01 Мај, 2024
0.0262

Зеленски или Залужњи – прашање е сега?

Објавено во: Колумни 05 Февруари, 2024

Добивај вести на Viber

Американците му дадоа одврзани раце на украинскиот претседател Владимир Зеленски за да го реши ривалството меѓу него и главниот командант Валериј Залужњи. Пред неколку дена во ненајавена посета на Киев беше Викторија Њуланд, помошникот на државниот секретар на САД, која се смета за главен поддржувач на Украина, а вчера се јави и Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден. Какво ќе биде решението, после одлуката на Зеленски, обнародена во медиумите, за смена на Залужњи, но не и официјално потврдена ќе дознаеме деновиве, а можеби уште денес.

Во интервју за CBS, Џејк Саливен, изјави дека:„Владата на САД не треба на ниту еден начин да се меша во тоа прашање (смената на Залужњи). Затоа ние стоиме настрана од тие кадровски решенија“. Според него, суверено право на Украина и право на претседателот на Украина е да носи свои кадровски решенија. Ние јасно дадовме до знаење дека немаме намера да учествуваме во тоа конкретно решение. Тоа непосредно им го кажавме на Украинците“, изјави Саливен. Непосредно можела да го каже само Њуланд, која не кажа ниту збор за ова прашање, по средбите во Киев.

Пред некој ден, Washington Post, повикувајќи се на свои соговорници, напиша дека владата на Украина ја информирала Белата куќа за решението на Владимир Зеленски да го смени главниот командант на вооружените сили на Украина генералот Валериј Залужњи. Весникот, исто така, повикувајќи се на свои извори, напиша дека во Киев не е најдена замена за Залужњи. Напнатите односи меѓу Зеленски и Залужњи не се од вчера. Пред неколку денови во медиумите сепојави веста дека е сменет Залужњи, дека му е преложена нова работа, на пример, амбасадор или секретар на Советот за национална безбедност, но тој одбил.

Најновиот развој на настаните околу несогласувањата меѓу Зеленски и Залужњи, зборува дека тоа лесно прераснува во раскол во раководството на 

Украина. Раскол меѓу политичкото и военото раководство. Ова може да ја поткопа довербата внатре во земјата, иако сите се колнат дека кога станува збор за војната со Русија тие се единствени. Но овде не се работи за Русија се работи за отворен судир, кој во пресрет на  двегодишната војна ќе влијае врз моралот на војниците на воено поле, меѓу населението, што веќе е забележливо во некои изјави пренесувани од медиумите. А со тоа утре и врз единството на погледите кон војната. А, ако работите таму тргнат на лошо, тогаш тоа ќе биде удар, пред се’ за Зеленски.

ВЕРТИКАЛА НА ВЛАСТА

Во Канцеларијата на претседателот се чудат од каде толкавата врева околу можната смена на Залужњи. За советникот, Михаил Подољак, генералот е еден вид „менаџер“, па вели:„ За мене чудно е зошто ова прашање го политизираме. Станува збор за вертикала на врховниот командант и не разбирам зошто се дискутира, ќе го смени, нема да го смени. Ако вертикалата е конкретна, тогаш, каде е претседателот, кој ги назначува менаџерите, а еден од таквите назначени од претседателот, не избрани, е и главниот командант“. Според Подољак, Зеленски има право да поставува прашања и сака да добие конкретни одговори за активноста на Вооружените сили на Украина. Одговори за исполнети или неисполнети задачи. И главно, што сака претседателот е да разбере што ќе се случува со војната во иднина.

Токму овие изјави на Подољак ја содржат сржта на судирот меѓу Зеленски и Залужњи. За лошите односи меѓу нив се зборуваше уште во летото 2022 година. Кога генералот советуваше како да се однесуваат воените обврзници. Ова наиде на критика кај Зеленски, бидејќи тој сметаше дека тоа прашање не е во надлежност на војската, туку на политичарите. И се закани такво нешто повеќе да не се повторува. Залужњи тогаш ја свитка опашката, во смисла дека се направила „мала грешка“. Над Залужњи виси и една истрага за тоа како руските сили успеаја да освојат големи територии во Запорошката и Херсонската област. Засега Залужњи во таа истрага е во својство на сведок. Што не значи дека доколку му треба на Зеленски, дека нема да стане и обвинет.

Како и да е успесите на војската на фронтот во првите месеци од војната ја зголемуваа популарноста на Залужњи и Зеленски очигледно се загрижи, особено што годинава требаше да има избори за претседател. Многумина го сметаа Залужњи како главен соперник на Зеленски. Лани есента неуспешната контраофанзива и различните гледања за ситуацијата на фронтот, кога Залужњи тврдеше дека војната е во ќорсокак, а Зеленски го негираше тоа, како и јавното несогласување околу мобилизацијата придонесоа за зголемување на температурата во нивите односи, а и во односите меѓу политиката и војската ја зголемија конфронтацијата. Генаралот побара околу 400-500 илјади ново мобилизирани војници, а Зеленски тврдеше и тврди дека земјата нема ни, пари, ни услови, за таква мобилизација. Па одново дојде до препукувања во стилот, „ние сме војници и ќе војуваме на фронтот, но вие сте политичари, кои треба да и обезбедите максимални услови за водење војна“.

За воља на вистината во 2022 и 2023 година, политичарите, Зеленски, пискаше,  врескаше, гикараше партнерите од Запад, се закануваше дека војната кај нив ќе се префрли и доби многу пари и многу оружје. Во предвечерието на контраофанзивата на Украинците, од Запад тврдеа дека Украина има се’ таа да биде успешна. Сега, пак, Зеленски сака да го обвини Залужњи дека имале тактички промашувања. Значи, за неуспешната контраофанзива е виновна војската и нејзините команданти. Еден западен офицер тврди дека на местото на Залужњи да бил некој генерал од НАТО, тој воопшто немал да ја почне контраофанзивата, без воздушна поддршка и без други неопходни орудија за водење војна.

ИЛИ ПОЛИТИКА ИЛИ ВОЈСКА

Конкретно, претензиите од блиски луѓе на Зеленски, кон Залужњи, се дека тој како главен командант е директно одговорен за ситуацијата на фронтот. Во прв ред што не се оствариле очекувањата од контраофанзивата која што ја подготвувал Залужњи со својот тим. Тој знаел за руската одбрана со мински полиња, со користењето дронови, но очигледно не го предвидел тоа во неговиот план за воената операциа, па сега вели дека не очекувал такво нешто. Барал тенкови, ги добил, а сега тврди дека тие не одиграле некоја посебна улога. Потоа напиша тест во The Economist за ќорсокакот во војната, 

кој влијаел врз помошта од Западот и бил аргумент за противниците за нејзино продолжување. Конечно, политичкиот аспект на однесувањето на Залужњи. Лани сите зборуваа дека тој може да биде претседател, а тој ниту еднаш тоа не го демантирал. Па оттука и забелешката, искажана пред извесно  време и од Зеленски, ако некој сака да се занимава со политика, да се откаже од војската. Ова зборува и за недоверба на Зеленски кон Залужњи.

Се чини токму политиката ги направи ривали, Зеленски и Залужњи. Веќе спомнавме дека годинава требаше да има претседателски избори. Во март. Но Зеленски, лани есента се откажа од спроведувањето на избори, повикувајќи се фактот што во земјата е прогласена воена состојба. За многумина ваквиот негов чекор е повлекување пред заканата од кандидирањето на Залужњи за претседател, околу кој би се обединиле сите противници на Зеленски. Некои анкети му даваа предност на Залужњи во дуелот со Зеленски. Доколку во Украина се укине воената состојба, тогаш би можело да се спроведат и параментарни и претседателски избори. Но од опкружувањето на ппретседателот би дишеле полесно доколку на нив го нема Залужњи. Па затоа за нив  сега е моментот да се реши „загатката Залужњи“. Ако може тоа да биде направено без многу врева и народот да го заборави генералот. А доколку тој не се согласи со тоа, тогаш, како и во секое недемократско општество, така и во Украинаќе се почне со притисоци, со закани, па од сведок тој може да стане и обвинет за воените неуспеси во 2022 година на југот на Украина. За да не се случи тоа тој треба „само“ да поднесе оставка или да прифати смена или некое ново назначување.

Залужњи, пак, може да претендира да стане „национален јунак“, Некои негови соборци го споредуваат со францускиот генерал, Шарл де Гол. Велат нам ни треба таков човек за претседател. А забораваат дека веќего имаат Винстон Черчил, како што некои го нарекуваа Зеленски. Па така, би можело во изборна трка за претседател да се најдат „Де Гол“ и „Черчил“. Ќе биде интересно. Само, во меѓувреме, некој од нив да не стане Јосиф Сталин. Желбата за власт има непредвидливи пориви. Особено во Украина каде што народот е научен на „револуции“. А неа уште само тоа и треба, па да има уште поголем раскол во општеството. Веројатно Викторија Њуланд овојпат ќе се погрижи, без колачи, да ги среди работите.

ЊУЛАНД, ВИКТОРИЈА ЊУЛАНД

Еден од начините за тоа е смена на Зеленски. Тој, како актер, мошне добро знае дека аплаузите се знак за задоволство или одушевување на публиката од прикажаното, било театарско, било филмско дело. Но, што ако аплаузот биде наменет за актерот од втор план? Дали зад кулисите ќе почне пресметка? Особено, ако после сменетиот Залужњи, работите на воен план тргнат лошо за Украина. Нека не се плашат Украинците. Америка е зад нивниот грб. Њуланд, Викторија Њуланд.

Смена на Зеленски најавува американскиот новинар Сејмур Херш. Тој пишува дека Американците имаат нов план за Украина, кој предвидува смена на режимот на Зеленски. Херш, пред извесновреме пишуваше дека Залужњи водел тајни преговори со началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов за разни тешки прашања. Кои би придонеле за завршување на воениот конфликт. Залужњи за тоа не го информирал Зеленски, додека рускиот претседател, Владимир Путин, бил во тек со тие преговори. Повикувајќи се на свои избори Херш вели дека Зеленски знаел дека Залужњи од лани есента водел тајни преговори и со американски и други западни соговорници, за тоа како на најдобар начин да се прекине војната и да се постигне договор за завршување на конфликтот. Па оттука и желбата на Зеленски да го смени Залужњи.

Херш, повикувајќи се на свој извор, вели дека во САД се подготвува многу посложена и поамбициозна концепција со која се предвидува стабилна поддршка на Залужњи и реформите, кои ќе доведат до паѓање на режимот на Зеленски. Разговорите за смена на Залужњи, наводно, растревожиле некои од оние кои ја создавале таа концепција. Неговиот извор му посочил дека изработката на новата стратегија има потреби од „консултации и информирање на клучните патриотски настроени и реални Украинци“.Опасноста при спроведувањето на таква реформа сесостои во тоа што , веројатно ќе има протекувања на информации во медиумите, , исто, како и „обиди да се прекине тој процес од странана трајно вкоренети корупционери, кои имаат полза од американската политика на „бесплатна храна““.

Се чини дека Зеленски е добро запознаен дека во САД му подготвуваат реформа. Можеби и Њуланд му шепнала нешто. Па вчера во интервју за RAI 1, изјави дека на Украина и треба промена на раководството, и не само военото. Како одговор на новинарско прашање за Залужни, Зеленски рече дека на Украина и треба „ресетирање“, што значи промена на раководството - „и не само на военото“.„Мислам на нешто сериозно, што не се однесува на една личност, туку на насоката на раководењето на земјата. Кога зборуваме за ова, мислам на ротирање на низа владини лидери, не само во еден сектор како што е војската. Размислувам за оваа замена, но овде не можеме да кажеме дека сме смениле една личност“, рече Зеленски.Според него, ако Украина сака да победи, тогаш е важно „да ја има вистинската позитивна енергија“, да ги придвижи сите во иста насока и да не очајува. Зеленски за да ги појасни работите додаде:„Затоа зборувам за ресетирање, за замена, мислам на нешто сериозно што не се однесува на една личност, туку на раководството на земјата“.

Да видиме што ја очекува Украина. Дали ќе успеат реформите од САД што треба да ги спроведе Залужњи или „ресетирањето“ на Зеленски. Се разбира тој самиот не може да се ресетира. Тоа може да го направи само некој друг. Зеленски вака, во пакет, сака да смени куп генерали и политичари. Меѓу нив и Залужњи. Но тој не се дава. Минатата недела се јави со текст во кој најави реформа на војската за пет месеци! И технолошки пробив во војувањето. Очигледно некој ги посоветувал и Зеленски и Залужњи да почнат со реформи. Кој ќе биде поуспешен и дали двајцата ќе останат на функција за да ги спроведат замислите?

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД