АВРМ со нов оглас за грантови - По 4000 евра за нови бизниси
Објавено во: Економија 29 Мај, 2017
Агенцијата за вработување на Република Македонија објави нов оглас со кој се предвидува да се доделуваат по 4000 евра средства како грантови за нови бизниси кои ќе ги отворат невработените лица. Се предвидува финансирање на 400 нови бизнис- проекти.
Програмата вклучува обука за претприемништво, помош при развивање на бизнис- план, неповратни средства за набавка на опрема, материјали и менторство при стартување на бизнисот.
„Оваа мерка е добра можност за секој кој има претприемачки дух, секој што има потреба од финансирање или неповратни средства да аплицира во Агенцијата за вработување. На крајот да видиме успешен пример на лице кое имало идеја, чувство за бизнис дека да успеало и вработува дополнително други лица во својот бизнис“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.
Во првата фаза преку мерката самовработување, беа поддржани 600 бизнис проекти. Годинава е предвидено да се опфатат над 1.000 невработени.
„Во текот на октомври месец ќе ги избереме дополнителните 50 вработувања во овие 1.000 нови компании со тоа што ќе добијат дополнителни 1.500 евра неповратни средства за ново вработување во овие таканаречени старт- ап бизниси“, изјави Поповски.
За десет години, од кога се спроведува оваа мерка се отворени 8.730 компании, вработени се речиси 9.000 луѓе, 70 проценти од нив се во работен однос.