба Карпош 4, покрај булеварот „Илинден“, во тек се интензивни активности за расчистување и рамнење на теренот за изградба на нов парк.
Веќе неколку денови, механизацијата работи на терен и го расчистува градежниот шут и кабаст отпад што со децении се одложувал на оваа јавна површина, соопштија од Општина Карпош, објавувајќи и бројни фотографии.
Во активностите за чистење на теренот учествуваат Градот Скопје и Општина Карпош. Локалната самоуправа учествува со осум милиони денари буџетски средства, кои се наменети за подготвителните активности: обезбедување на механизација за чистење и рамнење на теренот, велат од општината.
Новиот парк ќе се простира на 60.000 м2 и ќе се надоврзе на Спортско – адреналинскиот дел, на кој веќе интензивно се работи (кај Алпинистичката карпа).
Предвидено е во паркот да доминира зеленилото, со посебен систем за наводнување, но, ќе има и ботаничка градина и рекреативни содржини.
„Во планирањето на јавниот простор вклучена е и стручната јавност, со тоа што Градот објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот. Конкурсот трае до 16 – ти март, по
што комисијата ќе ги оценува пристигнатите решенија“, велат од општината.