05 Мај, 2024
0.0226

Бегалска агонија

Објавено во: Колумни 24 Август, 2015

Добивај вести на Viber

Солзи детски и вресок со замолница за капка вода, подадени раце што молат за парче леб, насолзени очи на стотици луѓе и празен поглед во недоглед, стегнати раце и закрвавени нозе на луѓе кои милно молат за помош, допир на  мајка која таговно ве замолува за превоз со своето чедо до саканата дестинација, крикови и извици на лица кои трчаат безпоштедно барајќи можност да се пробијат до возот кој се надеваат  декаќе ги однесе во подобра иднина каде ќе го најдат своето место под сонцето. Изнемоштени, гладни, во страв и трепет од непознатото, луѓето што катадневно стојат во меѓуграничната зона ја имаат онаа  фацијална еспресија што ни најдобрите психолози не би можеле веднаш да ја одгатнат. Гореспоменатото е слика која деновиве секојдневно ги окупира малите екрани и е дел од нашата реалност. Тоа не е некој сон кој бргу ќе го отсонуваме, тоа е јаве кое треба да го живееме и да умееме да се справиме со него. Каква е таа мака што ги натерала тие луѓе да остават се во нивната матична земја и да тргнат во непознато И навистина се срцепарателни сликите кои ги гледаме, слики кои не оставаат без зборови, слики кои и најтврдокорните луѓе ги онемуваат и растажуваат. И во тие мигови кога сте сведоци на такви траорни судбини во главата ви се ројат безброј  мисли, но едно прашање постојано ви го тишти умот-каква е таа болка, каков е тој страв, каква е таа мака што ги натерала тие луѓе да остават се во нивната матична земја и да тргнат во непознато, туѓо, надевајќи се на подобро утре? Разговорите кои се водат со емигрантите од Сирија во најголема мера ни кристализираат една слика на човечка немоќ да издржи месеци и месеци војна, конфликти, ни оддаваат една крајно потресна вистина за трагични човечки судбини, за луѓе кои без здив и без размисла го оставаат имотот, сето она што го печалеле со години, ја оставаат сета традиција на прадедовските огништа и заминуваат во белиот свет...Трогателно, навистина болна и тажна е судбината на тие луѓе и она што би требало барем да го направиме за нив е сомилоста и помошта, секако кој колку може, за да им помогнеме барем во олеснување на нивните маки. Она што најмногу иритира е што се маргинализира проблемот и се дава приоритет на дневно политичка пропаганда Голема преселба на народ изгледа самата слика кога ќе здогледате илјадници и илјадници луѓе застанати во меѓуграничен појас чија цел е превоз и норамални услови за преживување во тие саати или денови кога се на нечија територија. И секој рационално и емоционално изграден човек си го поставува симплифицираното прашање-постојат ли институции на системот кои треба скалдно, правилно и прописно да ја решат таквата ситуација. Во овој случај институциите потфрлија, првенствено со недоволната спремност веднаш да пружат соодветна помош и регулирање на самиот превоз со кој се транспортираат емигрантите. Второ, веднаш требаше да се направи сеопфатна акција за справување со новонастанатата ситуација и да се вклучи и граѓанскиот сектор во решавање на проблемот. Да не говориме за хигиенските услови во камповите, здравствените услуги, можноста за брза интервенција од секаков вид и слично. Навистина боли кога ќе видите дека сте на насловниците на светските медиуми, но не по арно, туку по лошо. Ве пишуваат, ве споменуваат како земја која не обезбедува минимални услови за емигранти и земја која дури практицира и насилство во справување со нив. А нашата полиција коректна и за пофалба, сликата на полицаец кој милно му дава вода на жедно дете е доказ и показ за тоа. И она што најмногу иритира е што се маргинализира проблемот и се дава приоритет на дневно политичка пропаганда - па зарем животите на илјадници деца се помалку вредни од пуштање во погон на некое драксторче или кружен тек? Едвај прелазна оцена ќе дадам, како професор на институциите и ова нека биде ука и поука дека сериозни проблеми кога ќе ја навјасаат државата бараат сериозни државнички потези, само со добра и сеопфатна национална програма можат да се решат и најгорливите проблеми. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина