Белорусија подготвува протестна нота по информациите кои ги изнесе Антонио Милошоски
Објавено во: Македонија 26 Јули, 2019
Белорусија ги демантира информациите кои вчера ги изнесе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и додаваат дека тој шири лажни вести.
Почесниот конзулат на Република Белорусија во Скопје и Амбасадата на Република Белорусија во Белград преку допис до медиумите ги демантираа информациите што ги изнесе пратеникот Милошоски на вчерашната собраниска седница за пратенички прашање и објавија дека тоа се лажни вести.
„На 25 јули се изведени лажни вести од страна на пратеник на Собранието на Република Северна Македонија, господин Антонио Милошоски, па поради погоре искажаните лажни вести од негова страна, кои беа проследени во електронските медиуми, ве известуваме дека ни во минатото ни сега до Амбасадата на република Белорусија во Белград и неговата екселенција амбасадорот Валериј Брилјев, ни во Почесниот конзулат на Република Белорусија во Скопје не се доставени никакви жалби. Исто така, ниеден стопанственик што бил примен на разговор не се пожалил за никакви проблеми, од каква било природа и какви било размери. Сакаме да посочиме, воедно и да потврдиме дека сѐ што беше искажано се едноставно лажни вести. Во моментот се подготвува Нота од страна на Амбасадата на Република Белорусија во Белград до Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија за погоре искажаните лажни вести”, пишува во соопштението од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје.
Милошоски праша дали наводно на бизнисмен кој добил тендер за РЕК Битола функционер од власта му побарал 250 илјади евра по што тој се јавил кај амбасадорот на Белорусија во Белград за да побара заштита.
Премиерот Зоран Заев рече дека тоа се лаги.