Додека се расчистува стечајот со„Фени“ се бара преработувач на никелова руда
Објавено во: Економија 07 Јануари, 2018
Преку оглас се повикуваат домашни и странски правни лица за преработка на никелова руда.
Стечајниот управник на Фени тврди дека огласот е објавен врз основа на одлука на Одборот на доверители и за да не стои „Фени“ во „место“ додека се расчистува постапката за стечај се бара некој кој има достапност до руда, за да се преработи таа руда и да не се губи време оти таков бил законот.
Мирослав Анастасиевски посочил дека работниците се ангажирани во моментов и дека се уредуваат машините односно го одржуваат комбинатот во кондиција а оние кои ќе бидат избрани ќе треба да оседуваат или управуваат со капацитети за преработка на руда, како и да поседуваат финансиски капацитет и експертиза за успешно управување и мониторирање на менаџментот на процесот на преработка на руда.
Како гаранција за исполнување на сите обврски по основ на договорот за преработка на руда, заинтересираните треба да имаат депонирано на сметка во било која банка во земјава износ од 3.000.000 евра. Заедно со понудата да достават корпоративна гаранција во минимален износ од 5.000.000 евра, која ќе гласи на стечајниот должник.
Потребно е исто така да се покаже спремност да се врши авансно плаќање на месечен надомест заради покривање на сите трошоци на производството во кои влегуваат трошоците за струја, мазут, плати, придонеси, давачки за вработени и други оперативни трошоци, најмалку 1.100.000 евра месечно, како и дополнителен износ од најмалку 100.000 евра без ДДВ месечно, над износот на трошоците. Крајниот износ на надоместокот ќе биде утврден во договорот, во зависност од количините на преработената руда.