Дачиќ му врати на Тачи дека ОВК изврши геноцид врз Србите
Објавено во: Балкан 05 Април, 2017
Косовскиот претседател Хашим Тачи продолжува со провокации, изјави денеска српскиот претседател на Владата и шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ.
Тој вели дека откако „идејата на Тачи за формирање на таканаречена Војска на Косово доживеала дебакл“, тој се обидува да го сврти вниманието на домашната јавност кон други теми – тужба против Србија за геноцид.
Дачиќ нагласи дека е особено познато дека Србија не извршила генецид во Косово, туку дека Ослободителната војска на Косово (ОВК) извршила геноцид врз српскиот народ, објави Танјуг.
За тоа, истакна Дачиќ, сведочат и податоците за разликата во бројноста на Србите во Косово денес и пред 1999 година.
„Впрочем, дури ниту Хашкиот трибунал ниту неговото обвинителство никогаш не ја обвинија Србија за геноцид, туку е формиран Специјален суд за злосторствата на ОВК. Така што злосторствата на ОВК ќе бидат изнесени на суд, а не на Србија“ - рече Дачиќ.
Тој вели дека Тачи знае дека од тоа нема да има ништо затоа што Косово не е член на ОН и нема право да тужи во Меѓународниот суд за правда во Хаг.
Дачиќ изјави дека законот за формирање на косовска војска е повлечен под притисок на меѓународната заедница.