14 Август, 2020
0.0330

Битиќи vs Лазаров: Имаат ли моќ да ги остварат своите ветувања и што мислат за политичкиот ривал

Објавено во: Економија, Колумни 09 Јули, 2020

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е претседател на Kомисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - деветтата нивна колумна за Фактор е последна пред изборното соочување во среда на 15 јули, кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе си ги одмерат силите, па интересно е да се погледне како тие ги бранат економските понуди. Затоа ги прашавме - дали нивните партии имаат знаење и капацитет ветувањата со кои настапуваат во програмите и пред граѓаните и реално да ги остварат, и нема ли корона кризата да им биде сериозна пречка, како врз бизнисот ќе се одразат даночните промени што ги најавуваат, но и што мислат за економските ветувања на нивниот политички конкурент.

Имате силни економски ветувања во Вашите програми. Имате ли знаење и капацитети нив и реално да ги остварите, и нема ли корона кризата, за која нема изгледи дека ќе стивне во догледно време, да Ви биде пречка кон зацртаните цели? 

Битиќи: Ветувањата во програмата на СДСМ не се само ветувања за изборни цели, туку реални проекции како ќе се одвиваат економските активности во наредните четири години, со мало дополнување дека овие бројки се остварливи доколку здравствената криза заврши на почеток на 2021 година.

Да тргнеме од почеток, ветуваме натамошно зголемување на просечната и минималната плата, нешто за што од опозицијата бевме неаргументирано и жестоко напаѓани, посебно во делот на покачувањето на минималната плата, кога нивниот најистакнат економист во февруари во повеќе јавни настапи елаборираше како сме ја покачиле минималната плата без да има основ за тоа, за сега, по само неколку месеци, да има ставови кои се извртени за 180 степени.

Цело време сме партнер на бизнисот, заедно изнаоѓаме решенија на реалните проблеми и во координација ги менуваме сите регулаторни и административни пречки, а овој процес со уште позасилено темпо ќе продолжи и во наредните четири години. Дополнително во овој кризен период издојуваме значителен дел од буџетот да му помогнеме на реалниот сектор, за да може полессно и побрзо да излезе од оваа криза. 

Лазаров: Ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ се базирани на јасна и прецизна методологија со конкретни мерки и проекти кои се временски и буџетски дефинирани, што е силна гаранција дека тие ветувања се реални и ќе бидат во целост реализирани во наредните четири години. Дополнително, фактот што главни носители во изработката на програмата се партиските стручни комисии заедно со голем број на реномирани универзитетски професори, домашни и странски експерти, како и фактот што партијата во изминатиот период кадровски силно се доекипираше, само потврдува дека оваа генерација политичари на ВМРО-ДМПНЕ има капацитет да ги испорача сите ветувања во програмата кои ќе овозможат подобри услови за живот и поголем животен стандард на нашите граѓани.

Во однос на влијанието на корона кризата, ние како сериозна партија со реален пристап во водење на политика пристапивме во ревидирање на дел од проектите, при што, беше пролонгирана временската рамка за започнување и финална реализација на еден дел од проектите кои сметавме дека се помалку приоритетни во овој период. Таквите ревидирања, се разбира, беа базирани на претходно направена макроекономска проекција за движењето на економијата во наредниот период и фискалниот простор за реализирање на планираните проекти, секако земајќи ги предвид ефектите од кризата.

Дополнително, изработивме преодна стратегија за справување со здравствено-економската криза, која ќе се реализира во првите 100 дена од формирањето на новата влада со цел побрзо и побезболно да излеземе од економската криза. На тој начин ќе се обезбеди подобра основа за спроведување на планираните економски политики кои ќе го генерират идниот економски раст и развој на земајата во пост-кризниот период.

Најавувате промени во даночната политика, рамен версус праведен данок. Дали е добро да се оди кон натамошни даночни промени, со оглед што бизнисот во тој дел сака извесност и предвидливост?

Битиќи: Предвидливото даночно опкружување е императив на секоја влада која гради партнерски однос со бизнисот, па исто така и владата на СДСМ која ќе се формира по изборите ќе продолжи со истиот начин на работење. Како што е најавено и во програмата, од промените кои на краток рок ќе се случат - се намалувањето на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто за угостителски услуги, намалување од 18 проценти на 5 проценти кај занаетчиските услуги, подигнување на прагот за регистрација на ДДВ обврзник од два на три милиони денари, и целосно ослободување од плаќање на ДДВ на машини и суровини од увоз кои се наменети за производство кое е исклучиво за извоз.

На среднорочен план ние не отстапуваме од прогресивното (праведно) оданочување, но за тоа да се спроведе ќе треба дополнително да се интегрираат уште неколку државни системи кои се во процес на меѓуинституционално поврзување, и кога системот ќе биде целосно оперативен, ќе пристапиме кон воведување на повисоки даноци кои најмногу ќе ги таргетираат најбогатите, или со поедноставни зборови - ние се свртуваме кон даночење на богатство наместо на приход.

Лазаров: Еден од најдобрите проекти на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ беше воведувањето на рамниот данок на ниво од 10 отсто. Тоа овозможи вистинска поддршка за приватниот сектор во делот на стимулирање на инвестиции и креирање на нови работни места. Истовремено, намалувањето на данокот на добивка и персоналниот данок на доход овозможи прилив на голем број СДИ кои до тој период беа мислена именка во државата. И можеби поважно, во тој период се докажа дека со пониски даноци, но со истовремено зајакнување на даночните капацитети, може да се обезбеди одржливост на буџетот.

Спротивно на тоа, во изминатиот период бевме сведоци на еден неуспешен, јас би рекол несреќен обид на СДСМ за воведување на прогресивно оданочување со зголемување на даночните стапки, што имаше сериозни негативни импликации врз македонската економија, особено врз некои значајни сектори за земјата како што е ИТ секторот. Дополнително, она што беше сериозна забелешка од страна на бизнис секторот, е дека таа мерка беше избрзана и без вистинска консултација со бизнис заедницата, што де факто предизвика нарушување на деловната предвидливост во земјата.

За разлика од таквиот пристап, ВМРО-ДПМНЕ нуди еден поинаков пристап во водењето на економските политики, вклучувајќи ја овде и даночната политика што подразбира обезбедување на целосна извесност за бизнис секторот. Ние во програмата предвидуваме намалување на данокот на добивка и персоналниот данок на доход, најпрво на 9 отсто, а потоа и на 8 отсто, со што ќе ги стимулираме домашните компании повеќе да инвестираат, а истовремено ќе обезбедиме поголем број на странски инвестиции во земјата. Дополнително, со намалување на даночните стапки, ќе ослободиме средства во компаниите кои тие ќе можат да ги пренасочат во зголемување на платите на своите вработени.

На кои клучни постулати Ви се базираат економските ветувања и што мислите за економската програма на ривалската партија? 

БитиЌи: Вложувањето во човечкиот капитал останува наш основен постулат. Поддршката кон него ќе се одвива преку низа мерки, дел од нив функционираа и до сега, а дел од нив ќе бидат воведени по формирањето на владата. Планот за економски раст секоја година ќе биде поддржан со зголемен буџет за најмалку 20 отсто, овозможуваме отворање на фирма со влог од едно евро, па секој со минимални трошоци да може да ги оствари своите бизнис идеи, ќе се врши поврат на персонален данок за вработените лица до 29 годишна возраст, продолжува да важи мерката за 3.000 денари младиснки додаток за вработување на млади во производство, се укинуваат даноците на трошоци за обука, доквалификација, преквалификација и стручно усовршување, коренита реформа на плаќањето на фирмарина, драстично укинување на надоместоци за документи кои се добиваат од Централен регистар, УЈП и Царина, намалување на 75 отсто од парафискалните давачки, ќе воведеме tax-free refund систем за странските туристи, во законот за финансиска дисциплина ќе ги вклучиме и државните институции, носиме нов закон за е-трговија со кој ќе се сузбие нелојалната конкуренција, ќе субвенционираме учество на саеми за македонските компании кои поседуваат TUV и CE сертификати и многу други мерки.

Програмата на ривалската партија би ја оценил како бледо издание на преродбата во 100 чекори, надградена, проширена и денес многу застарена. Не можам да разберам во која реалност живеат со воскреснатиот предлог за воведување на финансиска зона во која ќе важи посебна даночна регулатива. Таквиот предлог не само што потекнува од едно друго време кое никој од нас не сака да се врати, туку е модел кој функционира на неколку места во светот, каде има висока концентрација на богати лица (милионери и милијардери) и кои за да избегнат високи стапки на оданочување во местото каде што живеат, се пријавуваат како жители на овие финансиски зони.

Предлогот за намалување на персоналниот данок од доход и данокот од добивка на 8 отсто ќе резултира со вкупен буџетски дефицит во наредните четири години од околу 450 милиони евра, што е само продолжување на стилот на менаџирање на јавните финансии на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година, кога буџетскиот дефицит генерираше галопирачки раст на јавниот долг на државава.

Повторно промовираат странски експерти кои ќе им помагале на домашните компании, целосно потценувајќи го капацитетот на домашните консултантски фирми како и севкупниот капацитет на домашните компании кои најдобро знаат кои се потребите на домашната економија и во кој правец да го насочат нивниот развој.

Дополнително, повторно го ветуваат системот на привлекување на странски инвеститори преку промотори, модел кој во претходното нивно владеење потроши околу 220 милиони евра, а резултатите се далеку под нивото на СДИ кои влегоа во државава во изминативе три години без никаков трошок за промоција на државата.

ВМРО ДПМНЕ ветува намалување на придонесите со намалување на стапката за ПИОМ и тоа само во делот кој се трансферира кон вториот задолжителен пензиски столб, истовремено најавувајќи стабилизирање на ПИОМ. Намалувањето на процентот на придонеси со кој ќе се намали трансферот кон задолжителните фондови нема на никаков начин да има влијание на приходите на ПИОМ, па оттука е потполно нејасно како оваа мерка воопшто ќе влијае кон стабилизација на ПИОМ.

Лазаров: Економската програма на ВМРО-ДПМНЕ нуди нов економски модел и развоен концепт кој ќе испорача високи и одржливи стапки на економски раст од кои корист ќе имаат сите граѓани. 
Всушност, економската програма е базирана на три клучни столбови. Првиот столб се однесува на креирање подобри услови за водење бизнис, преку зајакнување на институционалните капацитети на државата, бескомпромисна и неселективна борба со корупцијата и сивата економија, дигитална трансформација и професионализација на јавната администрација која треба да биде вистински сервис за бизнис секторот, како и враќање на Македонија во топ 10 реформатори според ранг листата на Дуинг бизнис. Дополнително, во овој столб се предвидува зголемување на ефикасноста на јавните финансии преку буџетско преструктурирање во насока на интензивирање на капиталните инвестиции, кои ќе обезбедат дополнителен стимул за економијата, но и значително ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните. 
Вториот столб е градење на конкурентен приватен сектор преку програма за модерна и извозно ориентирана индустријализација што подразбира поддршка за домашните производни и извозно ориентирани компании со цел нивно производно, организациско, кадровско и техничко-технолошко унапредување, но и градење на нов модел за привлекување на претходно таргетирани странски компании кои ќе креираат високо платени работни места и ќе имаат поголем степен на соработка со домашните компании. 
На крај, третиот столб е насочен кон градење на интегриран национален иновативен систем и поддршка на ИКТ секторот. Во рамките на овој столб се предвидува формирање на иновациска и ИТ зона во која државата ќе изгради технолошки парк и ќе обезбеди поддршка за иновативни и брзорастечки МСП, но истовремено ќе се обезбеди поддршка за ИТ извозните компании. 
Всушност, овие три столба се системски поврзани помеѓу себе и се составен дел на новиот економски модел, кој ќе обезбеди стапки на раст повисоки од 4 отсто годишно, 25 отсто раст на платите и стапка на невработеност под 10 проценти.

За разлика од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, нашиот опонент нуди нереални и паушални ветувања без никаква методологија која ќе ги објасни чекорите како ќе бидат остварени тие ветувања. Всушност, во најголем дел станува збор за препишани и надградени ветувања, кои не беа реализирани во изминатите три години.

Можеби ќе ве интересира

ИМАЛО ЛИ ЗАИНТЕРЕСИРАН ИНВЕСТИТОР - кој сакал да достави понуда за Еуростандард банка?

ИМАЛО ЛИ ЗАИНТЕРЕСИРАН ИНВЕСТИТОР - кој сакал да достави понуда за Еуростандард банка?

Зошто Македонците доцна заминуваат од домот на родителите?

Зошто Македонците доцна заминуваат од домот на родителите?

Нема да можете да плаќате сметки во пошта, еве зошто...

Нема да можете да плаќате сметки во пошта, еве зошто...

ПАД ВО ТУРИЗМОТ ЗА 95 ОТСТО: Мал број Срби, Турци, Бугари, Албанци сепак шетале низ Македонија

ПАД ВО ТУРИЗМОТ ЗА 95 ОТСТО: Мал број Срби, Турци, Бугари, Албанци сепак шетале низ Македонија

КХВ: Укината дозволата на Дирекцијата на Еуростандард, пазарот останува стабилен

КХВ: Укината дозволата на Дирекцијата на Еуростандард, пазарот останува стабилен

Отворете сметка или депозит во Халкбанк и добијте ваучер за да се почестите на наша сметка

Отворете сметка или депозит во Халкбанк и добијте ваучер за да се почестите на наша сметка

Се огласија винариите и трговците со вино: Откупните цени се мали затоа што државата не помага

Се огласија винариите и трговците со вино: Откупните цени се мали затоа што државата не помага

Берзата трајно ја исклучи Еуростандард банка од членство

Берзата трајно ја исклучи Еуростандард банка од членство

ФОНДОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ДЕПОЗИТИ ДО ШТЕДАЧИТЕ - ќе има известување кога и преку кои банки ќе тече обесштетувањето

ФОНДОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ДЕПОЗИТИ ДО ШТЕДАЧИТЕ - ќе има известување кога и преку кои банки ќе тече обесштетувањето