04 Мај, 2024
0.0268

Два различни света

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Деновиве налетав на едно писмо на познатиот Бертранд Расел, испратено до Сер Освалд Мосли, основачот на Британската унија на фашисти. Нобеловецот Расел е познат по многу нешта – философ, математичар, но и активист кој жестоко се спротивставувал на секое газење на човековото достоинство.

Преку „ликот и делото“ на Расел, најевидентно отсликан во ова писмо, може да се види она за што се залагам во изминатите месеци пишување колумни–дека во овој историски миг ние живееме не две различни политички реалности, туку две различни вредносни реалности. Едната - онаа на власта –во суштина е „безвредносна“, во неа е важно само да се „успее“. И во случајов, оваа криза, меѓудругото, ја доживуваат како борба за успех, успех да се остане на власт, од инат, како борба во ринг, како бокс-меч помеѓу Форман и Али, во кој дури и удар под појас е дозволен, сè додека тоа им ја носи победата. Другата стварност е онаа вредносната, онаа која верува дека дури и успехот, напредокот, бројките, „вработувањата“, политиката воопшто, се темели на вредности. Дека на долг рок, ова граѓанство треба да биде слободно и еманципирано, пред било каков успех.

Во таа смисла ние живееме две паралелни реалности, два система, два Венови дијаграми без пресек. Ние сме небо и земја, темно и светло. И во таа смисла комуникацијата, дебатата во јавниот дискурс е невозможен, не толку заради тоа што јавниот дискурс го нема, или конкретно што нема ТВ–дебати на власта и опозицијата, туку затоа што таа дебата е принципиелно невозможна. Оти зборуваме различни јазици. Во таков вредносен расчекор, дијалогот всушност е дијалог на глуви.

И затоа во оваа смисла препорачувам молк. Искрено. И тоа не е дефетизам, тоа е само разбирање на бесмисленоста на дрдорењето. Оти „дијалогот“ во ваков случај е како објаснување на боите на слеп или како „раскажување“ на убавината на композицијата Für Elise на глув. Секое прифаќање на „дијалог“ со „безвредносните“ е навлекување на нивни терен, а таму, таму тие се најсилни. А тоа е теренот на кал, смрад, валканици, бесмислици, осуди и етикетирања. Затоа не вегувајте таму, ќе се извалкате. Оставете ги, самите нека се препелкаат во сопствените гнасотилоци. Во однос на нив, единствениот рецепт е молк! Прифаќањето на „дијалог“со нив е прифаќање на псевдореалност. Тоа им е најдобрата тактика – да постулираат бесмислица во јавниот дискурс и да бараат од нас да дебатираме за нешта кои во својата логичка, но и смисловна структура не се податливи за дебата. Оти се бесмислени. Луди. Тотално луди. Како да живееме во филм на Монти Пајтон. Не знаете дали се шегуваат или се сериозни. Ја избришаа границата помеѓу реалноста и пародијата – пародијата стана реалност, реалноста пародија. Дијалогот и аргументацијата се рационални категории, тие не се.

Ова многу убаво го сфатил Расел. Тој не сака да се впушта во дијалог со некои што споделуваат сосема различни вредносни реалии. Единствено штово таков случај треба тојда прави е да продолжи да ја застапува и гради сопствената вредносна стварност и да не влегува во бесмислени дискусии. Затоа за илустрација, во прилог ви го пренесувам споменатово писмо, скоро во целост(http://www.lettersofnote.com/2016/02/every-ounce-of-my-energy.html). Во ова писмо Расел му се обраќа на фашистот токму со таа интонација дека со „идиоти“ нема смисла да се разговара: „Секогаш е тешко да одлучите како ќе одговорите на луѓе кои споделуваат толку туѓ етос, дури и одбивен на вашиот.“ И директно го откачува,порачувајќи му: „Се чувствувам обврзано да кажам дека нашите емотивни универзуми се толку оддалечени и на најдлабок можен начин спротивставени, што ништо плодно или искрено не може да произлезе од нашата взаемна комуникација“ И ова не го кажувам, вели Расел, од непристојност, туку заради тоа што споделувам други цивилизациски вредности. И секако затоа што: „секоја унца од мојата сила била посветена на активно спротивставување на суровата нетрпеливост, компулсивно насилство и садистичките прогони што ја карактеризираа философијата и праксата на фашизмот.“

Па во таа смисла, нам ни е потребен вредносен „ресет“ кој ќе го донесе тој нов етос; нам ни е потребна нова генерација која не само што носи нови вредности, туку и која не се плаши да застане и да се бори за истите, како Расел. Макар какви и да биле последиците. Заветот на Расел треба да биде заветот на оваа генерација – со секоја „унца“ од својата сила да се бори за вредности спротивни на актуелниве. Тоа е тежок бој, секако далеку потежок од Договорот од Пржино, но верувајте, единствено вредниот.

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина