ЗОШТО ВЕЌЕ ГО НЕМА ОГЛАСОТ ЗА СТРАТЕШКИ ИНВЕСТИЦИИ - Владата објаснува дека тој е постојано во тек
Објавено во: Економија 17 Февруари, 2023 07:22
По одобрени околу десетина проекти како стратешки инвестиции во земјава, на веб страницата на Владата веќе не може да се види јавниот оглас за пријавување на потенцијални стратешки инвеститори.
Се до крајот на јануари, пак, на владината веб страница цело време можеше да се забележи огласот за пријавување за стратешки инвестиции, и тоа неколку години наназад. Практично, огласите траеја се до 31 јануари во одредена година, а потоа веднаш се распишуваше нов оглас, кој продолжуваше да важи се до наредниот 31 јануари.
Притоа, треба да се напомене дека за статусот стратешки инвеститор може да конкурираат само финансиски моќни проекти, за кои, пак, државата треба да обезбеди своевидна „брза лента“ за реализација на нивните инвестиции.
Така на пример во февруари лани Владата уште на стартот на месецот објави повик за стратешки инвеститори, за кој беше најавено дека ќе трае до 31 јануари оваа година. Токму тогаш од Владата објаснија дека тој јавен повик е постојано отворен, што значи дека не завршува, туку цело време е во тек, а крајниот датум е ставен само со цел да се запази правната рамка која е неопходна при објавување на јавни повици.
„Тука не станува збор за класичен јавен повик како кај тендерите, да биде со краен рок после кој нема пријавување, туку тоа е јавен повик кој е постојано отворен. И кога една компанија ќе поднесе барање за утврдување статус на стратешки инвестициски проект, тоа не значи класично пријавување, туку таа искажува интерес, по што има бројни прашања и од двете страни за најразлични нејаснотии и детали околу самиот проект, за тоа какви документи се потребни и се останато. Односно, станува збор за големи проекти, на милионски суми, а постојат и бројни услови, и затоа треба сите детали убаво да се прецизираат, пред некој да го добие овој статус“, објаснија тогаш од Владата.
Но, за разлика од лани кога нов оглас веднаш беше распишан, во моментов на владината веб страница таков оглас не постои. Фактор ја праша Владата зошто огласите ги нема, за разлика од претходните години.
Од Владата дадоа кус и сосема непрецизен одговор на нашето конкретно прашање, кој би требало да упатува на тоа дека доколку некој сака, и сега ќе може да се пријави за стратешки инвеститор во земјава. А од власта како и досега, ќе ја информирале јавноста доколку некој го добие статусот на стратешки инвеститор.
„Согласно Законот за стратешки инвестиции, огласот за пријавување е постојано отворен во текот на целата година. Јавноста е информирана секогаш кога одреден апликант ги исполнува критериумите и добива статус на стратешка инвестиција“, се вели во одговорот кој Фактор вчера го доби од Владата.
А, како што веќе пишувавме, во земјава околу десетина странски инвестиции беа прогласени за стратешки, но за ниту еден од нив досега не се донесе потребниот закон во Собранието, со оглед што беше кажано дека за секоја поединечна инвестиција пратениците ќе мора да гласаат поодделно, со цел да се запази отчетноста и транспарентноста на тие странски инвестиции.
Пред неколку месеци од Владата беа прогласени тројца нови стратешки инвеститори во земјава .Станува збор за Ски Центарот Тетово Попова Шапка, потоа ветерната електрана Ениас, како и за фотоволтаична централа Балдовенци, за кои владините одлуки се веќе и објавени во Службен весник. Претходно, пак, статус на стратешки инвеститор му беше даден и на Митилинеос Когенеративна постројка Скопје. Со тоа бројот на стратешки инвеститори во земјава се искачи на 10, откако долг период наназад во државава беа прогласени само седум стратешки инвеститори, но на еден од нив неодамна му беше одземен тој статус, од засега непознати причини.
За Ски центарот Тетово Попова Шапка Владата донесе одлука за утврдување на статус на стратешки проект на 25 ноември лани, а реализацијата ја спроведува Друштвото за трговија и услуги МТГМ ИНДУСТРИЈА ДООЕЛ Скопје. Оваа инвестиција треба да тежи 186 милиони евра, а за неа беше нагласено дека ќе се прават и посебни правни подготовки. Притоа, фирмата беше најавена од Владата како лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони и со 30-годишно искуство.
Вториот прогласен стратешки инвеститор, на истиот датум и со истиот тајминг на влегување во сила, е Ениас ветерна електрана, на друштвото ЕНИМАК ДООЕЛ Скопје. За Енимак на пребарувачите на интернет не можат да се најдат податоци, а не се знае, ниту пак Владата објавила, колку пари планира да вложи оваа компанија.Единствен детален документ кој може да се најде на интернет, е барањето кое таа компанија во јуни годинава го доставила до Министерството за животна средина, за оценка како ветерната електрана што тие планираат да ја изградат во прилепско, би влијаела на животната средина. Компанијата е од Турција, Анкара, и се вика Ени Енерџи. Во придружните документи може да се види дека основната главнина на друштвото што се основа за Македонија, Енимак, изнесува 100 илјади евра, а за управител бил именуван Оркун Одземил.
Третиот стратешки инвеститор ќе биде Фотоволтаичната централа Балдовенци, на Друштвото за производство, трговија и услуги Балкан Реневабле Инвестментс ДОО Скопје, за кој исто не можат да се најдат податоци по пребарувачите.
На средината на октоммври, пак, статус на стратешки инвеститор му беше доделен на проектот "Митилинеос Когенеративна постројка Скопје" на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија Митилинеос ДООЕЛ Скопје.За оваа инвестиција Владата објави дека нејзината вредност се предвидува да биде 211 милиони евра, а се состои од постројка за електрична енергија со моќност 90 до 105 мегавати и топлинска енергија со моќност од 135 со 150 мегавати.
А, како што веќе пишуваше Фактор, „Промарк Енерџи Дооел“ Скопје е првиот инвеститор кој беше прогласен за стратешки, а на кој во меѓувреме таквиот статус му е избришан од Владата. Таа „Промарк Енерџи“ го прогласи за стратешки инвеститор во последните денови од 2021 година. Станува збор за проектот "Фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци", а не беа дадени детални информации зошто се откажува тој проект. За него било планирано да донесе инвестиција од 184 милиони евра.
Во однос на претходните шест проекти, пак, ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје, како што беше соопштено, ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати, и со вредност од 53 милиони евра. За „Соларен парк Стипион“, пак, беше најавено дека инвестицијата се очекува да биде 270 милиони евра, со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати. За проектот „Сончева електрична централа - Ерџелија“ на фирмата „ЕФТ Солар ДООЕЛ“, исто од Скопје, немаше податоци колку ќе тежи. За „Ветерна електрана-Вирови“, пак, на компанијата „Ветерен парк Вирови ДООЕЛ“, се најави дека овој парк ќе го гради германската компанија „Впд“,а вредноста на оваа инвестиција се проценува на 500 милиони евра. И за „Фабрика за производство на зелена енергија“, на фирмата „Зока Енерџи Солушн увоз - извоз ДООЕЛ“, со седиште во Неготино, нема информации колкју ќе тежи инвестицијата.
За стратешки инвестициони проекти се сметаат инвестиции во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, инвестиции од најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје и инвестициони проекти од најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




