14 Мај, 2024
0.0250

Зошто Ангелоски ја замешува цела ССК во одбрана на „Таргет груп“ - додека за нив се води предистражна постапка?

Објавено во: Економија 25 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Каква разрешница ќе добие случајот со преземањето на податоци од Централниот регистер од компанијата „Таргет груп“, за која ЦРМ уште пред шест години поднесе кривична пријава, а во моментов на него е ангажирано Јавното обвинителство. Она што сега се очекува се наодите на МВР, поточно на Секторот за компјутерски криминал во рамки на Министерството, кој од надлежниот скопски основен обвинител доби задача да утврди колку пати „Таргет Груп“ влегол во базите на ЦРМ, какви податоци земал, во колкав обем и колкава е нивната вредност. По анализата што ќе ја изработи МВР, како што веќе пишувавме, ќе се знае дали обвинителот, по шест години од кривичната пријава, ќе формира обвинение против „Таргет Груп“ кој со години наназад обработува и препродава податоци на Централниот регистар, а за кои оваа државна институција тврди дека тие не дале одобрување податоците да се преземаат, обработуваат и препродаваат.

Фактор го праша Централниот регистар како го коментира најновиот развој на настаните околу случајот „Таргет груп“, и колкава е проценката на ЦРМ за штетата, односно изгубената добивка, што досега им ја има направено „Таргет груп“ со нелегално преземање податоци. Оттаму велат дека засега, додека трае истрагата, не се во можност да ни одговорат на прашањата.

„Во интерес на истрагата, Централен регистар на Република Северна Македонија не е во можност да даде одговор на Вашите прашања. Сите одговори поврзани со случајот ‘Таргет’ потребно е да ги побарате од надлежните институции - Јавното Обвинителство и МВР“, се вели во одговорот кој го добивме од Централниот регистар.

За одговори се обративме и до Министерството за внатрешни работи, каде се интересиравме дали Секторот за комјутерски криминал веќе почнал со анализата, дали досега има одредени сознанија, колкав временски период ќе му биде потребен за истрагата и дали и кога за оваа истрага ќе има информации јавноста. Се до подготовката на овој текст, не добивме одговори.

А, како што веќе пишувавме, на нашите прашања околу предистражната постапка, Обвинителството одговори дека надлежниот јавен обвинител, согласно обезбедените докази во предметот, издал Наредба до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР да изврши анализа на бројот на навлегувања во базата на Централниот регистар, обем на повлечени податоци и вредноста на податоците кои се прибавени на овој начин.

Во меѓувреме, додека јавноста ја очекува разрешницата на случајот, зачудува зошто случајот го коментира првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски. А, како што беше објавено, Ангелоски им дал морално право на „Таргет груп“, односно изјавил дека „зад оваа компанија стои и дел од бизнис-секторот, меѓу кои и самиот тој“. Еве што смета Трајан Ангелоски за случајот.

„Овие информации се јавни и затоа сметаме дека секаква нивна анализа, обработка и коментирање не му штети никому, туку може да даде една вистинска информација за состојбата во која се наоѓа одреден економски субјект или економски сектор. Обработката на финансиските податоци на правните субјекти е присутна во речиси сите земји од Европа и речиси во сите земји од Европа постојат компании кои вршат дополнителна анализа, обработка и препродажба на овие податоци“, изјавил Ангелоски за медиумите.

Сојузот на стопански комори, ССК, е организација од фирми членки кои припаѓаат на групата мали бизниси, и треба да се грижи за заштита на нивните интереси во рамките на постоечките владините економски политики, и најадекватно да ги анимира нивните барања пред државните институции, со цел елиминирање на пречките кои стојат на патот на успешното деловно работење. Но, зошто Ангелески почуствувал потреба да застанува во одбрана на „Таргет груп“, која е осомничена во случајот со препродавање податоци. Особено во услови кога таа компанија ниту е нападната, ниту е повреден нејзин интерес, туку само за неа се води една легитимна постапка од надлежните органи. Зошто претседателот на ССК ја замешува целата комора и изрекува став, кој во неговиот случај не може да биде личен, со оглед што претставува цел еснаф од фирми членки, и што е уште поинтересно, во време кога се работи на истрагата и кога сите институции се воздржуваат од изјави со цел да не му наштетат на процесот. Дали со давање на вакви изјави, не се врши притисок врз во предистражната постапка?

Фактор го праша Ангелоски зошто во неговата изјава, тој, на некој начин како да застанува во одбрана на „Таргет Груп“, која е осомничена компанија за нелегално препродавање на податоци. Потоа, се интересиравме дали не смета дека на овој начин како да врши притисок врз надлежните органи, со оглед што Обвинителството води предистражна постапка, а по негов налог МВР врши анализа на бројот на навлегувања во Централниот регистар.

Побаравме одговор и зошто, во неговата изјава тој вели дека „анализата, коментирањето и обработката на податоците претставува апсолутно коректна постапка која не му штети никому“, и во тој контекст дали треба да се остваруваат заработки од неовластено преземање податоци, под изговорот дека „тоа не му штети никому“. И конечно, прашавме дали не смета дека со неговата изјава во која му дава за право на „Таргет груп“, го замешува целиот ССК и практично сите фирми членки - во случај на една компанија за која се води предистражна постапка, со оглед што ја претставува ССК и неговиот став не би можел да се смета за личен.

Од Сојузот на стопански комори го добивме следниов одговор:

„Изјавата која ја споменувате е дадена за порталот ‘360 Степени’ од каде порталот Пари.мк ја презема. Во неа се истакнува важноста и корисноста на достапноста на податоците за бонитетот на компаниите, како би можело да се постигне заштита од соработката со потенцијално несигурни деловни партнери. Вакви информации може да се добијат во речиси сите европски држави, но и во земјите од нашето соседство. Во нашата земја со оваа активности се занимаваат уште најмалку две други компании, покрај таа што ја споменувате“, пишува во одговорот што го добивме од Ангелоски, првиот човек на ССК.

Натаму, тој нагласува дека Сојузот на стопански комори како деловна мрежа секогаш истакнува дека владеењето на правото и правната држава се едни од најважните предуслови за обезбедување на подобро бизнис окружување во нашата држава.

„Тргнувајќи од тоа, ги охрабруваме институциите да постапуваат согласно надлежности и да обезбедат почитување и спроведување на позитивните правни прописи“, нагласува Ангелоски.

Всушност, Ангелоски во своето појаснување за неговата одбрана на „Таргет груп“ вели дека важно е податоците за бонитетот да се достапни. И ова е малку збунувачки, затоа што најмеродавна институција што издава бонитетни извештаи не е „Таргет груп“, туку Македонското кредитно биро, кое за тоа има и законски овластувања.

Инаку, Централниот регистар уште во 2016 година пријавила во МВР дека се сомнева на неосновано превземање податоци, кои потоа без нивно одобрение се препродаваат во обработена форма. Од ЦР дури наведоа дека во повеќе наврати презеле мерки да ги заштитат другите државни органи и институции, од според нив, злоупотребите на „Таргет груп“.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

НЕ Е САМО БАЛКАНОТ: И Италија ја губи својата работна сила

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

ММФ: Словенија наскоро ќе ја престигне Италија и ќе се доближи до Франција

НЕМА РАБОТНИЦИ: Уште една земја од соседството ќе „увезува“ Филипинци

НЕМА РАБОТНИЦИ: Уште една земја од соседството ќе „увезува“ Филипинци

РЕКОРДЕРИ ВО ЕУ: Во регионот го пијат најскапото кафе

РЕКОРДЕРИ ВО ЕУ: Во регионот го пијат најскапото кафе

ФАКТОР АНАЛИЗА: ТОП-100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2023 : Бехтел и Енка, Магна Мирорс, Протергиа и РЕС на листата

ФАКТОР АНАЛИЗА: ТОП-100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКА ВО МАКЕДОНИЈА ЗА 2023 : Бехтел и Енка, Магна Мирорс, Протергиа и РЕС на листата

ГОДИНАВА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НЕМА ДА ДОСТИГНЕ НИ 3 ОТСТО - НБМ со најнова намалена прогноза, БДП ќе се зголеми за само 2,6 проценти

ГОДИНАВА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НЕМА ДА ДОСТИГНЕ НИ 3 ОТСТО - НБМ со најнова намалена прогноза, БДП ќе се зголеми за само 2,6 проценти

Изборите завршија, враќање на редовните колосеци - одма, сега и веднаш

Изборите завршија, враќање на редовните колосеци - одма, сега и веднаш

„ДРАСТИЧНИ ПРОМЕНИ НА КРАТОК РОК НЕ СЕ ОЧЕКУВААТ“: еве што велат економистите по промената на власта

„ДРАСТИЧНИ ПРОМЕНИ НА КРАТОК РОК НЕ СЕ ОЧЕКУВААТ“: еве што велат економистите по промената на власта

ОДЛИЧЕН СТАРТ НА НАФТЕНАТА КОМПАНИЈА: „Макпетрол“ за три месеци оствари чист профит од 2,2 милиони евра

ОДЛИЧЕН СТАРТ НА НАФТЕНАТА КОМПАНИЈА: „Макпетрол“ за три месеци оствари чист профит од 2,2 милиони евра