Вучиќ го брани Живаљевиќ?
Објавено во: Балкан 25 Мај, 2017
Српскиот премиер Александар Вучиќ, вчера во Брисел на новинарско прашање за присуството на претставник на српската разузнавачка служба БИА во настаните во Собранието на 27 април, изјави дека тој не направил било какво кривично дело и не учествувал во организирањето на насилството.
Вучиќ вели дека „негова работа е да известува од земјата“. Мандатарот Зоран Заев по заедничката средба рече дека не разговарале на оваа тема.
Вучиќ за српските медиуми изјавил дека мандатарот и иден премиер на Македонија, Зоран Заев, по неколкуте несогласувања кои ги имаа по изјавите на лидерот на СДСМ дека во Србија има националистичко раководство, покажал иницијатива, дека му пришол и бил многу коректен.
Вучиќ не даде детали за разговорот со Заев и нагласи дека сака добри односи со Македонија и дека е уверен дека ќе ги има.
Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада во Скопје, за време на инцидентите бил внатре во Собранието, објави истражувачкиот тим на телевизија Телма.