Дамаск конечно е ослободен?
Објавено во: Свет 20 Април, 2018
Екстремистите од организацијата Исламска држава се согласиле да го предадат последното упориште во Дамаск.
Капитулацијата на џихадистите во Дамаск следи по еднонеделната офанзива на владините сили во две области во Дамаск, на населбата Хаџар ал-Асвад под контрола на Исламска држава и на палестинскиот камп „Јармук“.
Владините сили ги бомбардираа двете области и ги затрупаа со артилериски оган. ОН предупреди дека насилството претставува опасност за 12.000 палестински бегалци од Сирија.
Со тоа им е отворен патот на сириските сили за првпат од 2011 година да преземат контрола над целиот главен град и околните области, пишуваат тамошните медиуми.
На екстремистите од Исламската држава им е даден рок од 48 часа да ја напуштат енклавата што ја контролираат јужно од Дамакс, објави сирискиот провладин весник „Ватан“.
„Доколку одбијат, војската е подготвена да почне воена операција за да стави крај на присуството на таа организација во таа област“- наведува весникот.
На терористите им беше дадена можност да останат и да се согласат на помирување со сириската Влада или со автобус да бидат пренесени на територија на ИД во пустина во источниот дел на Сирија, објави државната сириска агенција САНА. Не е познато кога точно ќе почне нивното преместување.