ЖУРКИТЕ КОНЕЧНО МОЖАТ ДА ПОЧНАТ - сопствениците на ноќни клубови се договориле да ги почитуваат мерките, цените нема да бидат многу повисоки
Објавено во: Економија 28 Октомври, 2021 07:43
Ноќните журки конечно можат да почнат. По 19 месеци клуч на врата поради мерките за заштита од коронавирусот, последни од сите објекти најпосле ќе можат да се отворат и кабареата, ноќните клубови и дискотеките кои работат во затворени простории.
Таква одлука донесе Владата на својата последна седница, потенцирајќи дека сега тоа го дозволува епидемиолошката состојба во државата, а ова олабавување се должи на предлог на Комисијата за заразни болести.
А, само пред неколку дена Владата не пројавуваше намера да ги отвори овие локали, иако сите други објекти во земјава, меѓу кои и кафулињата и рестораните, функционираат без речиси никакво ограничување. Тоа беше причина првите луѓе на оваа индустрија да најават граѓанска непослушност, потенцирајќи дека доколку Владата и натаму остане глува на нивните барања, тие своеволно ќе ги отворат клубовите.
Главниот услов кој ќе треба да го исполнат љубителите на ноќниот живот доколку сакаат до подоцните часови да се забавуваат во дискотеките, а кои поради коронакризата беа принудени да апстинираат повеќе од година и половина, ќе биде да имаат примено вакцина. За почеток со само една доза, но веќе од 15 ноември со две дози од вакцината, што ќе важи и за влез во другите локали и објекти. Исто така, добро познатите гужви во ноќните клубови нема да постојат, бидејќи нив им е дозволено да работат со само 50 отсто, односно половина од капацитетите.
„Се дозволува работа на барови и ноќни клубови - дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот“, се вели во владиното соопштение.
Фактор разговараше со Горан Арсовски, претседател на Здружението на ноќни клубови, за тоа дали и кога ќе ги отворат објектите, дали се подготвени и дали ќе ги почитуваат протоколите наложени од власта. Прашавме и како успеаја да преживеат овој долг период од 19 месеци и дали државната помош беше доволна за да се опстане, на што Арсовски вели дека за тоа сега не треба да се зборува, бидејќи е најважно што конечно ќе бидат отворени и ќе работат, односно дека сакаат да гледаат напред.
Газдите на ноќните клубови веќе се договорите меѓу себе строго да се почитуваат сите мерки за нив наложени од Владата. Арсовски уште еднаш апелира до сите околу 35 сопственици на ноќни барови, кабареа и дискотеки, и тоа не само до оние што се членки на Здружението, туку и до сите останати, целосно да ги почитуваат мерките на Владата, со цел да се стартува добро и без никакви проблеми, по долг период во кој не можеше да се работи.
„Сето ова е со цел да се работи и да опстои оваа дејност, која се чини дека го претрпе најголемиот удар од корона пандемијата“, потенцира овој сопственик на ноќен клуб.
Согласно владината одлука, ноќните клубови можат уште веднаш да бидат отворени.
„Клубовите ќе се отвораат во зависност од индивидуалната подготвеност. Односно, оние кои се подготвени, ќе почнат со работа уште оваа недела, а тие што не се, ќе стартуваат од наредната недела. За нас ќе важат истите услови како и за кафетериите и рестораните, односно до 15 со само една доза, но од 15 ноември посетителите да се имунизирани со две дози вакцина“, објаснува Арсовски.

Како што е познато, на овие објекти им е дозволено да работат до 4 часот наутро, а тие за своето работење секоја година треба да добијат лиценца, која се плаќа од пет до 7,5 илјади евра. Првиот човек на Здружението уверува дека овие локали ги исполнуваат сите технички услови за работа, за што постојано и досега подлежеле на строги инспекции.
За тоа како ќе се исполни условот да се работи само со 50 отсто исполнетост, Арсовски нагласува дека сите се обврзуваат да продаваат само 50 отсто од картите кои досега се продавале, како и дека сите сопственици на клубови знаат со колкав капацитет работеле, па сега треба да се сведат на половина.
„Ќе ги редуцираме масите да бидат на соодветна оддалеченсот. Сега и дискотеките главно не работат на база на подиум, туку се организирани маси или коњопои, така што ќе ги поставиме на соодветна раздалеченост како што налагаат протоколите, и нема да има никакви проблеми. Исто така, сите си имаме редарски служби, кои ќе проверуваат дали посетителите се вакцинирани. Додека, пак, за бројот на карти, сите знаеме по колку карти сме продавале, па ако досега сме продавале по 500, сега ќе продаваме само по 250 карти“, објаснува Арсовски.
За тоа дали ноќните клубови и дискотеките ќе ги зголемат цените на услугите, Арсовски е дециден дека тоа ќе биде само онолку колку што се поскапени алкохолните и безалкохолните пијалоци, но не и за да се компензираат загубите од досегашното неработење.
„Поскапеа речиси сите алкохолни и безалкохолни пијалоци, односно и ние тие производи ги добиваме од дистрибутерите по повисоки цени. Значи, и да има некое зголемување на цените, тоа ќе биде само во делот колку што поскапеле пијалоците“, објаснува Арсовски.
Оваа дејност вработува околу 600 до 700 лица кои директно работат во ноќните барови и дискотеките, но има и граѓани кои се индиректно ангажирани и од неа остваруваат приходи.
Нина Нинеска-Фиданоска
Можеби ќе ве интересира
Азески во работна посета со раководството на Филип Морис во Скопје
„ЛЕГЕНДАРНИОТ 'ШПАНЕЦ' СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА - СЕГА Е МОДЕРНИЗИРАН СО НОВ ДИЗАЈН“: Коруновски објави видео од тест возењето на легендарниот воз
(ВИДЕО) СЕ ВРАЌА НА ШИНИТЕ: МЖ Транспорт го претстави целосно обновениот „Шпанец“
Која е најнапредната економија во светот за 2025 година?
Венецуела тврди дека Трамп ја сака нејзината нафта - дали тоа навистина е целта на САД?
ТРОШАТ ПОВЕЌЕ ОД ПОРАНО: Колку заработи Албанија од туристите годинава?
Стопанска банка а.д. Битола од денес и официјално АЛТА банка АД Битола
Од 1 јули следната година ЕУ воведува царина од три евра за нарачките преку сајтовите за е-трговија
Мицкоски ги потврди гласините: На 15 декември се затвора трезорот




