Во Европа ќе се вратат до 5000 џихадисти од Сирија и Ирак?
Објавено во: Свет 14 Ноември, 2016
Европските служби за безбедност го очекуваат враќањето на три до пет илјади џихадисти од фронтот во Сирија и Ирак.
Ова го соопшти белгискиот министер за внатрешни работи, Јан Јамбол.
Министерот прецизира дека враќањето на терористите, кои се приклучија кон „Исламска држава" (ИД), е поврзано со напредувањето на меѓународната коалиција. Според неговите зборови ИД ја менува тактиката и наместо да издава наредби, ги охрабрува своите следбеници да дејствуваат по своја дискреција.
Според зборовите на Јамбол, освен во Брисел, ИД има приврзаници и во Шарлаороа - град на 70 километри јужно од главниот град. Досега 170 белгиски џихадисти се вратиле дома, половина се во затвор, а останатите се ставени под надзор.
Белгиските медиуми јавуваат денеска дека од следната година на меѓународните железнички станици во Брисел, Антверпен и Лиеж ќе бидат воведени скенери за багажот на патниците за проверки како на аеродромите. Првично мерките ќе бидат насочени кон обезбедување на меѓународните возови меѓу Белгија, Велика Британија, Франција и Холандија.