Доделени Алтернативните Нобелови награди кои завршија во вистински раце
Повредни и од наградата за мир
Објавено во: Свет 26 Ноември, 2016
На свечена церемонија во Стокхолм вчера беа доделени Наградите за праведен живот, кои уште се познати и како „Алтернативни нобелови награди“.
Главен лауреат за Наградата за праведен живот беше Раед ал Салех, раководител на сириската организација на спасувачи-доброволци, кои им помагаат на настраданите цивили во граѓанската војна во Сирија.
- Наш најголем придонес не е тоа што спасивме околу 73.000 човечки животи, туку тоа што ја вративме надежта таму каде што таа не постоеше, рече Салех при приемот на наградата.
Салех истакна и дека при своите спасуваќи операции загинале 148 членови на неговата органзиација, а над 450 биле ранети, нагласувајќи дека наградата е признание за нив, но и за сите сириски граѓани, кои секојдневно се изложени на бомбардирање и живеат во страв.
Покрај Салех, Наградата за праведен живот годинава им беше врачена и на руската активистка за заштита на човековите права Светлана Ганушкина, на редакцијата на турскиот опозициски весник „Џумхуриет“ и на египетската феминистичка активистка Мозан Хасан од организацијата „Назра“.
Основачот на Наградите за праведен жиивот, Јакоб фон Јукскил изјави дека овогодишните лауреати не се плашеле на властите да им ја кажат вистината в лице.
- Активистите на граѓанскиот сектор од време на време го занишуваат бродот, но исто така креираат и нови постабилни бродови за одржлива долгорочна перспектива. истакна Јукскил.
Наградите за праведен живот се доделуваат од 1980 година, а четворицата овогодишни лауреати ќе добијат по 750.000 шведски круни (315.000 евра).