17 Мај, 2024
0.0318

Анализа: Што да очекуваме од „З“ младите – Нови лидери со технолошки знаења или „проблематични“ вработени?

Објавено во: Македонија 02 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Генерацијата З според најновите анализи е возрасна група на луѓе родени помеѓу 1997 и 2012 година, односно највозрасните од оваа група веќе имаат по 23-24 години и се спремаат да ги направат првите посериозни кариерни чекори откако го завршија образованието. За подобро да ја разбереме популарно наречената Генерација З направивме анализа со Зорица Поповска професионален тренер и коуч и основач на Сенсум, како и со Миле Бошков претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија. Младите од Ген. З се родени практично со веќе развиена технологија и достапност на Интернет, имаат потреба од инстант гратификација како на социјалните мрежи така и во реалниот живот. Ги засегаат социјални и прогресивни прашања, повеќе се отворени и сакаат промени во статус квото. Токму оваа нова група на млади, која ќе станува се поактивна во општествениот живот, во економијата и процесите на носење на одлуки, ќе биде многу важно да се проучи за да се искористи нејзиниот потенцијал. Нив ги следи период на економски развој по кризата во 2008 година која најмногу ги погоди милениумците но, кризата со КОВИД-19 може сериозно да се одрази врз развојот на оваа генерација.

Генерацијата З веќе навлегува на пазарот на труд, ги создава првите посериозни приходи и станува активна во општествениот живот. Што може да се очекува од младите во оваа категорија која ги наследува „милениумците“?

„Кога зборуваме за генерациите, не постои универзален критериум за сврстување во одделни генерации, во прашање е континуум, од генерација во генерација се преминува постепено. За овие генерации можам да зборувам и од сопствено искуство – учесниците на моите „soft skills“ тренинзи во главно се милениумци и припадници на ген З, а за нивните лидери честопати правам и тренинзи – помеѓу другото и како да работат со овие две генерации. Убавината на Генерација З, е дека тие се нов бран на вредни и снаодливи личности. Генерално важат за самомотивирани и со претприемачки дух. Генерација „оди и добиј!“ Тоа се генерации кои мобилни телефони добија пред да научат да читаат, па така ги доживуваме како дигитални домородци кои пораснаа во светот на интернетот. Прогресивни се и имаат пристап до ресурсите повеќе од било која од претходни генерации. Одлични се во поврзувањето со другите, што значајно ги подобрува нивните шанси да успеат во тоа што ќе намислат. Од работата сакаат менаџерот да им биде емпатичен и работата да има смисла, сакаат да учат преку забава, да има откритија и мистерија“, вели Зорица Поповска од Сенсум.

„Интересна и „нова“ надежна рабона сила, од  нив  може  да  се очекува прецизност, прагматичност, брзина и дополнителните, но исто  така  треба  да се биде подготвен за соочување со незаинтересираност и неодговорност“ смета Миле Бошков од БКМ.

Поповска се согласува дека „З“ младите носат свежинаи дух на новото време.

„Ентузијастични се и поседуваат енергија која треба да знаете да ја „извлечете од нив“. Младите не треба да се откажат од своите соништа, бидејќи се потполно различни од соништата на постарите генерации. Им ја посакувам целата среќа да успеат во тоа. Младите генерации можат многу да придонесат во ова време на пандемија и брзи промени. Постарите го имаат искуството, стручноста, имаат бизнис знаење, а од друга страна се младите генерации кои се напредни мислители, флуидни и комотни со технологијата. Мислам дека е одлична можност за соработка помеѓу нив. Можеме да почнеме да креираме тимови, организации во кои следните генерации ќе сакаат да работат. И тоа е голема можност“, вели Поповска.  

Кои се клучните вредности кои ги водат младите од Генерацијата З, што очекуваат од работното место, има ли проблеми со нивната посветеност и спремност за вложување во кариерниот развој, очекуваат ли одеднаш да добијат врвни позиции затоа што се израснати и воспитани во духот дека се им е дозволено и се заслужуваат?

„Голем дел од истражувањата, а и моето лично искуство за нивните очекувања се сведуваат на неколку клучни работи и притоа не станува збор само за сигурност и стабилна плата. Тие се:

-  Задоволство од работата. Да ја сакаат својата работа, луѓето со кои работат и да имаат чувство на припадност.

-  Раст и развој. Сакаат да учат, сакаат да добиваат можност и моќ да покажат што знаат, да имаат динамично и предизвикувачко окружување. Сакаат да добијат тренинзи и алатки да растат и лично и професионално.

-  Значајност. Да се чувствуваат препознаено, да бидат видени и слушнати и да знаат дека работата која ја работат значи и прави разлика.

-  Смисла / поголемо значење. Генерација З се соочија со неизвесност и несигурност, дури повеќе и од мелиениумците. Како резултат, бараат работа која има поголема смисла и значење. Платата не е одлучувачка. Сакаат да знаат и да чувствуваат дека прават придонес, дека нивната работа го прави светот подобро место за идните генерации. Сакаат да видат дека нивните компании се стравствени околу нивните мисии и принципи и дека стојат зад тоа што го зборуваат – не само да зборуваат.

Кога овие потреби се пресретнати, се сѐ менува. Луѓето сакаат да придонесат, стануваат внатрешно, наместо надворешно мотивирани и нивната лична среќа и личен ангажман се зголемува. Од друга страна, најмногу им се замерува во врска со сопственото доживување на повисока вредност, што често води кон нереални очекувања, дека се мрзливи и немотивирани, имаат брза промена на фокусот, не сакаат да им се наредува, да им се кажува што да прават, пресоетливи се и нелојални, лесно ја напуштаат работата. Сепак, спротивно на етикетата дека се мрзливи, податоците од многуте истражувања покажуваат поразлична слика. Значајно се покомпетитивни за разлика од претходните генерации на работа. Да, пружаат отпор кога ќе им се каже што да прават на наредбодавен начин и кога им се кажува како да го прават тоа, многу се чувствителни и возвраќаат во облик на пасивна агресија – неправејќи го тоа што се очекува од нив. Секако, ја плаќаат цената за тоа, бидејќи во тие случаи вообичаено, луѓето на одговорните позиции го зајакнуваат притисокот и конфликтот е неминовен. Лесно губат мотивација и на мали поттици менуваат работа. Генерација З често имаат незрел поглед на динамиката на работното место. Интернетот им понуди персонализација, прилагодување на секој чекор – и тие тоа го очекуваат на работа и во кариерата“ анализира Поповска.

„Клучна вредност кај  Генерацијата 3 е брзината на решенијата (мислам на посветени рабоници во работни процеси и задачи), Ген.3 сакаат сопственост и лидерство во процесите,  сепак  тоа  е резултат од „модерното“, сегашното воспитување и учење. Мал број од Ген.3 се насочени кон професионално надградување со „обука низ работа“, процесот на пракса во професијата е недоволен“ оценува Бошков.

На што треба да бидат подготвени работодавачите и компаниите, потребни ли се нови бизнис и финансиски модели за адресирање на потрошувачките и кариерите желби на Генерацијата З?

„Лидерскиот стил, стратегии за задржување на талентите, свесност за културата во организацијата и ангажманот на вработените се само некои од предизвиците со кои ќе се соочат компаниите како резултат. Работодавачите и компаниите треба да бидат подготвени на промени на своето однесување. Клучот е секогаш во прилагодувањето. Треба да се прилагодиме за да ни се прилагодат. Потребно е да се ублажат разликите и да се препознае дека новото општество и новиот начин на работа бараат промена во лидерскиот стил – од командување и контрола кон коучинг како стил на водење и управување, да се повлечат луѓето кон релевантна визија. Тоа секако ќе ја намали флуктуацијата на луѓето и ќе ја зголеми лојалноста, а не само системот на наградување.  Дајте им можност да се поврзат и да ја применуваат технологијата, чест и конструктивен фидбек, работа која има смисла и флексибилно работно време и ќе работат одлично. Третирајте ги другите како што тие сакаат да бидат третирани. Една работа е јасна. Во овие предизвикувачки времиња, на тест е лидерството, интергритетот и етичките вредности. Тие се потребни повеќе од било кога претходно“ вели Поповска.

„Компаниите и менаџерите, мораат да знаат дека со работниците од Генерацијата 3 мораат да бидат искрени, со јасни задачи и цели, исто така прецизни  во договарање на надоместокот. Треба да знаат дека можни се ненадејни откажувања или отсуства од работа, но дефинитивно и ненадејни откази без образложение (морам да напоменам дека работодавачите се тие кои  мораат да се информираат и да го спроведуваат Законот за работни односи)“, посочува Бошков.

Како КОВИД-19 кризата ќе се одрази врз младите од Генерацијата З со оглед дека во ера на неизвесност ќе треба да ја започнат кариерата, да се задолжуваат и да управуваат со своите финансии?

„Генерацијата З не е генерација на фабриките, таа е генерација на дигитализацијата, па така и КОВИД-19 не влијае премногу на концептот на работа и вработување кај оваа генерација. На крај, сепак мислам дека компаниите се тие кои треба да се прилагодат на работните услови со новите вработени/работници од Генерацијата З“ проценува Бошков во однос на поставеноста на бизнис секторот кон „З“ младите.

„Пандемијата КОВИД-19 од корен го промени нивниот живот – како работат, како се дружат, како купуваат – младите генерации беа особено погодени. Драстично влијаеше и на нивните кариери. Голем дел останале без работа или добиле привремено неплатено отсуство. Меѓутоа, и покрај несигурните и обесхрабрувачки услови, младите опфатени во глобалното истражување на Deloitte “Millennial Survey 2020”, покажале импресивна отпорност и решеност да го подобрат светот. Додека ја подобруваме економијата и општеството, младите луѓе ќе имаат клучна улога во обликувањето на тој свет кој ќе се формира. Покажале оптимизам и залагање за свет во кој компаниите и владите ги исполнуваат своите обврски спрема заедницата. Без оглед на која генерација припаѓате, периодов сите сме заедно пред овој огромен предизвик. Потребно е да се држиме заедно и да најдеме начини за баланс помеѓу сите парадокси со кои се соочуваме“ заклучува Поповска.

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ТАРАВАРИ: Се очекува до петок да се постигне финален договор за формирање на Влада

ТАРАВАРИ: Се очекува до петок да се постигне финален договор за формирање на Влада

OJO: Поведена постапка за насилство во училиште во Битола каде маж тепал дете, а жена му ја држела наставничката

OJO: Поведена постапка за насилство во училиште во Битола каде маж тепал дете, а жена му ја држела наставничката

Две обвиненија за Мерко, поставувал некомпетентни директори на училишта

Две обвиненија за Мерко, поставувал некомпетентни директори на училишта

ЗА ПАЛЧО СЕ ОГЛАСИЈА ОД КРИВИЧЕН СУД: Судија на претходна постапка во координација со Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод за негово произнесување

ЗА ПАЛЧО СЕ ОГЛАСИЈА ОД КРИВИЧЕН СУД: Судија на претходна постапка во координација со Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод за негово произнесување

Екстрадиран кондовскиот терорист Бесим Красниќи во Македонија

Екстрадиран кондовскиот терорист Бесим Красниќи во Македонија

ЈАНЕ ПЕТКОВСКИ И ЕЛИЗАБЕТА СТЕФКОВСКА ГО НАПУШТИЈА СДСМ ВО СОВЕТОТ НА КИСЕЛА ВОДА - градоначалникот Ѓорѓиевски им изрази благодарност

ЈАНЕ ПЕТКОВСКИ И ЕЛИЗАБЕТА СТЕФКОВСКА ГО НАПУШТИЈА СДСМ ВО СОВЕТОТ НА КИСЕЛА ВОДА - градоначалникот Ѓорѓиевски им изрази благодарност

„НИТУ ЕДНА ВЛАДА НЕ МОЖЕ ДА ГО РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ СО БЕХТЕЛ И ЕНКА“: Европскиот фронт прашува дали Вреди и ВМРО се договориле за ревизија на Коридорот 8

„НИТУ ЕДНА ВЛАДА НЕ МОЖЕ ДА ГО РАСКИНЕ ДОГОВОРОТ СО БЕХТЕЛ И ЕНКА“: Европскиот фронт прашува дали Вреди и ВМРО се договориле за ревизија на Коридорот 8

НЕЕКСПЛОДИРАНА ГРАНАТА ОДНЕСЕНА ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА: надлежните апелираат во вакви ситуации граѓаните да пријават, не да ги поместуваат

НЕЕКСПЛОДИРАНА ГРАНАТА ОДНЕСЕНА ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА: надлежните апелираат во вакви ситуации граѓаните да пријават, не да ги поместуваат

Познато зошто куќарките повторно се вратени на скопскиот плоштад

Познато зошто куќарките повторно се вратени на скопскиот плоштад