28 Септември, 2020
0.0529

ЗАЕВ ВО ЛОНДОН РАМО ДО РАМО СО ЛИДЕРИТЕ НА НАТО - шампањското за членство зависи од Мадрид

Објавено во: Македонија 03 Декември, 2019

Прво на прием во Бакингемската палата кај кралицата Елизабета, а потоа и на вечера со британскиот премиер Борис Џонсон. Премиерот Зоран Заев ќе седи рамо до рамо со лидерите на земјите членки на НАТО на Самитот во Лондон, на кој ќе се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Владата вчера соопшти дека премиерот ќе ја предводи делегацијата на земјава на состанокот на лидерите на НАТО , во чиј состав се и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

„Централно место во програмата е состанокот на Северноатлантскиот совет на шефовите на држави и влади во среда на 4 декември, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, откако во февруари годинава беше потпишан Протоколот за членство“, информираа од владината прес служба. 

Кога земјава го склучи Преспанскиот договор во јуни лани, се појавија оптимистички очекувања дека токму на јубилејниот, декемвриски самит, Северна Македонија ќе биде инаугурирана како полноправна членка во Алијансата. Сепак, во Лондон нашите претставници нема да го “отворат шампањското“ како круна на официјален прием, поради што се промени името и Уставот на земјава.

Пред околу шест месеци, премиерот Зоран Заев и Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, со гордост и силен оптимизам покажуваа каде ќе биде местото на Северна Македонија на мапата на НАТО, рамноправно со сите други полноправни членки.

Но, како се компликуваа политичките состојби во Шпанија, стануваше се поизвесно дека декемврискиот самит во Лондон нема да се стигне, па тој нема да биде во знакот на прием на Северна Македонија. 

Од Владата, пак, за Фактор, тврдат дека нашето полноправно членство никогаш и не било поврзано со одржувањето на декемврискиот самит, туку со ратификацијата на протоколот во сите земји членки на Алијансата.

Не е воопшто точно дека нашето полноправно членство во НАТО е поврзано со одржувањето на овој Самит. Ние сме на пат да станеме полноправна членка и тоа ќе го постигнеме кога ќе заврши административната процедура на ратификација на Протоколот за полноправно членство во НАТО во сите земји членки на Алијансата, и потоа и во нашата држава“, вели за Фактор Дане Талески, кој ја врши функцијата национален координатор на НАТО, и е советник на премиерот Зоран Заев за надворешна политика.

Во моментов, ратификацијата на протоколот е завршена во 28 од 29 земји членки, останува единствено уште Шпанија. Шпанскиот парламент, објаснува Талески, ќе го ратификува Протоколот согласно со нивните национални правила и процедури, кога ќе се создадат услови за тоа. За Шпанија, вели тој, е неблагодарно да се прогнозира кога ќе заврши постапката. Тоа, според Талески, требаше да се случи одамна. 

Најновите информации говорат дека во Мадрид влада би можела да биде формирана во наредниот период пред Нова Година, а Протоколот да биде ратификуван во јануари. Тоа, остава простор нашиот Парламент како последен да си ја заврши работата пред да биде распуштен. 

„Нашето членство не е поврзано со ниту еден Самит или состанок, нема потреба од никаква дополнителна одлука, единствено што е потребно е да заврши оваа постапка со ратификациите. Што значи дека 100 отсто е гарантирано дека ние ќе бидеме следната, 30-та членка на НАТО“, потенцира националниот координатор за НАТО. 

Поканата за НАТО земјава ја доби уште во јули минатата година, кога беше затворен спорот за името со Грција. А, оттогаш нашата Мисија и нашите дипломати веќе учествуваат на сите работни состаноци на НАТО. Министрите Шекеринска и Димитров беа присутни на последниот Министерскиот состанок на НАТО, како потврда дека нашата практично се третира како рамноправна.

За тоа, пак, кога ќе се пополни и местотото веќе резервирано за Северна Македонија на Мапата на НАТО, кое се наоѓа на влезот во Централата на Алијансата, каде што има и инфо ѕид за историјата и развојот на НАТО, Талески нема прецизна информација. „Во одреден момент ќе одбележат кога сме станале полноправна членка на НАТО. Тоа е споделена историја наша и на НАТО, но кога ќе го направат тоа, не би можел да кажам“, вели Талески.

Дека земјава е добредојдена во Алијансата, покажа и твитер објавата на Државниот секретр на САД, Мајк Помпео. „Задоволство ми е да објавам дека САД ja депонираа ратификацијата на Протоколот за приклучување на Северна Македонија во НАТО. Тоа е еден чекор плус за да ја поздравиме како 30 членка на Алијансата“, напиша Помпео на својот Твитер налог. 

Како јасно подадена рака кон земјава се смета и фактот што во Завршната декларација од Самитот во посебен параграф е предвидено да стои дека земјата е добредојдена како 30-та членка. 

И, она на што особено се израдуваа владините челници е што македонското знаме во Лондон веќе се вее заедно со знамињата на другите земји членки. „Гордост! Знамето на нашата татковина кренато на јарбол во Лондон, во пресрет на самитот на НАТО. Заедно со останатите 29 членки. Вредеше!“, напиша таа на својот фејсбук профил.

Инаку, во земјава не постои согласност дали Собранието во време на избори може да го ратификува Протоколот. Спикерот Талат Џафери неодамна рече дека останува на ставот оти откако ќе биде распуштен, Парламентот не треба да се свикува за евентуално ратификување на Протоколот за членство. Ако, пак, ратификацијата во Шпанија се случи во изборниот период, според Џафери, Протоколот ќе биде ратификуван по завршување на изборите и конституирање на новиот парламентарен состав. 

Наспроти ова, министерката за одбрана, пак, Радмила Шекеринска, во последниот свој јавен настап, остави простор за можно одлагање на предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април, во зависност од тоа кога Шпанија ќе може да го ратификува Протоколот. Во интервју за „360 Степени“, таа рече дека таа опција засега не се дебатира, но не е целосно исклучена.

„Во моментот кога ќе ги имаме сите податоци, тогаш треба да носиме одлуки. Се помеѓу ќе биде шпекулирање – што би било кога би било. Прв приоритет ни е тоа што тешко го спечаливме да не го испуштиме од рака. На сите членки на НАТО им се јавувавме, ги молевме по специјални процедури да забрзаат со ратификациите и неодговорно ќе биде тогаш кога топката ќе прејде на наша страна од теренот, ние да кажеме: сега сме ние на пауза три-четири месеци“, нагласи министерката.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПОСВЕТЕНО РАБОТИ НА ВИДЕО ЛЕКЦИИ: Наставничка од Тетово е убедена дека со ентузијазам и труд ќе имаме успешно онлајн учење

ПОСВЕТЕНО РАБОТИ НА ВИДЕО ЛЕКЦИИ: Наставничка од Тетово е убедена дека со ентузијазам и труд ќе имаме успешно онлајн учење

Пред самиот старт на учебната година наставниците порачуваат: Нема да биде се идеално, но ќе дадеме максимум за да ја реализираме наставата

Пред самиот старт на учебната година наставниците порачуваат: Нема да биде се идеално, но ќе дадеме максимум за да ја реализираме наставата

Единствен во Македонија: Во овој град нема активни случаи на заболени од Ковид-19

Единствен во Македонија: Во овој град нема активни случаи на заболени од Ковид-19

Трагедија: Шестгодишно дете од Крушопек починало од струен удар

Трагедија: Шестгодишно дете од Крушопек починало од струен удар

Заев и Борисов разговарале телефонски: Историските комисии да најдат решенија прифатливи за сите

Заев и Борисов разговарале телефонски: Историските комисии да најдат решенија прифатливи за сите

МВР потврди: Лекар нападнал лекар во кумановската болница

МВР потврди: Лекар нападнал лекар во кумановската болница

Последен биланс: Тројца починале, повеќе од 10 отсто од тестираните се позитивни

Последен биланс: Тројца починале, повеќе од 10 отсто од тестираните се позитивни

Грантови за туристички агенции, игротеките и рестораните за свадби

Грантови за туристички агенции, игротеките и рестораните за свадби

(ФОТО) Невремето оштети плажа во Охрид

(ФОТО) Невремето оштети плажа во Охрид