05 Мај, 2024
0.0239

Банкарски групирања: големите ќе ги јадат малите – или малите ќе гризнат од големите?

Објавено во: Анализа 07 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Веќе е извесно – ќе има поместувања во банкарскиот бизнис, не само менаџерски, туку и сопственички. Додека “Шпаркасе Банка “ и “НБГ Стопанска Банка“ ги чекаат новите директори,  гувернерот на Народната Банка Димитар  Богов најави и можни банкарски зделки за спојување или преземање на веќе постоечки банки во земјава. Според информациите што се лиферуваат во банкрските кругови, не е исклучено да се случи спојување на познати банки, со значајно пазарно учество во вкупниот банкарски сектор, чиј што капитал веќе е во странска доминација. “Има разговори, има интерес. Нема некои големи банкарски имиња од странство, тешко е да се очекува во вакви околности, кога бабките секаде во светот се преокупирани со свои сопствени прблеми.Меѓутоа очекувам, и јас го стимулирам тоа да има окрупнување во македонскиот банкрски сектор. Можни се спојувања, преземања, главно меѓу постоечките банки “ – изјави гувернерот Димитар Богов за 24 Вести. Овие комбинаторики и најави, според познавачите се очекувани во состојба кога кризата во Европа се прелеа во банкарскиот сектор. По Грција, како критична “економија“ сега се посочува Словенија, која под притисок на Европската Унија треба да спроведе операција за “реорганизација“ на банкарскиот сектор. Токму Грција и Словенија преку НБГ Групацијата, односно НЛБ Групацијата се доминатни сопственици на двете од трите најголеми банки во земјава “Тутунска Банка “ и “Стопанска Банка“. Иако мајките – банки се соочуваат со финансиски проблеми, двете испостави во земјава важат за исклучително профитабилни. Така, според достапните информации, НБГ Стопанска Банка по својата профитабилност е веднаш за турската банка што е дел од гупацијата НБГ. Слична позиција има и НЛБ Тутунска Банка, кој се смета за еден од “највредните“ делови на НЛБ Групацијата од Словенија. Познавачите велат дека во обид да ја подобрат финансиската кондиција, големите банки што генерираа загуби, логично би било да размислуваат за продажба на профитабилни  “банки-ќерки“ за кои би постигнале “добра“ пазарна цена. Директорски смени во Стопанска и Шпаркасе ! Во меѓувреме, она што наскоро треба да се случи се менаџерските промени во Стопанска Банка и во Шпаркасе Банката. Народната Банка сеуште не издаа дозвола за директорување во ниту една од овие банки. “Колку што имам информација господинот Бишев имаше одлична соработка со акционерите од Стопанска Банка, исто така некаде во октомври минатата години тие му го обновија новиот четиригодшен мандат, така што немше некои недоразбирања коишто би можеле да влијаат. Битно е квалитетните банкари да остануваат во банкарскиот сектор.Мислам дека овој транфер ќе значи многу за Шпаркасе Банка, ќе ја зајакне банката.“ – изјави гувернерот. Националната Банка на Грција сеуште не доставила барање за отпочнување на постапка за именување на нов директор на банката што ќе го замени сегашниот Глигор Бишев. Гувернерот Богов пред две недели имал средба со претставници на НБГ Групацијата на која разговарале за постапката, роковите и прцедурите за именување на нов директор, но и за иднто работење на Стопанска Банка на Македонскиот пазар. Според информациите – тие потврдиле дека остануваат и продолжуваат да работат во Македонија. Во Стопанска Банка има 4 членови на Управниот одбор, тројца остануваат во континутет, вели Богов, со што обзнани дека освен промена на раководната позиција, останатите менаџерски тим продолжува во Стопанска Банка. “Фактор“ неодамна објави дека најверојатно новата директорска позиција во Стопанска Банка ќе ја преземе гркот Константинос Братос, човек делегиран директно од базата во Атина, Братос сега е претседател на Надзорниот Одбор на банката. Сепак, тој се посочува како “преодно“ решение за Стопанска, на чие чело во иднина повторно би застанал директор – Македонец. Последната банкарска “зделка“ се случи во октомври 2012 та година, кога “Зираат Банка“ се присоедини кон “Халк Банка“ Без разлика дали ќе се случат продажби на банки, преземања или докапитализации на “банките-мајки“, Народната Банка испрати порака дека штедните влогови на граѓаните во сите банки се безбедни и дека законската регулатива во земјава не дозволува загрозување на депозитите. Кој ги поседува банките ? Од вкупни 16 банки во земјава, 12 банки се во доминантна сопственост на странци. Според последните расположливи податоци на Народната Банка, што се однесуваат на третиот квартал од 2012 та година, во земјава работат уште седум подружници на странски банки. Заклучно со крајот на 2012 та година, податоците укажуваат на тоа дека 75,2 отсто од банкарскиот капитал е контролиран од странци. Во банкарскиот систем во земјава доминира грчки и словенечки капитал. Анализата покажува дека во вкупната актива најголемо пазарно учество имаат банките што се во доминантна сопственост на акционери од  Грција, со учество од 23,3 % и на акционери од Словенија, со учество од 17,2 %. Банките што се во сопственост на странските – портфолио инвеститори имаат пазарно учество од 23,8%, додека пазарното учество на домашните инвеститори изнесува 7,6%. Кој го диктира банкарскиот пазар? Водечката улога во банкaрскиот сектор, според Народната Банка, се уште ја има “големата банкарска тројка“, НЛБ Тутнска Банка, НБГ Стопанска Банка и Комерцијална Банка. “Дури 60% или две третини од вкупната актива на банкарскиот сектор е сконцентрирана кај трите најголеми банки, додека 11 банки имаат поединечно учество помало од 4 отсто“ – пишува во последниот објавен Извештај на НБРМ за банкарскиот сектор. Според правилата, големи банки се сметаат оние чија актива надминува 250 милиони евра, средни банки се оние што располагаат со актива од најмалку 73 милиони евра, а во мали банки се вбројуваат оние чија актива е помала од 70 тина милиони евра. Според  ова во земјава имаме 3 големи банки, 7 средни банки и 4 мали банки. Големите банки нудат најниски камати за кредити, но и најниски камати за депозити. За разлика од комодитетот што можат да си го дозволат големите банки, средните и малите нудат повисоки камати за кредити, но и повисоки камати за депозити. Еве што покажуваат податоците за овие параметри, заклучно со октомври 2012 та година: Каматните стапки за кредити (просек за денарски кредити), кај големите банки изнесувал 8,2%, кај средните 8,7%, а кај малите банки 9,4%. Каматните стапки за депозити ( просек за денарски депозити) пбк изнесувале, кај големите банки 4,8%, кај средните 4,5% и кај малите Банки 6,5%. Профитабилност на банкарскиот сектор Последните мерења покажуваат дека ланската година, вкупниот банкарски сектор покажа профит од речиси 24 милиони евра и во однос на 2011 та е остварен раст за околу 23 отсто. Најголем профит прикажаа големите банки, од 32,3 милиони евра, а средните банки имаа добивка од околу 3,5 милиони евра. Малите банки и натаму генерираат загуби, така 2012 та година ја завршуваат со вкупна загуба од 12 милиони евра, што влијаеше да се намали профитабилноста на ниво на целиот банкарски бизнис. Сепак, некои од помалите банки успеаја значително да ги намалат загубите во однос на претходните години, со што навестија подобри денови. Д.А.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад