Здрава е, но и скапа за повеќето граѓани – имаме ли навика да купуваме бамја?
Објавено во: Економија, Агробизнис 30 Септември, 2023 07:28
Во Македонија годинава и бамјата има повисока цена за разлика од лани и претходните години.
Трајче Ангелов, трговец од Штип смета дека луѓето помалку ја купуваат од порано, затоа што според него, цената од 300 до 350 денари за граѓаните е проблем.
„Во Штип има неколку производители на бамја, ја садат, но народот послабо ја купува поради цената“, вели тој.
Прилепчанка раскажува дека бамјата кај нив ја бараат, затоа што малку ја има годинава, како и многу други производи, а цената е висока.
„Јас лично би дала 300 или 350 денари за килограм бамја, но за некого веројатно е скапо. Порано ја садев, имам печка за сушење на зеленчук, па ја користев сушена, конзервирана или замрзната. Сега сум во години и веќе ми е тешко да ја произведувам“, вели жена од Прилеп.
Љупчо Ефремоски од Прилеп веќе 20 години произведува и продава бамја.
„Имам редовни муштерии, постарите ја купуваат, а младите од 20 или 30 години не знаат што е тоа, ме прашуваат на пазар да не е боранија. Цената е 200 денари за килограм. Во Скопје сигурно е полесно за продажба, Прилеп е помал, нема толку многу луѓе“, рече Ефремоски.
Марија Кочовска од Битола вели дека нејзиниот родител произведувал бамја неколку години, и тоа по 100 килограми на годишно ниво, но сега прекинале, затоа што поради климатските промени не успева како порано. Со исти проблеми се соочуваат и другите луѓе кои садат бамја. Дел од растенијата се уништени од неповолните временски услови.
„Имавме мали површини со бамја. Интересот за бамјата зависи од регион до регион. Во Битола имаше интерес од постарите градски семејства, а помладите не ја бараат. Можам да кажам дека 95 отсто од купувачите беа од Битола“, рече Кочовска.
Сепак, има и граѓани кои се свесни за здравствените бенефити од бамјата и ја користат редовно.
„Јас многу сакам бамја. Купив два килограми деновиве, на пазарите ја има. На еден пазар во Скопје, на 4-5 тезги ќе најдете бамји, по цена од 200 денари за килограм свежите, а оние кои се малку овенати се поевтини. Садев бамја претходно, така што постојано си раѓа, а плодовите се берат додека се млади. Во Турција не прават манџа без бамја, многу е здрава“, вели Надежда Трајановска од Скопје.
Бамјата е богата со витамините Ц и К, но и на магнезиум и витамин А. Бамјите се добри за имуниот систем и здравјето на коските, тие се погодна храна за дијабетичари, за слабеење, за бремени жени и се храна добра за одржување на здравиот вид. Антиоксидантите од бамјата се покажале и како добри за здравјето на мозокот. Во Африка и Азија бамјата се употребувала уште пред 3.000 години. За разлика од пред 10 години, сега во светот за 25 отсто се зголемило производството на бамјата. Индија, Нигерија, Мали, Судан се едни од најголемите производители на бамја во светот.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/bowonpat
Можеби ќе ве интересира
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји




