06 Мај, 2024
0.0245

Време е да се затегнат вентилите

Објавено во: Економија, Колумни 20 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Обидите за објективно опсервирање на состојбата во земјата во многу случаи се попречени, затоа што власта ги крие клучните податоци од граѓаните. Со години нема комплетни, неоспорувани, податоци за државниот долг, за бројот на државната администрација, ниту можат поединечно да се приберат инфромации за тоа колку чинеле одделни проекти. Навистина „фасцинатно“, со оглед на законските обврски за известување и отчетност во трошењето на буџетските средства. Долго се мислеше дека власта е премногу зафатена со реализацијата на илјадниците проекти ветени на гласачите, па поради тоа не посветува внимание на формално- правната страна   на своето работење и на работењето  на нејзините институции. Важно беше  да се гради. Ниту се даваше, ниту некој бараше отчет за износот на потрошените средства за реализацијата на проектите. Власта се задоволуваше „со сечење ленти“ , а граѓаните, со бројноста на проектите почнуваји од трите врби  на Вардар, преку барокните фасади, спомениците итн. „Ударничката работа“ на уредувањето на  главниот град привршува, а се‘ уште нема отчет колку пари се потрошени, со цел да се симнат сомневањата за неоправдано прелевање на значајни средства во приватни џепови, во фирми лоцирани на тропските острови. Имено, обврската за известување стана мртва буква на хартија. Проблеми во известувањето на јавноста има  во сите владини институции.   Многу од нив не доставуваат ниту годишни извештаи за нивното работење, а ако доставуваат  се нецелосни за да може и  да се оцени ефикасноста во нивното работење. За прв пат на овој проблем сериозно укажа опозицијата при донесувањето на буџетот за 2013 година. Но, тогаш  пратениците беа насилно извлечени од парламентот, за да може буџетот да се донесе како што го предложила владата, со дефицит од 288 милиони евра. Со тоа заврши борбата за поголем буџет и буџетски дефицит по желба на власта.   Почна реализацијата на илјадниците проекти. Меѓутоа, никој не се осврна, за да види како тоа се одрази  врз растот. Ни власта  не  направи обид скандалот да се оправда  барем со повисоки стапки на раст на стопанството. Но, податоците не и‘ одеа во прилог. Во 2010 година, на пример,  беше остварена повисока стапка на економски раст со   70% помал буџетски дефицит. Немаше подобар пример од тоа дека растот не зависи само од зголемувањето на средствата на буџетот, туку од ефикасноста во нивното користење, вклучувајќи го притоа вистинскиот избор на приоритети.  Каде отидоа средствата од порастот на буџетските дефицити? Што се случи со зголемениот обем? Зарем е можно нивното користење да не се почувствува   во  стандардот на населението, бидејќи степенот на сиромаштија  остана меѓу највисоките во Европа. Да појасниме. Во 2015 година буџетската потрошувачка е планирана на ниво од околу 3 милијарди евра, а во 2006 година изнесуваше само 1,7 милијарди евра. Тоа значи дека буџетските расходи  во споменатиот период се зголемиле за над 6,6 милијарди евра. Тоа се значајни средства за развој, а динамиката на раст изостана. Никој не се обидува да објасни што се финансирало со нив, а остварените стапки на раст на БДП не го оправдуваат трошењето. Замислете!  И покрај огромниот пораст на буџетска потрошувачка Македонија не ги повтори стапките на раст од 5,1% и 6,5% остварени во 2006 и 2007 година кога буџетите изнесуваа околу 1,7 милијарди долари. Во истовреме, бидејќи приходите на буџетот растеа со побавно темпо од расходите, буџетскиот дефицит од година во година се зголемуваше. До 2015 година износите на буџетските дефицити  ја надминуваат вредноста од 1,8 милијарди евра. Без поцелосна анализа на трошењето на буџетските средства, не можат да се отстранат сомневањата за нивно непродуктивно и нерационално трошење, да не речам, дури и незаконско со оглед на индициите кои постојат за користење на државни ресурси за партиски интереси. Сомневањата уште повеќе ги подгреа министерот за финансии со презентираниот разговор во материјалите од прислушувањето што ги објавува опозицијата. Тој ни за донација од 20 милиони евра не бил подготвен на донаторот да му овозможи увид во трошењето на тие средства, а со тоа и на вкупното буџетско трошење. Само тој знае какви тајни се кријат во сметките кои други не смеат да ги видат, а ние можеме да претпоставуваме. На пример, колкави се достасаните, а неплатени обврски кон доверителите итн. Секое криење на инфромации од овој домен, е потврда на тезата дека во сегментот на трошењето на народните пари ни се  случуваат „матни работи“. Незабележителните ефекти од зголемената буџетска потрошувачка  само ги засилуваат сомневањата дека буџетските средства се предмет на незаконско приватно присвојување на сите нивоа на трошење на средствата. Една од поексплоатираните шеми е  договарање на неколкукратно повисоки цени од пазарните за определена надокнада. Добар дел од овие надокнади и провизии   се употребуваат во земјата и придонесуваат  за ублажување на социјалните тензии, а добар дел од нив се одливаат и во странство.  Затоа не е далеку од вистината проценката според која од Македонија се  одливаат  над 400 милиони евра годишно во земјите даночни раеви. Ако се има предвид дека овие средства се доволни да се остварат стапки на раст од 2-3%, очигледно е дека растот што ни недостасува,  истекува од земјата.  Крајно време е вентилите да се затегнат. За граѓаните се работи! Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

КОНКУРЕНТСКИТЕ ВИ ГИГАНТИ ГИ ВОДАТ ЛУЃЕ КОИ СЕ РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ ОД ДЕТСТВОТО - еве како сѐ почна

КОНКУРЕНТСКИТЕ ВИ ГИГАНТИ ГИ ВОДАТ ЛУЃЕ КОИ СЕ РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ ОД ДЕТСТВОТО - еве како сѐ почна

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК