16 Мај, 2021
0.0300

Дали дејноста на банката треба да се врзува исклучиво за парите

Објавено во: Колумни 13 Април, 2021

Денес, во вакви услови каде има циклични промени, не постои подрачје во кое инвестирањето капитал не би било врзано за преземање на определен степен на ризик. Има една добра реченица, која вели: „Меѓу моментот кога се врши вложувањето на паричните средства и моментот кога се очекуваат приносите се протега определена должина на временски период“. Токму затоа, како никогаш порано, ако се имаат во предвид условите, во кој, сите ние делуваме, ваквата проблематика со ризиците станува актуелна темата. 

Кога пишувам, знам често да метафразирам со примери од стопанството, а се однесуваат на банките. Имено, тоа го правам, со цел да допрам до оние читатели кои не се банкарски службеници (вработени) и особено до оние читатели кои немаат напредни познавања од областите на банкарството, а сепак се корисници или чинители на банкарскиот систем, преку улогите - имател на депозити и кредитокорисник. Оттука, би рекол дека банката претставува специфичен вид на претпријатие, организирано како акционерско друштво, кое се занимава со специфичната стока наречена - пари. Но, тука се поставува следново прашање: Дали дејноста на банката треба да се врзува исклучиво за парите?  

Денес, дејноста на банката не се врзува исклучиво за парите, туку за целокупната нејзина актива и тоа особено онаа актива која е најважна за нејзината успешност и профитабилност во работата. Тука, би дополнил - најважната активност на банката не се парите во трезорот, туку довербата на клиентите во неа. Таа доверба е резултат на долгогодишен труд и совесна работа на банката со клиентите. За да се изгради таа посебна врска со клиентите, на банката и се потребни дополнителни сили, со кои ќе се влијае врз клиентот, тој да побара од банката и други дополнителни услуги. Во пандемиско доба, особено, неизвесноста и ризикот го следат човекот, неговиот имот и сите негови активности. Од друга страна, пак, човековиот нагон за одржување во живот и за самодокажување го принудува, самиот тој, да презема активности во услови на постоење на ризик. Практично, од стојалиште на банкар, би рекол дека ризикот не е надворешна работа во банката. Повеќе од било кога, банкарите знаат дека позициите кои ги имаат по нивна надлежност треба да се контролираат. Впрочем, парите се инпути во банкарското работење и тие треба да дојдат од некаде. Во таа насока, улогата и способноста на секој менаџмент во банката може да се прикаже преку хипотетички Биланс на состојба 1, на следниов начин:

-  на страната на пасивата, како извори на финансирање (читај: депозити), банката има 700 денари долгорочни средства и 300 денари краткорочни средства; и

-  на страната на активата, како имобилизирани средства (читај: пласирани кредити), банката има 650 денари долгорочни средства и 350 денари краткорочни средства.

Од ова, може да се воочи дека се обезбедени услови за постигнување на ликвидност од една страна и обезбедена е сигурноста во одржувањето на ликвидноста од друга страна. Она, што на прв поглед од примерот може да не збуни е податокот за краткорочните извори (читај: депозити од 300 денари), кои не одговараат на краткорочните имобилизирани средства (читај: кредити од 350 денари).

За таа цел, еве го заклучокот: иако имаме пласмани (читај: кредити од 350 денари) кои не одговараат на депозитните прибирања на банката (читај: депозити од 300 денари), таа нема да стане неликвидна се до оној момент додека не ги исцрпи ликвидните резерви од 50 денари, кои, се добиени од разликата помеѓу поголемите долгорочни депозити и долгорочните кредитни пласмани (читај: долгорочни депозити на банката во износ од 700 денари, минус, долгорочните кредитни пласмани на банката во износ од 650 денари е еднакво на 50 денари – ликвидни резерви).

Имено, ова е еден основен пример, за тоа, каква е улогата и способноста на секој менаџмент на банката, а со цел, истиот да ги мобилизира долгорочните слободни парични средства и депозити од физичките и правните лица. Најчесто, таквата способност на менаџментот, зависи од категоријата на менаџирањето со ризиците и од довербата што банките ја уживаат кај своите комитенти. Од една страна, неконтролираниот ризик е мерило за слабост на менаџментот во комерцијалите банки, додека од друга страна, ефективниот менаџмент постојано ги набљудува резултатите од дејноста на стопанството во целина, за секој од своите комитенти, дава сигнали на тревога за сите дејности кои се под негова надлежност и дејствува решително и одлучно, секогаш кога таквите сигнали ќе бидат забележани.  

Значи, полека, доаѓаме до заклучок дека банките, во својата природа работат со ризик. Ако е така, тогаш јасно се гледа дека една од примарните цели на менаџментот во банките претставува остварувањето на поголема профитабилност во работењето, ако и само ако, притоа се обезбедени услови за постигнување на ликвидност од една, и обезбедена сигурност во одржувањето на ликвидноста, од друга страна. Во основа, тоа подразбира дека банкарскиот менаџмент треба да инвестира во средства кои остваруваат висок принос, а имаат пониски трошоци. За да се остварат високи приноси, банките имаат на располагање два пристапи: да ги зголемат ризиците или да ги намалат оперативните трошоци.

Во праксата, поголемото преземање на ризик може да претставува на кус рок, благослов за банката, но ѝ клетва на долг рок. Ова подразбира дека комерцијалната банка која применува, на долг рок, стратегија за максимизација на ризиците во своето работење, може да се соочи со опасност од нарушување на нејзината стабилност преку зголемување на лошите пласмани, а со самото тоа ќе ја намали општата ликвидност и нејзината депозитна база. Токму затоа, велиме дека поголемиот ризик е еквивалентен на поголемата можност, банката да прикаже загуба во своите финансиски извештаи. 

Сега, ако одиме подлабоко во анализата за македонските банки ќе видиме дека секој даден кредит на „НН Банка“ значи изложување кон одредено ниво на ризик. Практично, „НН Банка“ сама си ја одредува нејзината деловна политика, или со други зборови, банката сама одредува кој ќе биде нејзиниот апетит за преземање на ризик. Од некои постаки во минатото, каде сме зачудени сите, може да се види дека самата „НН Банка“ си одлучила за апетитот на ризик со одобрување на кредити без соодветно обезбедување. Впрочем, во македонскиот банкарски систем преовладува едно мнение дека банките се прилично конзервативни ако се направи една паралела со банките од земјите во еврозоната и најчесто одобруваат кредити со високо обезбедување. И, тука нема дилема! Но, за жал, кај нас, поради неразвиениот пазар на недвижности, таквите обезбедувања со недвижнини (читај: хипотека на имот) не се гаранција дека банката би го наплатила побарувањето со продажба на хипотеката. Токму затоа, сега се појавува монетарната регулатива со задача да го процени таквиот ризик, со цел, да обезбеди „НН Банка“ да издвои соодветна резервација за тој ризик и да одреди ниво на капитал кое „НН Банка“ треба да го одржува (читај: адекватност на капитал).  

Да нема дилеми, кај нас, монетарците вршат (би употребил еден збор) „ex post“ контрола на кредитната изложеност на банките при редовните супервизорски активности. Потоа, тие го утврдуваат ризикот, согласно регулативите за управување со кредитниот ризик, и тоа на поголемите индивидуални кредити, како и на општиот ризик на кој е изложена „НН Банка“. При таквите ex post постапки, ако се утврди зголемено ниво на кредитен ризик, согласно категоризациите на изложеност на кредитен ризик, од „А“ до „Д“ се класифицира индивидуалниот кредит, за што, по него се врши исправка на вредноста или се издвојува резерва (од 0 – 100%). Таквата исправка „го јаде“ капиталот во пасивата, при што, се јавува потреба од внесување на нов или потреба од докапитализација на банката. Регулаторот, мора задолжително при секоја теренска посета – анализа на состојбите во „НН Банка“ да утврди потреба од дополнително издвојување резервации за таквите ризични пласмани ѝ ако се појави намалување (подјадување) на нивото на капитал, да се бара од одговорните брза докапитализација на „НН Банка“, со што адекватноста на капиталот би се одржувала во рамки на законските барања.

Внимавајте, до тука е влијанието на монетарците. Тие, мора и треба веднаш да ги превземат сите законски мерки, но никако не можат да ја микроменаџираат банката. Тоа е работа на управата на банката. 

За оваа проблематика, особено актулена, ќе пишуваме во некои од наредните писанија.   

ПРОДОЛЖУВА...

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Валканпрст и Ѓубрелижач

Валканпрст и Ѓубрелижач

Американец во Украина - многу прашања, малку одговори

Американец во Украина - многу прашања, малку одговори

Три Б – Битиќи, Бесими и Бектеши го пресекоа Гордиевиот јазол на бизнисот

Три Б – Битиќи, Бесими и Бектеши го пресекоа Гордиевиот јазол на бизнисот

Антиисточни пропагандни центри против граѓаните на Македонија: Случајот на Левица

Антиисточни пропагандни центри против граѓаните на Македонија: Случајот на Левица