Бугарски навивачи испишале навредливи графити и го блокирале патот Куманово - Крива Паланка
Објавено во: Македонија 29 Јуни, 2017
Нормализиран е сообраќајот на патoт Куманово – Крива Паланка, што неколку часа беше блокиран од навивачи на спортскиот клуб „Ботев“ од Пловдив, Бугарија.
Тие претходно на бензинска пумпа кај кривопаланечката обиколница испишале навредливи содржини за Македонија. Навивачите на пат кон Куманово се пресретнати од полицијата, но одбиле да бидат приведени и го блокирале патот.
Патниците од автобусот залепиле и неколку налепници со ознака БГ, по што заминале од местото на настанот и се упатиле кон Куманово, затоа што се движеле низ Македонија кон Албанија.
Околу четири часот биле запрени од полицијата од Полициска станица Куманово на автопатот А2, пред влезот во Куманово. Направен е претрес на автобусот, при што кај четири лица е пронајден доказен материјал, информираат од МВР. Патниците одбиле да бидат приведени и го блокирале магистралниот пат Куманово-Крива Паланка.
Околу 7 часот и 45 минути блокадата е отстранета, сообраќајот е нормализиран, но полицијата уште не ги привела лицата. Навивачите на клубот „Ботев“ се покрај патот, како и полицијата.