Филипче и неговото семејство ќе се вакцинираат кога ќе дојде вакцината за ковид, но таа нема да биде задолжителна
Објавено во: Македонија 02 Септември, 2020
Тогаш кога вакцината за КОВИД-19 ќе биде достапна за нашата земја, таа нема да биде задолжителна, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Сепак, тој најави дека тој и неговото семејство ќе се вакцинираат.
Според Филипче, вакцината се развива на безбедна платформа. Таа сега е во трета фаза на испитување, се виде дека дава антитела, но мора да се почека да се види колку ќе траат тие за да се знае дали ќе треба една или две дози.
„Вакцината не е во календар и нема да биде задолжителна, барем не на почеток. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, кои ќе бидат препораките“, рече Филипче во гостувањето на Канал 5 телевизија.
Но, дури сега сите сфаќаат колку е битно да има вакцина за некое заболување. Поради постоење вакцина кај нас за само шест месеци се заврши епидемијата на морбили, а сега за КОВИД никој нема таков инструмент и затоа пандемијата не може да заврши. За пристап до вакцината за коронавирусот, како што рече, постојат два механизма.
Едниот преку СЗО механизмот наречен КОВАКС, преку кој оваа организација се обврза еднакво да дистрибуира вакцина до сите земји, се додека не се вакцинира 20 отсто од населението. Вториот механизам земјава да дојде до вакцина е преку ЕУ.
Оксфордската вакцина која се очекува да ја произведува Астра Зенека, земјава ќе може да ја добие преку полската амбасада која ни дала понуда да купиме одреден број дози од тие кои ќе им бидат доделени ним. Реалните очекувања, според Филипче, се вакцина да биде достапна на почеток на 2021 година. Како друг начин на заштита пред претстојниот есенскиот период кога се очекуваат и настинки, сезонски грип и други инфекции, министерот Филипче посочи дека испланирале за годинава да бидат обезбедени двојно повеќе дози од лани. Така годинава ќе има достапни бесплатни 60 илјади дози вакцини за сезонски грип.