Владата ги скрати парите за „Бехтел и Енка“ од 250 на 67 милиони евра
Објавено во: Економија 18 Октомври, 2024 11:02
Владата на една од последните седници ги скрати парите за оваа година од проектот на „Бехтел и Енка“ за автопатските делници од Коридор 8 и Коридор 10Д од предвидените 250 милиони на само 67 милиони евра
Толку пари ќе добие Јавното претпријатие „Државни патишта“ како инвеститор во останатиот дел од годината за изградбата на делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола со измената на Програмата за финансирање.
Во точката во која се прикажува вкупниот износ за годинешното финансирање на проектот, износот 15.100.000.000, се заменува со износот 4.100.000.000 денари. Засега не е познато дали американско-турскиот изведувач во текот на оваа година добил извесна сума од минатогопдишната програма, кога за оваа намена на ЈП „Државни патишта“ му беа префрлени вкупно 250 милиони евра.
Конзорциумот „Бехтел и Енка“ добил исплата на само еден аванс минатата година од државата. Ова го пишува во ревизорскиот извештрај на ЈП Државни патишта за 2023, каде стои дека изведувачот на автопатиштата од проектот Коридор 8 и Коридор 10Д бил исплатен само со почетен аванс од 50 милиони евра, односно 3,074,750 денари. Останатите пари од оние околу 250 милиони евра што Министерството за транспорт и врски тогаш му ги исплаќаше на „Државни патишта“ за овој проект, останале на сметката на јавното претпријатие без да се префрлат кај „Бехтел и Енка“.
Практично, американско-турскиот конзорциум минатата година работел само со овие почетни 50 милиони евра, а прашање е и дали со толку, бидејќи околу 20 милиони евра се пријавените приходи во билансот на работењето на „Бехтел и Енка“ во Македонија за минатата година кога и започна реализацијата на договорот што беше озаконет во Собранието, но остана тајна за јавноста.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во август годинава рече дека на „Бехтел и Енка“ нема повеќе да му се плаќа авансно. Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.
– Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знаете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки – рече Димитриеска-Кочоска. Таа додаде дека за следната годината за овој проект ќе бидат планирани 250 милиони евра и дека веќе се работи на тоа проектот да почне да се реализира, да се гради и да се плаќа врз основа на завршени работи и ситуации.
Проекциите се дека целиот договор ќе чини 1,3 милијарди евра. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска летоска рече дека проектот на „Бехтел и Енка“ ќе продолжи да биде финансиран со дел од унгарскиот заем од милијарда евра. Инаку Владата тогаш, во време додека се правеше ребаланс на буџетот, го укина заклучокот на кој параф ставил Талат Џафери како технички премиер на 13 јуни, на само десет дена пред крајот на неговиот мандат. Со него турско-американскиот конзорциум пред време требаше да добие четврт милијарда евра. Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека парите не биле планирани и не биле обезбедени во Буџетот.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




