19 Мај, 2024
0.0271

Економија разјадувана од рекет и корупција

Објавено во: Колумни 23 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Во изминатиот период македонската економијата, покрај тоа што беше нападната од редица популистички мерки, за што цената   ќе ја плаќаме како ние така и нашите деца, економијата, веќе нема сомнение, значајно беше разјадувана и со  рекет и корупција од повидни партиски активисти. Вакви  сомнежи  постоеја одамна. Со „монтираните снимки“ на опозицијата, сега, само се потврди, бидејќи досега, неколку наведени примери за такви постапки   или не се демантираа или исклучително невешто се демантираат. А станува збор за незаконски појави кои никако не смеат да се  потценуваат,   особено доколку за нив постојат соодветни услови да бидат повторени и во други средини, посебно доколку во незаконитите дејанија учествуваат луѓе од власта или видни претставници на партијата на власт.

Во овој контекст несмее да остане незабележано дека Славе Гошев од Струмица, и тоа според  кажувањето на Бонева до премеирот, не оставил „неизрекетирана ниту една фирма во Струмица“ за време на некој од изминатите изборни цуклуси. Станува збор за практика кога на име на спонзорства од поединци и фирми,  партиски активисти прибираат прилози за остварување на изборните активности. Но, кога се во игра бројки на спонзорства од 50.000 евра, ѓаволот ја однел шегата. Тогаш е веќе очигледно, спонзорството станува рекет. А ако тоа се прави со уцени и закани, а тоа секогаш така се прави, тогаш тоа се незаконски дејанија, односно криминал кој во името на партијата го прават нивните членови. Проблем е што овој криминал тешко се докажаува, затоа што и „спонзорот“ и „спонзорираниот“ не сакаат многу да зборуваат за тоа. Меѓутоа, доброто е тоа што зад рекетот остануваат материјални траги, а тие водат до разјаснување на случаевите на нетранспарентни спонзорства.

Телефонската реплика на Бонева со премиерот само   ги потврди насетувањата на кој начин се прибираат средства за изборните активности на партијата (поради што и финансиските извештаи на партиите се проблематични, бидејќи се прикриваат вистинските износи на „спонзорствата“), но и на кој начин поединци остваруваат за малку време значајни богатства. Таа само со право име  ги нарече активностите за прибирање средства за изборите како рекетирање. Не се работи за легални спонзорства како доброволни давања на фирмите за изборните активности  на партиите туку за свесно изнудување на  значајни износи на средства во име на партијата, а всушност и пред се‘ во интерес на поединци.  Не е случајно што  таа го информира премиерот дека  споменатиот веќе има и фирма.

Ако се има предвид дека во изминатиот период имаше 7-8 изборни циклуси очигледно е дека  за многу активисти на партијата на власт изборите беа извор на збогатување и на партијата и на поединци. Ова може да се види од практиката да се бараат и 50.000 евра, а на крајот барањето да заврши и  со 50.000 денари, како нешто што „спонзорот“ не би требало да го одбие, се разбира, доколку не сака да има работа со власта. Веќе нема бизнисмени што не го разбираат „јазикот на активистите“. Во партиска држава просторот за рекет и корупција е неограничен. Секоја постапка може да се брани со партиските интереси, а тие се железна завеса за поединечните криминални постапки и однесувања.

Рекетот и корупцијата толку многу се присутни во економијата што  бизнисот радо би се согласил и со повисоки даночни стапки, ако се оневозможи досегашната практика на рекетирање. Особено оние кои не се третирани како „пријателски фирми“, бидејќи пријателските   со поголема сигурност можат да очекуваат нешто и да им се врати преку некој тендер, односно веќе се ставени во системот „пари на  рака, Мара за рака“. Инаку, која е логиката да се плаќаат огромни износи на средства, на пример, во случајот на компанијата Бетон Скопје, која го обезбеди главниот градежен колач од проектот  Скопје 2014, а  каде нејзиниот прв човек и министерот Миле Јанакиевски во „монтираниот телефонски разовор“ договараат купување на авионски карти, кои „нормално“ треба да ги плати градежната компанија, а се со цел „пожелните гласачи“ благовремено да се јават на избирачките места.

Тешко е да се проценат директните штети од рекетот и корупцијата, а уште помалку индиректните. Меѓутоа, има доволно сигнали кои  укажуваат дека домашниот бизнис е под силен притисок на организирани и самоиницијативни рекетари, кои во име на партијата, а често и за своја сметка остваруваат значајни приходи, кои никаде не се регистрираат и се дел од сивата односно црната економија. И колку што тие неказнето подолго  делуваат, толку е полоша состојбата на легалните бизниси. Со цел да се заштитат од воспоставениот рекет систем добар дел компаниите своите добивки ги трансферираат во странство. Според проценките на квалификувани институции, од Македонија секоја година се одливаат стотици милиони евра. Тоа е и причина зошто македонските бизнисмени работат на границата на самоодржување и не размислуваат за подинамичен развој. Очигледно, не се подготвени добивките што ги остваруваат да им ги „молзат“ самоповикани патриоти, надвор од сите закони и прописи.

Ова размислување е засновано само врз слушањето на изборните незаконитости на носителите на власта. Останува да видиме какви „мајстории“ се користени кога со прислушувањето се обезбедуваат доверливи информации за влечење на потенцијални  бизнис одлуки на определени фирми, за контактите со деловни партнери,  за начинот на нивното функционирање. Но, тоа е веќе сфера на организиран криминал на повисоко ниво, кој кога ќе се докаже ќе мора и најстрого да се санкционира. А тогаш, порано било или подоцна, криминалците ќе мора да одат зад решетки.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе