Добивај вести на Viber
Европската комисија ќе ги продолжи разговорите за изградба на гасоводот Јужен тек, и покрај најавите на Русија дека го стопира проектот, вели потпретседателот на Европската комисија задолжен за енергетика Марош Шефчович.
Следниот состанок на оваа тема ќе се одржи на 9-ти декември, а Шефчович смета дека и натаму постои можност за проектот да се најде решение кое ќе биде во целосна согласност со европските прописи.
„Очигледно овој нов развој на настаните ќе биде дополнителен елемент за кој ќе треба да се расправа на состанокот. Еден од приоритетите на Енергетската заедница е да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија“, нагласува тој.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера во Анкара изјави дека Русија е принудена да се повлече од овој гасовод, затоа што Европската унија не е подготвена да ја поддржи изградбата на овој проект.