08 Мај, 2024
0.0245

Во судирот на концепти не помага козметика!

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве  се покажа дека студентските протести биле навистина моќни. Дијалогот кој не можеше да се воспостави со години меѓу власта и универзитетската заедница, веќе полека, барем на зборови, се отвора како можност. Додека студентите ги „окупираат“ универзитетските институции,  барајќи темелна реформа на високото образование, а не парцијални и козметички потези, од ресорното министерство ја поздравија одлуката на УКИМ да формира работна група и објавија дека ја прифаќаат иницијативата од почетоков на неделава  да почнат со преговори . Исти средби се планира да се организираат и со другите универзитети. Министерот Адеми веќе вети дека работните групи заеднички ќе одлучат дали има потреба за носење нов закон или само измена и дополнувања на актуелниот закон. Тука министерот свесно ја превзема улогата на еден од главните ликови во филмот „Глупавиот и поглупавиот“. Се поставува да менаџира ситуација од позиција ништо не му е јасно, па му е јасно, па помалку му е јасно, за да сеуште не разбере точно што бара  насобраната  „багра“ по факултетите. А,  студентите експлицитно побараа повлекување на законското решение ,а не варијации на тема на неодамна брзоплето донесениот закон.  Адеми , во манирот на строг министер кој се крижи за квалитетот, стави до знаење дека власта нема да се повлече од појаки критериуми за професорите и дека нема да се повлече од контролни механизми за проверка на знаењата на студентите. Демек порано (пред 20 години кога немаше епидемија од реформи ) професорите беа послаби , а студентите излегуваа понеквалитетно едуцирани. Се му е јасно на Адеми, но улогата веќе ја игра. Ако се знае дека студентите и професорите инсистираат на донесување на нов закон за високо образование станува јасно дека дискусии ќе има, меѓутоа, од најавите се гледа дека појдовните позиции се спротивставени, а  работните групи тешко ќе можат да го направат усогласувањето, ако не е на штета на студентските барања. Министерот  е подготвен да разговара  за „унапредување на пакетот реформи во високото образование“, чии решенија беа повод за отпочнување на студентските протести, а студентите, поддржани од професорите, во протестите побараа зачувување и унапредување на автономијата на универзитетите и напуштање на сите решенија кои ја загрозуваат или доведуваат во прашање. Судирот на концепциите се виде уште од самото донесување на измените на Законот за високо образование на  почетокот на  годинава кога беше востановено одржување на државен испит по втората и четвртата година на студиите, без чие положување, студентите, иако ги положиле сите испити, можат да останат без диплома доколку не го положат и државниот испит. Тоа е флагрантно нарушување на автономијата на универзитетот, сметаат  студентите и професорите, се разбира, не и оние 200 кои, како по нарачка, без аргументи, на отворено, го поддржаа предлогот на владата. Несмеат да се мешаат баби и жаби. Надворешното оценување на дипломираните студенти нема врска со намерата да се унапреди квалитетот на високо образованите лица. Квалитетот се остварува на факултетите, но за да се подобри, неопходно е радикално да се подобри материјално финансиската состојба на универзитетите, за да се овозможат основните претпоставки за остварување на поквалитетна настава и студирање. Најмалку е потребно  владиниот партизиран апаратчик да врши контрола на квалитетот во највисокиот образовен систем во државата. Дека ќе има проблеми во дијалогот зборува и тоа што владата под притисок на студентските барања неодамна изврши и измена на јануарските  измени во законот, а притоа не се откажа од критикуваните решенија, туку само времено го одложи нивното спроведување. Државниот испит се одложи за една година,  за 2018 наместо 2017 година. Беше направена и отстапка спрема професорите. За две години е одложена обврската за изработка на научни трудови во списанија со импакт фактор (иако тоа не се оспорува од професорите, бидејќи постои и во важечкиот закон). Имајќи го сево ова предвид мали се надежите за пресврт во унапредувањето на универзитетското образование во Македонија, особено ако универзитетската група ја занемари обврската за изготвување на нов закон. Пресвртот не се прави со „унапредување на пакетот реформски закони за високото образование“ дури и кога би се укинале одредбите кои сега се „дадени“ како отстапки за да се смират протестите. За пресврт е потребна сериозна анализа на состојбите во универзитетското образование во која би се идентификувале клучните проблеми и за нив би се барале  соодветни решенија, во согласност со достигнатото ниво на развој  на земјата и потребата за остварување на подолгорочен одржлив развој. Не помагаат никакви козметики, особено не кога е очигледна намерата за шминкање, а не за вистински зафати во сферата на образованието. Во овој контекст „поздравот“ од  МОН на потезот од УКИМ е знак за продолжување на импровизациите во областа на високото образование, со нови манипулации. А тоа не води никаде. Најмалку, во подигање на стандардите за квалитет во високото образование. Останува да се надеваме дека од продолжување на протестите на студентите власта ќе сфати дека јануарското решение беше прзоплето (политикантско), а неговите февруарски измени отстапки без значење.  Затоа е неопходно тие да се отповикаат и сериозно да се пристапи кон изготвување на нов закон за високо образование. Сите други потези се класично политикански и претставуваат купување на време од страна на власта,  односно можност за пазарење со незадоволството на народот кое допрва ќе се зголемува. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина