04 Мај, 2024
0.0292

Дали ни е потребно враќање на старото работно време?

Објавено во: Колумни 07 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Одлуката што ја донесе Владата на соседна Србија за промена на работното време во државната администрација, предизвика голем интерес во нашата земја. Предложеното работно време од 7:30 до 15:30 часот, кај многумина од нашите граѓани се доживеа како „враќање на филмот“ од пред десетина и повеќе години. Се вратија спомените на „старите добри времиња“ кога државната администрација рано наутро заминуваше на работа, а во раните попладневни часови нејзините припадници беа дома и уживаа во семејниот ручек.

          Веднаш се изнесоа низа аргументи кои одат во прилог на ваквата промена на работното време. Аргументите зборуваа за негување на традиционалните семејни вредности, за поминување на повеќе време со децата, за поседување на повеќе слободно време за себе и завршување на сопствените приватни обврски. Покрај тоа, и кај нас и во Србија беше истакнато дека работното време од 9 до 17 часот не е во согласност со географските и климатските услови во нашето поднебје, дека не му одговара на нашиот менталитет и дека не можеме „слепо“ да прифаќаме буквално се што доаѓа од Запад. Сите аргументи изнесени погоре се однесуваат на  завршувањето на работното време на државната администрација. Зошто никој не се интересира кога почнува работното време? Или за тоа треба да пројде одредено време Почетокот на работното време на државната администрација во нашата земја е во периодот помеѓу 8 и 9 часот наутро. Во моментов, состаноците и другите работни обврски во овие институции започнуваат согласно актуелното работно време. Голем дел од државните институции се во постојан контакт со странски институции кои работат од 9 до 17 часот. Враќањето на старото работно време ќе предизвика низа на проблеми во остварувањето на таа соработка. Исто така, ќе треба да дојде до промена на работните навики што се присутни десетина години наназад, а за тоа ќе треба одредено време на прилагодување. Дури и традиционалното утринско кафе со колегите на работа ќе мора да се пие еден час порано! Промената на почетокот на работното време на администрацијата неминовно ќе ја наметне потребата од промени во работното време на училиштата и детските градинки. Ако се има во предвид дека државната администрација во нашата земја вработува околу 100.000 луѓе, јасно е дека воспитно – образовните институции ќе мора да се прилагодат на евентуалната промена. Фирмите коишто работат во приватниот сектор, исто така, ќе треба да се прилагодат на промената на работното време. Буквално сите приватни фирми во нашата земја, на еден или на друг начин, се поврзани со работењето на државната администрација и зависат од нејзините услуги. Евентуалната промена на работното време на администрацијата мора да доведе до промена во одвивањето на деловните активности на приватните фирми. Ако се знае дека бизнисот мора да тече континуирано и дека мора да се почитуваат одредени „правила на игра“, може да се очекуваат низа на турбуленции од промената на работното време. Во крајна инстанца, сите ние мораме да си признаеме една работа. Работното време од 7 до 15 часот му припаѓаше на едно друго време, на еден друг систем на вредности и на еден друг менталитет. Не е мал бројот на оние што ќе излезат со став дека тогаш било подобро, но тоа било и поминало. Сега се други времиња кои бараат прилагодување на животните и работните навики на современите услови. Гледањето назад, наместо напред, не може да доведе до позитивни резултати. Промената на работното време без промена на нашиот менталитет ќе биде само уште еден истрел во празно. На крајот, сите ќе сфатиме дека не е битно кога започнува и кога завршува работното време, битно е што се работи, колку се работи и какви се резултатите од тоа работење. А тоа што во моментот фокусот на јавноста е ставен само врз моментот на завршување на работно време, доволно зборува колку знаеме да ги дефинираме нашите приоритети и колку сме посветени на нивното реализирање. д-р Гоце Трајковски сите колумни на следниот ЛИНК

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина