ЦЕНА НА СТРУЈАТА: Номинално најевтина, но според стандардот скапа колку во ЕУ
Објавено во: Економија 05 Јуни, 2018
Номиналната цена на сто киловат- часови електрична енергија во Македонија е меѓу најниските во Европа, но ако се споредува куповната моќ на населението, сметките за струја му тежат на буџетот на едно македонско домаќинство речиси исто колку и на едно просечно европско семејство. А, за разликите во приходите на едно македонско и европско семејство не треба посебно да се зборува, општо познато е дека просечната плата во ЕУ е најмалку трипати поголема од нашиот просек.
Според последните податоци од Евростат, во 2017 година, сто киловат-часови со пресметан ДДВ и други давачки во земјава чинеле 8,1 евра. Поевтина струја од нас, номинално, плаќале само домаќинствата во Србија (7 евра) и во Косово (6,5 евра).
Но, споредбата на цените на електричната енергија во европските земји мерена според методата на паритетот на куповната моќ на населението, со која статистички се елиминираат разликите во нивото на цените помеѓу земјите, може да се види дека во однос на цената на другите стоки и услуги, македонските граѓани плаќаат поскапа струја, односно им требаат повеќе пари за неа отколку на Финците, Холанѓаните, Британците и други жители на побогати држави.
Мерено според куповната моќ на населението, струјата во Македонија чини 18,8 ППС (единица со која се изразува стандардот на куповна моќ), во Грција 19,7 ППС, Бугарија 20,6 ППС, Хрватска 19,3 ППС, Австрија 18,2, Словенија 19,9 ППС, а европскиот просек е 20,5 ППС. Инаку, според овој метод, електрична енергија за домаќинствата е најскапа во Германија (28,8 ППС), па Португалија (28), Белгија (26,4), Романија (26) и во Полска (25,4), а најевтина е во Норвешка (11,1) Финска (13) и во Луксембург (13,4).
Номиналната просечна цена на електричната енергија за домаќинства во Европската унија во 2017 година се намали 0,2 отсто и изнесува 20,5 евра за 100 кВч. Кај нас, лани струјата поевтини за 2 отсто, а сто киловати чинеа 8,1 евра. Најевтина струја меѓу земјите- членки лани плаќаа Бугарите (9,8 за 100 кВч). Потоа следат Литванија (11,1 евра) и Унгарија (11,3 евра), а највисока цена имаше во Германија (30,5 евра), Данска (30,11 евра ) и во Белгија (28,8 евра). Најголем пораст на цените на електричната енергија на домаќинствата во националната валута беше регистриран во Кипар (12,6 отсто), потоа Романија (7,2 отсто), Малта (7,1 отсто), Естонија (6,5 отсто), Обединетото Кралство (5,3 отсто), Бугарија и Белгија (по 4,8 отсто) и Полска (4,5 отсто). Спротивно на тоа, забележливо е поевтинувањето на струјата во Италија (-11,1 отсто), Хрватска (-7,5 отсто), Словачка (-6,2 отсто) и во Грција (-6 отсто).
Уделот на даноците и придонесите во вкупните цени на електричната енергија во домаќинствата значително се разликува помеѓу земјите-членки, кои се движат од две третини во Данска (69 отсто од цената на електричната енергија во домаќинствата се состои од даноци и давачки), а повеќе од половина во Германија (55 отсто) и во Португалија (52 отсто). Ова ниво е најниско во Малта (5 отсто). Во ЕУ, даноците и давачките учествуваат со повеќе од една третина (40 отсто) од цените на електричната енергија во домаќинствата.
Во Македонија ова учество изнесува 15 отсто, а од земјите во регионот, во Србија овој процент изнесува 23 отсто, во Бугарија 17 отсто, Албанија 17 отсто, Грција 33 отсто, Косово 10 отсто и во Хрватска 18 отсто.
(М.Б.)