Зошто Русија го напушта Хашкиот суд?
Објавено во: Свет 16 Ноември, 2016
Русија формално го повлекла својот потпис од оснoвачкиот статут на Меѓународниот кривичен суд.
Со декрет потпишан денеска, претседателот Владимир Путин му нареди на Министерството за надворешни работи да ги извести Обединетите нации за решението.
Според официјална Москва, ваквата одлука е донесена затоа што судот не станал самостоен правосуден орган
„Судот не успеа да стане вистински независен и авторитетен меѓународен судски орган" - пишува во соопштението на министерството.
На 14 ноември, главниот обвинител на МКС Фату Бенсуде, прв пат изјави дека конфликтот во Украина треба да се смета за меѓународен оружен конфликт меѓу Русија и Украина.
Русија во 2000 година го потпиша Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, кој беше формиран за судење на воените злосторства, но земјата не го ратификуваше договорот за членство.
Британскиот весник „Индипендент“ пишува дека ваквата одлука на Москва следува откако неколку европски лидери побарале да се отвори истрага за руските воздушни напади во Сирија.
Францускиот претседател, Франсоа Оланд неодамна сугерираше дека Русија треба да се соочи со обвинение за воено злосторство поради нападите кои ги изврши врз источниот дел на градот Алепо минатиот месец.
Претседателот на собранието на државите потписнички на Римскиот статут, Сидики Каба, од холандски Хаг ѝ упати свечен повик на Русија да не заминува.Неколку африкански земји претходно најавија дека ќе се повлечат од Меѓународниот кривичен суд (ICC), потсетува AFP.