Бугарските власти ги „кратат“ парите за кетеринг
Објавено во: Балкан 06 Мај, 2016
Властите во соседна Бугарија на диета - без гурмански јадења и скапи пијалоци.
Премиерот, претседателот и останатите од власта се лишени од егзотично овошје, гурмански јадења и скапи пијалоци. За оваа година буџетот за кетеринг е до 30 000 лева без ДДВ. Лани изби скандал затоа што политичарите трошеле за виски, руска водка, лондонски џин, ирски ликер, октоподи, шкампи, јастози, лосос, манго и папаја. По острите критики премиерот Бојко Борисов реши да ги намали ваквите трошоци. Добриот апетит оваа година ќе се обезбеди со доста скромни средства. Ќе се води сметка да се нарачуваат домашни производи, било да е тоа храна или пијалоци. Некои од политичарите сметаат дека ова е добар начин да се поддржи бугарското производство со користење на домашни производи.