Добивај вести на Viber
На последниот Меѓународен конкурс за промена на фасадата и надградба на Градскиот трговски центар во Скопје, пристигнале четири идејни решенија. Од раководството сеуште не откриваат што содржат трудовите, ниту пак кои се авторите. Единствено е познато дека три се македонски, а едно странско идејно решение.
-Овој пат добивме четери труда со изработени решенија за фасдата и надградбата. Тендерската комисија оваа недела ќе има состанок и потоа ќе имаме појасна слика ,какви решенија се понудени и во кој архитектонски стил се истите. Конкурсот е анонимен и по отворањето ќе ги дознаеме авторите- вели директорот на ГТЦ, Аго Абазовски
Условите во конкурсот кои се исти како и во претходниот, се идејното решение да понуди оргиналност и примена на современ архитектонски израз за обликување со високи естетски, функционални, конструктивни и технички вредности почитувајќи го значењето на објектот и неговиот идентитет, идеја за надградба, фасадно обликување и затворање на трговскиот центар. Стилските правци кои треба да ги одржи идејното решение отануваат исти, класицизам, барок и футуризам.
И со овој конкурс се предвидени три парични награди. Прво наградениот ќе добие 180.000 денари, втората награда изнесува 150.000 денари и третата 50.000 денари. Освен фасадно обликување, идејното решение треба да понуди и проект за надградба на трговскиот со уште еден спрат, на кој би имало деловни простории, хотелско сместување, спа-центри, игротеки. Трговскиот е планирано да биде од затворен тип, по принципот на мол-систем, во комбинација со сарај-систем и да има отворени делови.
Претходниот оглас беше поништен бидејќи тогаш на конкурсот пристигна само еден труд. Архитектонското решение беше поднесено од група архитекти, чие име остана непознато, па дури и сега не се открива дали и на последниот конкурс овие автори повторно се пријавиле. Жири комисијата составена од тројца професори, речиси цел месец вршеа ревизија на единственото понудено идејно решение, кое предвидуваше фасадата на ГТЦ да биде со футуристички елементи, односно во стаклена фасада.
Јавниот конкурс за идејно решение за промена на фасадата на ГТЦ беше објавен во јуни годинава, кога се изгласаа и измените на Деталниот урбанистички план Мал Ринг, донесен од општината Центар. Бидејќи сите измени што ги претпре овој план беа во насока на тоа фасадите на објектите да се вклопуваат во амбиентот, односно да бидат во согласност со проектот “Скопје 2014”, се претпоставуваше дека и овој објект ќе биде со неокласицистичка фасада, на што бурно реагираа архитектите, кои дури беа револтирани што воопшто ќе се менува ликот на ГТЦ.
Раководството на ГТЦ неколку пати во јавноста излезе со различни ставови, прво дека се преферира трговскиот да биде со стаклена фасада, но последните коментари се дека објектот треба да се вклопи во околниот амбинет, поточно да биде во правец на новите барокни фасади на околните згради како Сити Галери, Стар Метропол и Пелистер. Дали ГТЦ ќе подлегне на барокниот амбиент или ќе му пркоси со футуристичкиот изглед, ќе се знае по одлуката на жири комисијата.
Ј.С