Владата ја стопирала државната помош, па во АД Пошта тргнале да се задолжуваат со кредити
Објавено во: Економија 14 Октомври, 2024 07:50
Владата минатата година не одобрила државна помош, но АД Пошта нашла начин како да ги покрива дупките - да се задолжува. Во објавениот ревизорски извештај на интернет-страницата на „Македонска берза“ пишува дека националниот давател на универзална поштенска услуга се задолжил краткорочно на една година со 3 милиони евра.
Во 2021 Владата обезбеди државна помош од неповратни 1,5 милиони евра за „Пошта“ за да ја надмине кризната ситуација, а во 2022 на сметката на акционерското друштво во државна сопственост биле префрлени 2 милиони евра. Но во текот на минатата година било одлучено ова претпријатие само да се снаоѓа со ситуацијата, така што АД Пошта решило да позајмува 120 милиони денари од Халк Банка и 100 милиони денари од МЕПСО.
- Друштвото има искористено краткорочен кредит од Халк Банка АД Скопје, во износ од 119.650 илјади МКД, со фиксна каматна стапка од 4,8 отсто и рок на враќање април 2024 година. Кредитот е обезбеден со меница.
Друштвото има искористено краткорочен заем од АД за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем во државна сопственост, АД МЕПСО Скопје, во износ од 100.000 илјади МКД со фиксна каматна стапка од 6 отсто и рок на враќање најдоцна до 20.06.2024 година. Кредитот е обезбеден со меница, пишува во ревизорскиот извештај.
Загубата на крајот на годината била 2,2 милиони евра. Претходната година исто така беше завршена со загуба од 3,7 милиони евра. Министерот за транспорт Александар Николоски летоска веќе информираше дека Пошта има долг од околу 10 милиони евра со подигнување на, како што рече, лихварски кредити.
Вицепремиерот најави анализа на состојбата и помош од буџетот за да се најде решение за проблемите во кои се наоѓа ова друштво како и двете железнички претпријатија. Николоски побара интервенција на истражните органи за злоупотреба на средства во овие три фирми, но досега нема информација дали има некакви наоди.
АД Пошта и натаму е доминантен учесник во обемот на поштенски пратки. Според податоците на Агенцијата за пошти, во првото полугодие од 2023 универзалниот давател на услугата испорачал 13.743.340 пратки, додека вкупниот резултат на останатите оператори од слободниот пазар е 4.428.898 писма и пакети.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји




