04 Мај, 2024
0.0237

Ало Македонијо!

Објавено во: Колумни 11 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Жална моја Македонија со уредници и новинари кои немаат тронка чувство за комуникација и пред се и над се за култура на комуникација, жална моја Македонија со уредници на дневници кои ја  изгубиле и минималната доблест кога се обраќаат на соговорник, жална моја Македонија со водители кои блујат отров и фрлаат пламен само со една и единствена цел-да омаловажат, навредат и испровоцираат. Вчерашното интервју на Сител, телевизија со национална концесија,  уште еднаш покажа и докажа на кое новинарско и интелектуално дно сме стигнале. Не можев да си поверувам дека и пристојното и човечкото се изгубило во силината на омразата Верувам дека ниту еден граѓанин, со минимум пристојност и нормален вредносен дискурс не можеше да остане имун на бљувотините и перверзиите кои излегуваа од устата на водителот. Верувам дека и оние со најјак желудник почувствуваа горчина и мачнина. Гледајќи не можев да си поверувам дека и пристојното и човечкото се изгубило во силината на омразата. Па зарем ќе копаме и подолу од дното, зарем ноктите со кал ќе ги полниме копајќи по рѓата на бездушноста и малоумноста, па зарем Фауст и Мефистофел ќе ги надминеме во нашиот порив за злоба... Дијалогот е суштината на бон - тонот Бон - тон во новинарството е нешто што е минимум стандард и што треба да биде алфа и омега во пласирањето на информации, но и во директните разговори со секој собеседник, со кој уредникот или новинарот решил да води дијалог. Токму и дијалогот е суштината на бон - тонот, без оглед на спротиставените страни, разликите во мислењето или спротивната идеолошка матрица.  Културата на комуникација подразбира можност да поставиш прашање, да дадеш свое мислење, но и да дозволиш другиот да каже и да ислушаш, тоа е минимум толеранција. А за каква толеранција ние може денес да говориме, посебно после еклатантниот вчерашен  пример, за какви новинарски и човечки вредности може да говориме после плејадата на неморални квалификации изречени синоќа, на какви морални норми и вредности и новинарска етика ќе ги учиме идните студенти....уште безброј прашања и уште помалку одговори ќе ни останат гледајќи хорор вести во кое ти доаѓа да вриснеш - водителот го заменил нормалното со патолошкото. Секако и Кафка кога денес би пишувал би напишал еден поинаков процес Театарот на апсурдот на Јонеску би бил овде и сега, посебно вчера актуелен, бидејќи исклучиво добра престава би изрежирал главниот уредник, а секако и Кафка кога денес би пишувал би напишал еден поинаков процес, а да не го споменувам Данте кој како да мислел за нашата реалност говорејќи за пеколот. Но сепак ако гледавте малку повнимателно, односно, ако вашите неврони беа во можност да го восприемат тој говор на омраза и лутина, сепак ќе можевте да забележите дека не баш оној на кому му беше наменет пеколот влезе во вџештениот казан, напротив, некој друг почека малку во чистилиштето и почна тивко да се крчка... Стоп за медиокритети Сето она што го видовме не е нешто што е моментно, напротив, тоа е нашата реалност, која толку многу сакавме да ја обоиме розово и наочарите кои долго не ги менувавме заборавивме да ги провериме, диоптерот одамна бара ревизија. Ова е тоа што долго се говори и за кое се пишува, но за многумина без слух, а се надевам од вчера со освестување, бидејќи никој добронамерник не сака наместо добро да биде лошо, наместо правилно и посакувано да се однесува страно и бегло, наместо добробит да чувствува јад и наместо прогрес да се дави во калта која сами ја создаваме и потхрануваме. Затоа еден апел до секој кој барем малку го има чувството на достоинство и е човек во вистинска смисла на зборот - да врисне гласно - Стоп за медиокритети, доста е за невоспитани и некултурни новинари кои сеат магла и ветер, доста е за полтрони и уличари кои знаат само да дискриминираат, навредуваат и омаловажуваат по секаква основа, доста е за зли, подмолни, грубијани, доста е за лошотилоци, на сите ним да им го покажеме патот во еден правец. Сакаме да градиме здрава и прогресивна младина, сакаме правилни модели за идентификација и имитација на младите, сакаме луѓе со вистински вредности и затоа на оние кои не трујат и со зло посипуваат да им речеме- одете си.... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина