03 Мај, 2024
0.0253

Запад отвора нов фронт – антипутински!

Објавено во: Колумни 30 Јануари, 2016

Добивај вести на Viber

Политиката на Русија што се спроведува последниве години очигледно ги доведува во гнев дел од западните сојузници. Било да се работи за „медиумската агресија“ од страна на Москва, било да се работи за Грузија, Украина или Сирија, Западот е немоќен да најде соодветен одговор на руските инцијативи и акции. Тие се појавуваат кога најмалку Западот ги очекува и тој делува неподготвен. Оттука може да се зборува и за фрустрации од се она што го прави Москва. Западот е загрижен, но и немоќен. Кога се случи Украина, Крим, Донбас, Западот воведе санкции, кои постепено ги зголемуваше и ги прошируваше. Тогаш се водеа дискусии за ползата од санкциите. Се велеше дека тие со тек на време ќе ја омекнат Русија и ќе го натераат претседателот Владимир Путин да попушти на сите отворени фронтови. Се сметаше дека Русите ќе се побунат поттикнати од последиците од санкциите, дека ќе го обвинуваат Путин за сите свпи несреќи и тој ќе мора да отстапува од прокламираната политика. Но се случи обратното. Неговиот рејтинг скокна до невидени граници од над 90 проценти. Последното истражување зборува за доверба од 82 проценти од испитаниците. Бруто домашниот производ под дејство на санкциите падна за 1,5 проценти. Поголема штета направи цената на нафтата. Сега кога е јасно дека санкциите, сами по себе, не ја постигнуваат целта, дел од сојузници, САД и Велика Британија, пред се, но и Германија и Франција, зад сцената, отвараат нов фронт-антипутински. Тој е плод на комплексни подготовки. На тоа сме сведоци изминативе денови. Британскиот судија Роберт Овен, кој јавно го истражуваше случајот со смртта на Александар Литвиненко, поранешен припадни на руските безбедносни сили, кој пребегна во Лондон, па стана соработник на британската Ми6, а можеби и на шпански специјални служби, го спомена Путин дека „најверојатно го одобрил убиството на Литвиненко“. Изби скандал, па дури и закани за нови санкции или уште поголемо заладување на и онака ладните руско-британски односи. Руската страна на ваквото обвинување реагираше со ставот дека истражувањето на било професионално. Само некој ден подоцна дојде атака од другата страна на океанот, но повторно обнародена во Лондон, преку филм на ББЦ. Во него американското министерство за финансии, преку свој претставник, го обвини Путин дека е корумпиран и дека Американците тоа го знаат одамна. „Видовме како овозможува богатење на своите пријатели, блиски соработници и како ги маргинализира оние кои тој не ги гледа како пријатели, користи државни сретства. Без оглед дали станува збор за руското енергетско богатство, или за други државни договори, управува со оние за кои верува дека ќе му служат, а ги исклучува оние за кои не го мисли тоа. За мене тоа е слика на корупција, објасни Адам Шубин, задолжен за санкциите кон Русија, во емисијата „Панорама“ на ББЦ. Мала дигресија. Во Русија и ден денес Велика Британија ја сметаат за најголем непријател. Тоа не се САД. Според некои историчари, британскиот крал Џорџ V не сакал да го прими руското кралско семејство во 1917 година, над кое висеше мачот на болшевиците. Иако тие двајца се први братучеди. Само некој месец подоцна по неуспешните обиди за префрлувае на царското семејство во Лондон, дојде до растрел на на целото семество и  прислугата. Образложението на Џорџ било дека во Англија во тоа време внатрешно политичката ситуација е нестабилна. Руската реакција на изјавите од американското министерство за финансии е дека се работи за „измислени и бесрамни обвиненија“, „невидена и навредлива“ изјава, дека е во функција на претстајните избори во САД, па и во функција на претседателските избори во Русија, кои треба да се одржат во 2018 година. Дотогаш да се оцрнува Путин. Со изјавата на Шубин, се согласуваат и од администрацијата на Барак Обама. Оттаму додаваат дека „изјавата најдобро го отсликува ставот на администрацијата на американскиот претседател“. За корупцијата во Русија е пишувано многу. Корупцијата отсекогаш била еден од постојаните и најболните  внатрешни проблеми во Русија. Дури има и една историска анегдота на таа тема. Во кореспонденција со еден свој сонародни на прашањето за тоа што се случува во Русија, познатиот историчар и писател Николај Карамзин одговорил :„Крадат, уште крадат“. Станува збор за преминот од 18 во 19 век. Истото ова важи и до ден денес. Неодамна дури и Путин на еден собир изјави дека корупцијата не се совладува на краток рок и дека борбата со неа е тешка. За коруптивните зделки на Путин се пишува и се зборува со години. Исто и за неговата поврзаност со разни мафијашки групи во Санкт Петербург. Но докази? Велат дека тој сите докази ги уништил, иако во некои филмови по тој повод соговорниците зборуваат дека имаат докази. Таков еден филм околу Нова година, а направен лани, беше прикажан и на социјалните мрежи во Русија. Очигледно атаката на Путин почнува со неговото лично оцрнување. Втора работа која треба да удри врз него, е одлуката на американскиот Конгрес од неодамна, директорот на Националното разузнавање на САД Џејмс Клепер да спроведе истрага во однос на можното финансирање на европски политички партии. Во Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија и Австрија. Значи не очекува нова сторија: Како Путин тајно ги финансира десните партии во Европската Унија. За воља на вистината, Националниот фронт на Марин Ле Пен пред повеќе од една година зела кредит од девет милиони евра од Првата чешко-руска банка, што предизвика многу врева во јавноста. Неодамна во Лондон се сретнаа британскиот премиер Дејвид Камерон и германската канцеларка Ангела Меркел. Во јавноста тогаш беше соопштено дека таа на Британците им предала некои „тајни“ документи поврзани со Русија! Ќе бидат ли искористени за трет бран напади? Кој знае што уште подготвува Западот? Од 12 до 14 февруари годинава во Минхен треба да се одржи Меѓународната конференција за безбедност. Нејзините организатори се надеваат дека Путин ќе учествува на неа. Претседателот на конференцијата, Волфганг Ишингер, смета дека „на учесниците ќе им биде многу интересно да ги слушнат личните искажувања на рускиот претседател кои се однесуваат на политиката на Москва во поглед на Украина и Сирија, бидејќи сите решенија ги носи тој“.  Последен пат Путин беше во Минхен во 2007 година и сите останаа подзинати по неговите зборови за новата безбедносна архитектура. Тој тогаш отворено ја критикуваше американската монополска доминација во глобалните односи и претераната употреба на сила во меѓународните односи. Зборуваше и за потребата од рамноправно партнерство. За тоа дека за современиот свет моделот на еднополарност не само што не е прифатлив, туку е  и невозможен. „Русија е земја со над илјада годишна историја и практично секогаш ја користеше привилегијата да води независна надворешна политика. Ние немаме намера денес да ја промениме таа традиција’ рече тогаш Путин. Неговиот настап предизвика голем одглас во светското општество, а некои политолози го нарекоа почеток на нова студена војна. Атаците врз Путин, обидите за негово оцрнување и изолација, во крајна линија, го наметнуваат прашањето дали тоа значи дека никој не би сакал да се поздравува со „корумпиран“ политичар, згора на тоа осомничен за „ соучество во убиство“? Како, пак, тогаш да се сфатат повиците за продлабочување на дијалогот со Русија околу Сирија, или невозможноста за решавање на украинската криза без Русија, или за враќањето на Русија во Г-8 или за што побрзо активирање на Советот НАТО-Русија? Ако Путин е Русија, како што тврдат на Запад, тогаш ништо од ова не е можно да се направи без него. Некои аналитичари деновиве напишаа дека стратешка цел на Американците е „Русија без Путин“. Барак Обама, повеќе е од јасно, нема да ја реализира оваа цел. Путин ќе го дочека новиот американски претседател. Руските претседателски избори се во 2018 година, а Путин сигурно ќе побара од избирачите уште еден мандат. И уште седум долги години ќе им стојат на располагање за реализирање на таа цел. А дотогаш можеби ќе се случат мноштво други работи. Дури и полоши од она што го имаме сега во меѓународните односи. Во таков случај не е на одмет прашањето, дали е подобро да го имаш Путин за сојузник или за непријател. Прашање кое често си го поставувале западните лидери во однос на Сталин за време на Втората светска војна. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина