БЕСА со ултиматум до СЈО - Мора да ги покренат случаите за Сопот и Монструм
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2017
Движењето БЕСА постави еден вид на ултиматум до Специјалното јавно обвинителство кое до овој петок треба да ги покрене случаите „Сопот“ и „Монструм“ бидејќи потоа мандатот кој тимот на Катица Јанева го има за покренување обвиненија ќе истече.
- Без разлика на одлуките на Советот на јавни обвинители за „Сопот“ ние цениме дека СЈО има доволно материјали за само да го иницира случајот, да не дозволува на двојството ВМРО-ДУИ да продолжат да играат со животите на луѓето од „Монструм“ и „Сопот“ -велат од Беса.
Од таму велат дека ако СЈО в петок не ги процесуира случаите тоа ќе се оцени како „манипулација и предавство на тие што страдаат со доживотен затвор само поради политизираната правда во Македонија“.
- Беса нема да дозволи животот на Албанците да зависи од политичките пазарења и нема да се откажеме сè додека не се расветлат целосно овие случаи. Ако не се решат овие два случаи, државата ќе ја сноси одговорноста заедно со СЈО, велат од партијата.