19 Мај, 2024
0.0252

Дали грузиската приказна во Македонија може да стане реалност?

Објавено во: Економија, Колумни 23 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Од партијата на власт најавија  подготвување на изборна програма во консултација со „народот“, која ќе се темели врз принципите според кои веќе владеат  десет години. Тоа значи дека доколку нешто не се промени на политичката сцена,   не‘ очекува нов „лет во место“ за многу пари. Пари кои ќе се позајмуваат и  пари кои ќе се трошат да се задоволи клиентелистичкиот пристап што власта го има кон својот народ, притоа како и досега не укажувајќи му дека истите тие пари ќе треба еден ден да се вратат, заедно со достасаниот долг на име камати и тоа од чекмеџето кое тогаш ќе ни биде многу попразно. Не верувам, но отрезнувачка за актуелните властодржци би сакал да биде Грузиската приказна. Приказна која доаѓа од  земја која има дупло поголемо население од македонското. На Македонскиот економски самит организиран од „Македонија 2025“, на кој учествуваа врвни експерти  од повеќе земји,   ја раскажа токму поранешниот премиер на Грузија Ника Гилаури. Кога земјата, пред десеттина години, имала проблеми со економскиот раст и била една од најкорумпираните земји во светот (рангирана на 124 место од 130 земји), новата влада одлучила драстично да го промени имиџот-да стане лидер како најнекорумпирана земја, како најпријателска земја за водење бизнис и лидер по едноставна даночна регулатива, а развојни цели биле- да се обезбеди добра инфраструктура и да се зголеми вработеноста. Доследното спроведување на одлуката ја преродило земјата. Државата била во функција на унапредување на работата на приватниот сектор. Администрацијата била  намалена за третина, а на вработените платите им се зголемиле. Се разбира, само доколку ги исполнувале работните обврски според принципите- „молчењето е одобрување“ и „нема погрешна врата“, во смисла на благовремено решавање на барањата на граѓаните и  нивно услужување од страна на било кој шалтерски службеник до кој  се обраќаат. Покрај „морковот“ заиграл и  „ стапот “. За неодговорните се предвидело не само отпуштање туку и кривични казни за незаконски постапки и однесувања. Грузија е денеска меѓу државите топ реформатори во светот, не само на хартија (според формално правните реформи), туку и според реалните остварувања. Од 2010 година наваму динамиката на растот не била помала од 3,3%, а највисоката стапка е 7,2%.  Во 2007 година растот изнесувал дури 12,3%. Приливот на странски директни инвестиции е над 5,8%, а во 2014 година дури и 7,7% од БДП (1,8 милијарди долари). Фискалниот дефицит веќе три години е околу 3% од БДП. Невработеноста во 2014 година е сведена на 12,4%. Платите се‘ уште се ниски, но постојано се зголемуваат. Во 2014 година се зголемиле за 37% во однос на 2010 година. И тн. Алката чие повлекување почнала да го разврзува заплетканиот синџир е определбата за решителна борба против корупцијата. Почнале од кај што било најочигледно- од сообраќајната полиција која била најкорумпирана институција. За еден ден биле  отпуштени сите сообраќајни полицајци и три месеци немале ниеден сообраќаен полицаец, а сообраќајот бил подобар без нив. На сличен начин ги средиле и царинските службеници. Вовеле снимање на нивното работење. Цариникот што ќе пријавел обид за мито, добивал дополнителни бонуси,  награда и унапредување. Тие што прифаќале мито биле кривично гонети. За шест месеци царината станала најмалку корумпирана. Со презентирањето на ова приказна сакам да ги потсетам разочараните и малодушните дека има вистински решенија и за македонските состојби. Само треба лидери кои ќе си постават за цел земјата да ја искорени корупцијата и криминалот од позиција на власт, кои не само што ја деградираат нормалната бизнис клима,  туку стануваат и преокупација на вработените на секое работно место од кое може да се извлече дополнителна, незаконска заработка на сметка на граѓаните на кои треба да им завршат определена работа. Многукратно неповолно е влијанието на службениците кои за веќе платената работа настојуваат да обезбедат дополнителна заработка. И што се не им дадовме на странските инвеститори со цел да ги привлечеме, но и тие согледувајки ја состојбата  веќе немаат доверба во одржливоста на постојните политики. Покрај споменатите потези, треба  да се сопре и одливот на буџетските средства во приватни џепови, каде како најразработен канал се користат набавките на државните органи и институции кои „пазаруваат“ по неколкукратно повисоки цени од пазарните. Тоа ќе ослободи средства за повеќе продуктивни капитални инвестиции или за намалување на обврските на бизнисот, средства кои бизнисмените ќе ги употребат за модернизација на постојните или за изградба на нови капацитети. Да не зборуваме за неповолните влијанија на криминалот од позиција на вршители на власт. Таквите појави го згаснуваат мотивот за водење бизнис. Никогаш не знаеш кога ќе ти чукнат на врата со предлог што мораш да го прифатиш т.е. да се откажеш од разработениот бизнис. Или, „доброволно“ да спонзорираш, со значајни средства, некакви партиски активности, за да не те нападнат тимови од разни инспекции. Какво е фајдето од нискиот рамен данок кога над домашните бизнисмени им висат закани од уцени кои за миг можат да ги уништат. А нема правда. Судовите судат против тие што бараат правда од „безгрешната“ власт. На таквата власт не и‘ паѓа на памет да се справи со корупцијата и криминалот. Веќе најавија дека и натаму ќе се борат за повисоки стапки на раст (кои никако да се остварат) со нови задолжувања кои ќе ги враќаат нашите деца и внуци, притоа не наведувајќи дека ќе ги затворат коруптивните и криминални вентили преку кои истекуваат значајни финансиски средства. Не е возможно да се оствари бараната стапка на раст со ваков висок степен на криминал и  корупција во своите редови. Кога тие што треба не го најдоа, сега лекот ќе го бараме кај  Катица Јанева и нејзиниот тим. Доколку одолеат на притисоците, ги прескокнат поставените пречки и  професионално си ја завршат работата за која се избрани, мислам дека грузиската приказна и во Македонија ќе може да стане реалност. Со искоренувањето на корупцијата и криминалот, благодетите во економијата, сигурно е дека ќе ги почуствуваат и граѓаните, а притоа да не се  потребни нови задолжувања. Тоа што му е потребно на растот се некорумпирани политички елити кои своите принципи на работење ќе ги наметнат и  врз сите институции кои се под нивна надлежност, затоа што само некорумпирани властодржци можат да се справат со еден од главните „убијци“ на економскиот раст, барем кај нас. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

ВАЖНО: Граѓани, проверете ја вашата даночна пријава за 2023 година

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

АЗЕСКИ СЕ СРЕТНА СО МАЈК ЗАФИРОВСКИ: Потребно е запирање на сивата економија

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„ДА СЕ КРАДЕ ОД БУЏЕТОТ 32 ГОДИНИ, НА НАМИЛОСРДЕН НАЧИН, И ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СПРЕЧИ...“: целиот разговор со Бранко Азески на „Бизнис муабети“

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„СО БРАНЕ И РИЛИНД НЕ СЕ ПЛАШЕВ ОД НИТУ ЕДНА БИТКА“ - средба на Тевдовски со некогашните соработници

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа