Евтини кредити за фирмите: Кога почнува аплицирањето?
Објавено во: Економија 31 Јули, 2018
Оваа есен 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка ќе им станат достапни на малите и средни претпријатија, објави денеска Министерството за финансии. Оттаму соопштуваат дека подготвиле нов Закон за гаранција, кој ќе се најде денес на владина седница, по што ќе биде доставен до Собранието на РМ.
„Откако Собранието ќе го усвои законот, ќе се потпише договор помеѓу Европската инвестициска банка и Македонската банка за поддршка на развојот, како и Министерството за финансии во својство на гарант на заемот. Со потпишување на договорот 100-те милиони евра ќе станат достапни за малите и средни претпријатија“, стои во соопштението.
Македонската банка за поддршка на развојот ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки, како посредници до крајните корисници. Со ова ќе се обезбеди свеж капитал за малите и средни претпријатија, ќе се поддржат нови проекти, нови вработувања, ќе се зголеми ликвидноста во стопанството и ќе се зголеми извозот.